Уште од најрано детство задоен со силна љубов кон Бога, игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј, го започнува својот духовен пат во средното богословско училиште во Скопје. Потоа, воден од жедта за духовни знаења, го завршува и Теолошкиот факултет во Скопје.

Сепак, Божјата промисла сакаше уште понепосредно и подлабоко да се запознае со православниот духовен и монашки опит, доведувајќи го во манастирот Григоријат на Света Гора, каде престојува извесно време, под мудрото раководство на познатиот, сега веќе упокоен старец, блажениот Георгиј Капсанис. Наследувајќи го неговиот благослов, по враќањето во земјава, во 1995 година доаѓа во Бигорскиот манастир, каде, после подолг период на духовна замреност и материјална запустеност во времето на комунизмот, повторно го заживува монашкиот живот. Набрзо после примањето на монашки потстриг, истата година е ракоположен и за јероѓакон и јеромонах. Следната година е произведен за игумен, а во 1998 година е одликуван со граден крст со архимандритски чин.

Неуморно трудејќи се за благолепието на Божјиот храм, игумен Партениј целосно се вложува во светата мисија за враќање на некогашниот сјај и достоинството на Бигорското светилиште, со што го продолжува делото на неговите славни претходници. Како плод на таа негова посветеност и големи заложби, најпрвин во 2001 година потполно автентично е возобновен и духовно заживеан манастирскиот метох - женскиот манастир посветен на св. Георгиј Победоносец во Рајчица. Само две години подоцна, заедно со монашкото братство се зафаќа со комплексниот и доста амбициозен проект на целосна реконструкција на Долни палат во неговиот автентичен лик, конакот кој бил уништен во пожар во 1912 година. Неговиот труд е крунисан во 2006 година со свеченото осветување на едно импозантно здание од неколку ката, со прекрасна мијачка архитектура, збогатен со параклис посветен на Светото Благовештение, живописни чардаци и одаи. Со тоа е исполнет заветот кон старите бигорски игумени, но не и промислата на Создателот за понатамошно градење на Бигорското светилиште, кое сѐ повеќе светли и восхитува со својот раскошен лик. Игуменот предано се посветува на нов градителски потфат и во 2009 година, поради сплет на околности, вклучително и големиот пожар на Горни Палат, започнува градбата на нов конак, наречен Источен Палат. Ново раскошно здание со архитектура која плени, со параклис посветен на светиот Чудотворец Николај, уникатна книгохранителница, манастирска кула со часовник и зографска работилница, како и нови монашки ќелии за братството кое секојдневно се зголемува. Паралелно со ова се одвива и автентичната возобнова на опожарениот Горни Палат, под будното око на бигорскиот игумен, кој не допушта никакви отстапки од некогашната единствена архитектура на конакот што настрада во пожарот. По пет години на интензивно градење резултатите се видливи во препознатливиот лик на новиот конак кој го се надгради на старите ѕидови што го преживеаја огненото искушение. Во меѓувреме во тек се и новите градежни потфати – живописниот дрвен храм во руски стил, посветен на св. Серафим Саровски, прекрасната и разиграна архитектура на ростушкиот храм посветен на Успение на Пресвета Богородица и новиот скит „Св. Кирил и Методиј“ во Битуше, каде игуменот со својот визионерски дух подготвува катче за духовно образование на најмладите.

Сепак, со оглед на својата пожртвувана предаденост на светата должност на старец и раководител на душите, незаменлива е неговата улога во духовното будење на народот, особено на младината. Воспоставувајќи од самиот почеток богат богослужбен живот во манастирот, со редовни Литургии, како и воведувајќи го автентично источно византиско пеење, за чиешто повторно враќање во храмовите кај нас тој има големи заслуги, потоа раскошните и торжествени бденија за поголемите празници, особено благодатното и незаборавно духовно доживување на Христовото Воскресение, од пред неколку години збогатено и со пречекот на Благодатниот оган, архимандрит Партениј создава плодна почва за раѓањето во Христа на многу млади луѓе, кои во манастирот гледаат нова надеж и излез од бесмислата на современото постоење. Воден, пак, од Христовата љубов која ги вдахновува сите негови дела, безрезервно се предава на татковската грижа за духовно поправање и преуспевање на бројните свои чеда со постојани исповеди, поуки, советувања, при што посебно внимание им посветува токму на оние кои најдлабоко навлегле во светот на пороците и страстите, лекувајќи и ослободувајќи ги од страшното робување на гревот и смртта. Оваа своја нова мисија игумен Партениј ја гледа како послушание што му е дадено од самиот Лекар на душите и телата, Кој ги приведува овие несреќни млади души кон манастирските порти и ја предава во негови раце грижата за нив. Освен секојдневната грижа за душите, тој неретко се вклучува и во материјалното поддржување на сите оние кои животните прилики и неприлики ги поттикнале да ја побараат неговата помош, посредувајќи во социјалниот опстанок на цели семејства, школувањето на надарени студенти, и други општествено полезни проекти. Благодарение на таа своја милосрдна активност, добитник е на многу општествени признанија, како што е наградата на град Битола за животно дело „4-ти Ноември“, неколку грамоти од милосрдното здружение „Самарјанин“, наградите за личност на годината на повеќе неделници и интернет портали и др. Својата неуморна работа на полето на духовната евангелизација на народот ја закитува и со неколку општоцрковни проекти за промовирање на православните вредности, како што се организирање на трибини за актуелни духовни и општествени проблематики, издавање на духовна литература, уредување на манастирскиот сајт, и нешто што имаше голем позитивен одек во јавноста – организацијата на два велигденски концерти со избор на источно-византиски напеви од богослужбите на страсната седмица.

✤  ✤

„Љубовта кон Бога е најдобар лек за душата“

Интервју со Архимандрит Партениј за „Битолски Весник“ по повод наградата за животно дело „4ти Ноември

„Кога демоните ќе завладеат со душата“

 Интервју со о. Партениј за наркоманијата

✤  ✤

За егзорцизмот кај нас – интервју со отец Партениј 


„Најголемиот предизвик за монаштвото: Eвангелизацијата на народот“

✤  ✤

Младите гледаат спас во Христовата револуција

Интервју со отец Партениј, игумен на Бигорскиот манастир




Аудио
Аудио