Најголемиот подарок за сестрата

Еден златар си седеше во својата продавница и преку излогот ги гледаше минувачите. Некое мало девојче се приближи до продавницата и го прилепи своето носе за стаклото на излогот. Небесно сините очиња радосно заблескаа, кога здогледаа нешто во излогот.

Решително влезе и со прстето покажа кон ѓерданот од син тиркизен камен.

-Ова е за сестра ми. Ќе може ли да ми го спакувате како за подарок?

Трговецот со запрепастен поглед го праша девојчето:

-А имаш ли пари?

Таа се подигна на прсти, и стави на масата лимена кутија, вешто ја отвори и испразни. Во неа имаше неколку помали книжни пари, рака ситни монети, неколку школки и мали фигури.

-Ќе биде ли доволно? – праша таа радосно. Знаете, сакам на сестра ми да ѝ купам подарок. Откако мама ја нема, таа ги презеде сите работи и нема ни трошка време за себе. А денес ѝ е роденден. Сигурна сум дека дарот многу ќе ја израдува. Нејзините очи се исти како овој скапоцен камен.

Златарот влезе во другата просторија и со убава златно-црвена хартија внимателно ја завитка кутијата.

-Еве земи и внимавај да не ти падне – му рече тој на девојчето.

Таа си го зеде убаво завитканото пакетче и гордо, како да носи победнички пехар, излезе од продавницата.

По еден час во продавницата влезе прекрасна девојка со долга коса и необично сини очи. Ја стави кутијата што златарот ја имаше внимателно завиткано и го праша:

-Овој ѓердан е купен во вашата продавница?

-Да, госпоѓице.

-А колку чини?

-Во мојата продавница цените се прашање на доверба. Тие се само меѓу мене и моите муштерии.

-Ама сестра ми имаше само нешто ситно! Сигурно не можела да плати толку вреден ѓердан!

Златарот ја затвори кутијата, ја завитка и ѝ ја врати на девојката.

-Сестра ви ја плати највисоката цена: даде сѐ што имаше.