1013

Формирање на новите етички критериуми – III дел

Човекољубивиот став на Црквата кон верниците не мора да значи напуштање или занемарување на апсолутниот карактер на евангелските должности и заповеди. Христовото Евангелие се објавува во светот, но не произлегува од светот и не мора да се прилагодува на неговите услови. Од друга страна, етичките и социјални проблеми директно се поврзани со местото и епохата на нивното пројавување. Општото и поединечното поставување наспроти нив задолжително зема облик на идеологија, која се оддалечува од секојдневната реалност и создава проблеми меѓу верниците, како и во нивните односи со светот.

Особен предизвик за христијанската етика е современата секуларизација, која ги зафаќа сите нивоа на човечкиот живот. Во постапката на секуларизација се поттикнува укинувањето на различноста меѓу луѓето, со што се оди кон поништување на личноста и рушење на етиката. Се предлагаат одредени воопштени, и во краен случај, безлични етички начела, кои создаваат лажно чувство на општествена симфонија во соочувањето со етичките проблеми. Ова особено се однесува на проблемите од областа на биоетиката, кои тежнеат да воспостават монопол над сите етички проблеми.

Вистината потребна за правилно сфаќање на етичките проблеми и правилно соочување со нив не произлегува од некакви бирократски процедури и активности, туку од самиот живот на Црквата. Особено правилниот однос на Помесните Цркви кон етичките проблеми, како и одговорното соочување на пастирите и верниците со нив, нуди елементи кои го збогатуваат црковното социјално искуство. Од друга страна, пак, искуството со кое располага Црквата како и нејзиното вековно Предание, претставува сигурна основа за хармонично сложување на емпириските елементи.

Православната Црква не познава безгрешни поединци ниту безгрешни групи на луѓе. Поради тоа и не донесува непогрешливи поединечни или групни одлуки. Непогрешлива е црковната свест која е раководена од Светиот Дух. Светото Писмо и Преданието на Црквата ни нудат основи и насоки за соочување со етичките проблеми.

Особено интересен дел на Светото Писмо е Декалогот на Стариот Завет, како и Господовата Беседа на гората која, меѓу другото, претставува и скица на законските одредби на христијанската етика, додека, пак, од црковното Предание произлегуваат догматите, свештените канони и поуките на Светиите. Многу поуспешно од било која стерилна книжевност или схоластицизмот, православната христијанска етика ги формулира основните етички начела за да би можела да ја усклади човековата слобода со неговиот живот. Во соочувањето со новопојавените проблеми постои продуктивен и редуктивен метод. Така, на пример, со примена на продуктивниот метод, можеме да заклучиме дека клонирањето, кое за последица го има денес многу актуелното катастрофално оплодување на јајце клетките, доаѓа во судир со заповедта „Не убивај“. Со примена на аналогни методи се заклучува дека хетерологното оплодување се судира со заповедта „Не прави прељуба“.

Оваа методологија е неопходна не само за соочување со новопојавените етички проблеми, како што се, пред сѐ, проблемите од областа на биоетиката, кои денес се појавуваат во нови облици и со дополнителни параметри, или проблемите во врска со социјалната правда, емигрантите, односот кон природната средина. Соочувањето со овие проблеми не би требало да биде непромислено или принудно. Уште повеќе: не би требало да биде диктирано од барањата на моќните.

Правилното соочување со етичките проблеми на нашата епоха предвидува сестрано информирање, систематско истражување, соработка и молитва. Овие елементи не можат да постојат само на ниво на црковното раководство. Без мобилизација и вреднување на сите потенцијали кои постојат во Црквата, без соработка на научниците, богословите, инженерите, политичарите, социјалните работници и сите фактори на општествениот живот не е можно одговорно и правилно соочување со проблемите на денешницата. Таков хендикеп е неоправдан во Православната Црква на овие простори, каде таа секогаш била тесно поврзана со народот.