1579

За идеологијата на едначењето

 

Најтешко е кога човек треба да се соочи со својата одговорност. Кога некој еден ден ќе се врати дома и ќе најде писмо на масата дека жена му жали, меѓутоа не гледа друг излез освен да го напушти; кога „детето“ заминало да поработи малку во странство, а еве всушност започнува да се јавува на телефон еднаш на чест месеци од некаква далечна наркоманска комуна (за пари, секако); кога не ти останува ништо друго освен да се кандидираш за пратеник за да креираш закони за другите таму каде што самиот си претрпел пораз…

Прв чекор кон предавството е да престанеш да ги нарекуваш работите со вистинското име. Кога Јуда Искариотски посегнал по ковчежето за доброволни прилози на апостолите, тој веројатно, не го нарекол тоа кражба, туку „одвојување на средства за некои мои легитимни и неодложни потреби“; кога, пак, Го предавал својот Учител на првосвештениците и книжниците, сигурно си се тешел со зборовите: „Единствениот начин најпосле да Го натерам да почне да дејствува како вистински Месија“. А зарем ние сме поразлични од Јуда во однос на гревот? Гревот кој носи име: неодговорност, пасивност, егоизам, малодушност, омраза…

Следниот чекор е многу полесен откако веќе сме го направиле првиот: престануваме да се бориме со злото во нас и надвор од нас. И како би можеле да се бориме со неидентификуван, неодреден противник, противник без карактеристики? Тоа е како да удираш тупаници налево и надесно околу себеси, во воздух, против некаков си невидлив непријател. „Не, нема никаква смисла!“ – сме си рекле одамна и сме се откажале од борбата, сме се предале уште пред битката вистински и да започне. Сме ги скрстиле рацете. Или уште полошо: сме си заминале, избегале од бојното поле. Сме оставиле некој друг да решава наместо нас. Јасно е каков ќе биде нашиот последен чекор: ќе примиме рамнодушно сѐ што ќе ни наложат; поразениот и онака не го прашуваат за мислењето и желбите.

Треба, сепак, да ни биде јасно какви ќе се последиците од нашето предавство, што всушност, сме примиле и со што ќе треба да се согласиме. Оти тие последици и те како ќе нѐ засегаат и нас самите, нашите семејства, деца, внуци. Еве само неколку елементи од социјалниот проект за чиешто остварување се борат идеолозите на едначењето:

-Од една страна на површината на социумот, „под рефлекторите“, да царува толерираната и озаконета сексуална распуштеност, која создава чувство на разнообразност, слобода и „седозволеност“, а од друга, длабоко внатре каде што е реалниот секојдневен живот, сѐ повеќе да се бришат дејствителните разлики – мали и големи, коишто го прават човекот човек, мажот маж, жената жена, а семејството семејство;

-Децата да бидат „просветувани“ со скверни брошури по сексуално воспитание уште од најрана возраст; секое дете да има не само право, туку и задолжително да знае како да блудствува и како да изјави „љубов“ на некој од истиот пол, доколку ненадејно почувствува неодолива потреба да го стори тоа; треба исто така да поверува дека исто толку е убаво да се има двајца „татковци“ или две „мајки“, како што е убаво да имаш само по еден татко и мајка;

-Дел од и онака оскудните државни ресурси да оди и за семејства кои ќе бидат такви само на име, наместо кон оние кои навистина се тоа.

Итн., итн., сѐ во тој ист дух. Треба да се признае дека ни Великиот инквизитор на Достоевски не би можел да измисли подобар социјален проект за промена на вредностите и за прикажувањето на ропството како слобода. Како и тоа, дека и ние значително сме допринеле за неговото реализирање.

Што да правиме ако веќе сме се предале? Да се вратиме уште денес на бојното поле, прво во нас самите, во нашите срца. Да го препознаеме гревот, да го наречеме со вистинското име, да го замразиме и напуштиме (ова функционира длабински и трајно само кога сме со Бога). И најпосле: да го возљубиме ближниот како себеси, колку и да е различен од нас, колку и да е грешен. Но таквото возљубување бара да се каже вистината, кротко, но и решително кога ни се налага тоа. Да ја „воплотиш“ во себеси, како што прави Христос.

Утре можеби ќе е веќе доцна за ваков почеток.

Превод од Бугарски јазик: сестринството од Рајчица