Што во животот ставаме на прво место?

Еден професор влегол во амфитеатарот носејќи ранец, кој го положил на катедрата и своето предавање го започнал со прашањето:

„Што во животот ставаме на прво место, односно што ни е најважно?“

Додека студентите размислувале како да одговорат, професорот на катедрата ставил голема празна тегла и ја наполнил со тениски топчиња. Потоа им ја покажал теглата на студентите и ги прашал дали е полна. Помалку зачудени од прашањето, студентите одговориле потврдно. Потоа професорот во теглата истурил ситни камчиња, кои се истркалале во празните простори меѓу топчињата. Повторно прашал дали теглата е полна. Студентите одговориле дека е.

Тогаш професорот од големото ќесе истурил во теглата песок. Песокот ги пополнил празнините помеѓу топчињата и камчињата. И повторно ги прашал студентите дали теглата е полна. Студентите потврдиле, обидувајќи се да сфатат што всушност професорот сакал да им каже.

Тогаш професорот извадил две пластични затворени чаши полни со кафе, кои ги истурил во теглата. Кафето го натопило песокот. Студентите се насмеале. „А сега?“, прашал професорот додека се смирувала смеата на студентите.

„Драги колеги, сакав на сликовит начин да ви прикажам што во животот треба да има приоритет. Замислете дека оваа тегла е вашиот живот. Тениските топчиња се најважните нешта во животот, а тоа се: семејството, верата, здравјето, децата… Затоа животот би имал смисла и би бил исполнет дури и кога ништо друго не би имало во него. Камчињата ги претставуваат важните работи, како што се: работата, куќата, колата и сл., а песокот се сите останати мали работи. Ако теглата најпрвин ја наполните со песок, во неа ќе нема место за тениските топчиња и камчиња. Исто е и во животот. Ако ги потрошите своето време и енергија на безначајни работи, никогаш нема да имате време за оние што се вистински важни.

Водете сметка за овие битни нешта: во недела одете во црква, играјте си со децата и поучувајте ги со својот личен пример. За сѐ разговарајте и договарајте се со брачниот другар. Поделете ги куќните обврски. Почитувајте и посетувајте ги родителите. Исклучете го телевизорот барем еден ден во неделата. Прочитајте добра книга. Секогаш може да се стигне да се исчисти домот и направат ситните поправки. Утврдете го редоследот на работите и што треба да има првенство. Најбитни се тениските топчиња – она што во животот е навистина важно. Не може да се стигне на сто места во исто време, ниту можат да се исполнат сите желби – ваши или туѓи. Не дозволувајте да ве затрупа песокот. Затоа внесете ред во својот живот“.

Една студентка прашала што претставува кафето. Професорот се насмеал. „Кафето го сипав за да ви покажам дека без разлика колку и да мислите дека животот ви е преисполнет со рокови и обврски, секогаш има место барем за едно кафе и разговор со драгите пријатели“.