НОВОМАЧЕНИЧКА МАРИЈА ГАЧИНСКА
исцелителка од депресија
се празнува на 26 Јануари ( + 1930 )


               Како што златото се очистува во оган,
        така и големите жалости, ја очистуваат,
    оживотворуваат, утврдуваат и оздравуваат душата.

Св. Јосиф Петроградски
Триесетина милји од Петроград се наоѓа градот Гачина, кој на сите Петрограѓани им е познат по своите градини, паркови и палати. Во тој град, пред Револуцијата, живееше надалеку познатата монахиња Марија. Револуцијата од 1917 год. матушка Марија ја дочека на болничка постела. После прележаниот енцефалитис  (воспаление на мозокот), таа се разболе од т.н. Паркинсова болест (болеста го добила името по лекарот Паркинсон). Матушка Марија беше неподвижна, телото и беше како оковано, а бледото лице повеќе наликуваше на некоја маска, отколку на жив човечки лик. Можеше да зборува, но со полу – затворени усни, низ забите, споро и со едноличен тон. Затоа на мати Марија секогаш ѝ беше потребна помош, грижа и нега. Мораме да го спомнеме и тоа дека оваа болест често предизвикува и големи психолошки промени (раздразливост, заморно и тврдоглаво поставување на едно исто прашање, претеран егоизам и егоцентризам, појава на сенилност и сл.), па таквите пациенти најчесто завршуваат во психијатриска болница. Меѓутоа, мати Марија, која  беше целосен инвалид, не само што не се растрои психички, туку покажа потполно необични црти на личноста и карактерот, несвојствени на таквите болни. Таа стана особено блага, кротка, скромна, повлечена, посветена на постојаната молитва, а својата тешка состојба ја поднесуваше без роптање.
Токму поради тоа што беше кротка и трпелива, Господ ѝ испрати дар на утешителство. Така, неа започнаа да ја посетуваат потполно непознати луѓе, потонати во тага, жалост, депресија и крајно очајание. После разговорот со неа, секој пронаоѓаше утеха, чувствуваше олеснување на сопствената болка, стишување на тагата, смирување на стравовите и губење на депресијата и очајанието. Набрзо за оваа необична монахиња се дозна и надвор од нејзиниот град.
Мати Марија живееше во дрвена куќичка на самиот излез од градот. Ја посетив во март 1927 година. Додека чекав да дојде мојот ред да влезам, ги разгледував бројните фотографии во приемната соба. Вниманието особено ми го привлече фотографијата од митрополит Венјамин ( петроградскиот новомаченик ) и митрополит Јосиф ( кој набрзо стана водач на јосефитското движење ). Митрополит Јосиф во својата трогателна посвета под сликата имаше наведено фрагмент од своето дело „ Во прегратката на Отецот “, додека митрополитот Венјамин кратко напишал: „ На длабоко почитуваната страдалница, матушка Марија, која заедно со оние кои многу плачеа, ме утеши и мене грешниот... “
Тогаш имав прилика да присуствувам на чудотворни исцеленија на многу напатените души. Еден младич, очаен поради апсењето на својот татко – свештеник, замина од кај мати Марија со насмевка, одлучувајќи да прими ѓаконски чин. Една млада жена, пронижана од тага, излезе озарена од радост и решена да стане монахиња. Еден стар човек, кој ужасно страдал поради загубата на синот, замина од кај неа утешен и охрабрен. Некоја стара жена, која дојде плачејќи, замина мирна и полна со сила.
Влегувајќи кај мати Марија, ѝ кажав дека ме напаѓа страшна депресија, која понекогаш трае и по неколку недели, па никако не можам да пронајдам начин да се ослободам од неа.
„ Депресијата е духовен крст “, ми рече. „ Таа, заради духовна корист му се дава на грешникот, кој не знае како да се покае, т. е. на оној кој после покајанието повторно паѓа во истите гревови...Затоа, постојат само два лека кои можат да го излечат ова, понекогаш особено тешко, душевно страдање. Човекот мора да се научи на покајание и да ги покаже неговите плодови. Или, пак, да го носи овој духовен крст, со понизност, благост, покајание и голема благодарност кон Бога, сеќавајќи се дека носењето на таквиот крст, Господ го смета за плод на покајанието...Каква голема утеха настапува откако човекот ќе разбере дека неговата обесхрабреност всушност е неприфатен плод на покајанието, т. е. некоја врста на несвесно себе казнување, во отсуство на бараните плодови...Тоа би требало да нѐ направи покротки, па депресијата постепено ќе исчезне, и ќе се родат вистински плодови на покајанието...“
Имав впечаток како некој, со овие зборови на матушката, да извршил хируршки зафат на мојата душа и го отстранил духовниот тумор...Од кај неа заминав како наполно нов човек.
Во 1930 година мати Марија беше уапсена. Обвинета беше за контрареволуционерна пропаганда и учество во контрареволуционерното движење, во согласност со 10. и 11. параграф, 58 - ми член од советскиот закон за криминал. Покрај неа, уапсен беше и нејзиниот брат. Спомнатата организација ја сочинуваа само двајца луѓе, а антикомунистичката пропаганда беше нивниот дар на утешителство. Сведоците на нејзиното апсење, се сеќаваат на застрашувачките слики на потсмевање и грубо насилство над трпеливата маченичка, која беше неспособна да направи било какво физичко движење. Матушкиното кривично дело од политичко – религиозен карактер, доби поголема тежина поради нејзиното одбивање да го признае митрополит Сергиј, после познатата декларација од 1927 година, која доведе до раздор во Руската Црква.
Апсењето се случи, така што двајца чекисти влегле во нејзината куќа, ја зграпчиле за рацете, свиткани зад грбот, и ја влечеле по подот од креветот па сѐ до автомобилот,  т.н. црна марица (црна лимузина наменета за транспорт на уапсените во текот на ноќта, како што Солжељицин објаснува во своето дело „ Гулаг “). На пријателите на матушката им беше дозволено да ѝ носат скромни пакети во затворот. Меѓутоа, после само еден месец, вработените во затворот повеќе не ги прифаќаа пакетите и само кратко велеа: „ Умре во болницата “ . (Таквите беспомошни пациенти најчесто беа убивани). Нејзиното тело не беше испорачано.
После девет месечна истрага, братот на матушката, кој пожртвувано се грижеше за својата сестра и кој примаше посетители, беше осуден на 5 години робија во сибирскиот концентрационен логор.
Нека Господ ги упокои овие две прекрасни души.
Света новомаченичке Маријо, моли Го Бога за нас!  
Иван М. Андрејев




Аудио
Аудио