Света славјаномакедонска Бигорска обител! Ти што секогаш се надеваш во милоста на Претечата, на брегот од реката што тече во живот вечен си однегувала прекрасно дрво на духовни старци и си се уподобила на градот што слегол од небесата, каде што Бог престојува со луѓето, отстранувајќи ја секоја солза од нивните очи! Да ликуваме затоа, браќа и сестри, Христа - Царот и нашиот Бог да Го воспеваме и Светата Владичица - Пречистата Дева да Ја прославиме, оти ни даруваа пристаниште за спасение и наставници свети - отците преподобни. И воздухот околу тебе, светињо наша, е исполнет со светост, и извори од исцеленија течат од чудотворната икона на Крстителот Господов и светите мошти негови, од чесниот Крст, од моштите на св. Јаков Брат Божји, св. Стефан, св. Харалампиј, св. Николај, св. Серафим и многу други светии.

Безбожниот комунистички мрак само за кратко го прекина текот на литургискиот живот, но по молитвите на славните отци Бигорски: Јован Дебарски, св. Прохор Охридски, преподобните Митрофан и Арсениј, Анатолиј и Партениј и сите останати, повторно воскресна домот на Претечата, собирајќи во себе ново монашко семејство. А оска околу која гравитира животот на монахот е непрестајната секојдневна молитва на богослужбите и манастирските послушанија. Молитвените пораки што се упатуваат кон Господа: „за небесен мир и за спасение на нашите души“, „за мир во целиот свет“, „за оние што пловат, патуваат, боледуваат, страдаат, што се заробени“, „за оние што нè љубат и нè мразат“, „за упокоение на душите на починатите“ и за целиот „христољубив народ наш“ - се, секако, најдрагоцениот дар од манастирот за нашето општество.

Но не помала е и неговата улога во мисијата за духовно просветување на овој народ. Зашто благодарение на гостопримството, пожртвуваноста, разбирањето и љубовта на монасите, Бигорскиот манастир стана духовен дом на многу богољубиви души, зелена оаза во духовната пустина на огревовениот свет. Овде, во оваа духовна оаза, според преданието на светата Црква, се извршуваат сите свети Тајни, а за оние гладните за Бога, монасите подготвиле и богата духовна трпеза: славословија и молитви, духовни разговори и исповед, света причест...

Се обновува деноноќното славословење на Господа и Божјиот благослов милостиво се излева, претворајќи го ова светилиште и древен светилник на нашиот народ во вистинско духовно училиште, што раѓа евангелски плодови, а не човекоугодничка мудрост. Божјата благодат како да ги оживува и продлабочува трагите од некогашната книжевно - просветна дејност, некогашното преродбенско келијно училиште, дебарската резбарска школа и многуте други евнгелско - мисионерски дејности, чии што плодови се длабоко втиснати во секој бигорен камен и го исполнуваат срцето и на денешниот посетител.

Токму затоа, и денес, кога станува збор за Бигорската обител невозможно е да не го споменеме зборот „препород“. Било да се зборува за славното минато на манастирот, или да се суди за денешните негови дела, дури и да се пророкува за неговата иднина – во сè и секаде, тајно и отворено, присутен е овој збор. Тој е символ, знак што укажува на правецот на тековното време; тој најточно ја одредува суштината на нашите тежнеења, во кои се слева она што е привремено и она што е вечно, меѓусебно се соединуваат човечките планови и Божјата волја.

Продолжува бигорската вековна традиција, мисијата за духовен препород и поткрепа на православниот македонски род, настојувајќи во ова наше време, пред очите на светот да ги овоплоти во човечките срца двете најголеми заповеди: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа...“ и „Возљуби го својот ближен како себеси!“ (Мат. 22, 37-39). Освен мисијата за поучување на народот во христијанските вистини, во сферата на просветната дејност се организираат и предавања од веронауката, талентирани ученици и студенти се стекнуваат со достоинството да го умножуваат својот талант во најпознатите духовни семинарии во православниот свет и сл... Заживува и издавачката дејност на дела со верска содржина и преведувањето на светоотечка литература. Никнуваат и првите мирски здруженија и организации со самоиницијативни задолженија, во најтесна врска со евангелското сознание за спасението. Не е заборавено и милосрдието кон сиромашните, вдовиците и сираците, утехата и помошта кон неволните и угнетените, ниту пак, грижата за подигање на нови цркви и возобновување на стари! „По молитвите на св. Јован, на св. Климент и св. Наум, нека ова македонско светилиште засветли со севкупниот, како надворешен сјај, исто така и со духовен живот, со служење на секојдневни богослужби, та да бидете центар на духовната преродба на македонскиот народ и на Македонската Православна Црква“ (Извадок од проповедта на митрополитот Тимотеј, изговорена на 6 август 1995 г.).

Се радува црквата Божја, зашто заживеа уште една светиња, тајна на присуството Христово, лествица Јаковова, лествица помеѓу земниот и небесниот свет! Голема е радоста што таа воскресна. Да имаме благодарност кон Господа Бога и Неговиот Крстител за оваа наше незгасливо светилиште, зашто ни е даруван новозаветен сад полн со божествена манна, запалена свеќа што ќе свети и гори! Амин!




Аудио
Аудио