Како ние со родителите, така нашите деца со нас

Си била еднаш некоја немоќна старица, која се префрлила да живее со синот, снаата и малата внука, кога нејзиниот сакан сопруг се упокоил. Но староста ѝ била тешка и со секој ден нејзиниот слух и вид сè повеќе се влошувале. Понекогаш рацете толку ѝ се треселе, што за време на оброците храната ѝ паѓала од лажицата и честопати го истурала чајот по масата. Синот и снаата биле беспомошни и ги нервирал нередот што бабичката го правела. И еден ден рекле – што е многу, многу е, па за неа поставиле мала масичка во ќошот покрај метлите за таму да си ги јаде своите оброци.

И додека таму јадела, таа со солзи во очите ги гледала од другиот крај на собата, сакајќи барем малку внимание, но тие речиси и не разговарале со неа, освен што ја прекорувале, кога ќе ѝ паднела лажицата или вилушката.

Една вечер, токму пред вечерата, нивната мала ќеркичка седела на подот, играјќи си со коцките.

„Што правиш?“ – ја прашал таткото со сериозен глас.

„Правам мала масичка за тебе и мама“ – одговорила таа, „За да можете и вие да јадете сами во ќошот, кога ќе бидам голема“.

Таткото и мајката занемеле и тоа се чинело како цела вечност. А потоа почнале да плачат. Во тој миг тие станале свесни за она што го правеле и колку болка предизвикале. Уште истата вечер ја вратиле старичката на нејзиното вистинско место на големата маса и од тој ден таа секогаш јадела со нив. И кога парче храна ќе паднело на масата или вилушката ќе се лизнела на под, веќе како да не било битно и никој повеќе не го забележувал тоа.