Житие на преподобномаченик Кирил Солунски

(подзаборавен Солунски светија)



Се родил во Солун, во куќа во Горниот град. Неговите родители Пејо и Параскева починале, кога малиот Киријак бил на десетгодишна возраст. Единствени роднини кои му останале, биле неговите двајца вујковци, од кои едниот бил православен, а другиот потурчен. Грижата за десетгодишниот Киријак, за жал, ја презел потурчениот вујко, кој го испратил кај некој свој пријател мухамеданец да учи кожарски занает. Но, на малиот внук не му се допаѓало многу општењето со мухамеданците. Тој имал доверба единствено во неговиот благочестив вујко христијанин, Јован. 
Се случило еднаш, по Божја волја, да поминат тука некои преподобни монаси, а тој, без да каже некому нешто, избегал со нив и отишол на Света Гора. Бил примен во манастирот Хиландар, каде на возраст од четиринаесет години се замонашил, добивајќи го името Кирил.
Бидејќи немал брада, го испратиле во некој манастирски метох, надвор од Света Гора. Таму живеел во послушание цели осум години. Еднаш тој дошол во Солун, заедно со други двајца монаси, за да заврши некоја работа за својот манастир. Таму се сретнал со својот благочестив вујко и му побарал да го види својот братучед и врсник. После неколку дена двата братучеди се сретнале и, додека слегувале од Акрополот (денешен Горни Град) кон пристаништето, тие наишле на вујкото мухамеданец, кој отпрвин не го препознал монахот. Но, бидејќи тој бил заедно со својот братучед и поради карактеристиката на ликот, вујкото наскоро сфатил дека тоа е неговиот мал внук - бегалец. Веднаш со силен глас ги собрал своите истоверници и го обвинил својот внук дека, иако бил мухамеданец, станал христијанин и монах. Тогаш сите се кренале против него, го фатиле и го одвеле во Турскиот суд. Судијата, како по обичај, се обидел со слаткоречивост да го убеди повторно да стане мухамеданец. „Толку многу ли си го изгубил умот - му велел тој на момчето - та сакаш да одбереш горка смрт, наместо сладок живот?! Соземи се, остави ја залудната вера на христијаните и прими го нашето благочестие.“ Но, бидејќи младиот во никој случај не сакал да се согласи, судијата го пратил во затвор.
Штом се разденило, таму се собрал речиси целиот град. Додека неверните мислеле дека со смртта на маченикот на Бога Му принесуваат служба, христијаните му приоѓале само за да го видат, да му проговорат и да го поддржат во неговата борба. Уште еднаш Кирил бил одведен кај судијата, кој повторно се обидел да му го промени мислењето на светиот. Гледајќи дека не може да постигне ништо, тој најпосле го осудил на смрт со оган. 
Тогаш го врзале и го одвеле на местото на извршувањето на казната, Хиподром, кај денешниот храм на светите Константин и Елена (овој е нов храм, а во времето пак, на мачеништвото, постоел друг, истоимен храм, што се наоѓал во непосредна близина). Светиот ги подигнал рацете и се помолил на Господа, додека граѓаните кои стоеле околу него, се обидувале дури до последниот миг да го убедат да се откаже од Христа, ветувајќи му богатство, коњи, облека, лесен и луксузен живот. Светиот на нивните предлози им одговорил: „Мене не ме интересира ни богатство, ни слава, ни облека, ни добри коњи; сето тоа го сметам за ѓубре. Сето тоа што, вие, кои го следите лукавиот, го посакувате, за мене е обичен чад. За мене богатство е Христос, живот мој е Христос, љубов моја е Христос, Бог ми е Христос и Христос ми е сè! Ништо не може да ме оддели од Христовата љубов: ни оган, ни меч или глад, ни светот и богатството, ни сегашното и идното, ниту било која друга твар. До последниот мој здив ќе се борам за својата вера. Слушни добро од мојава уста, судијо и прави што мислиш: сечи ме, дави ме, направи ме парчиња, казни ме бесчуствително, но нема да можеш да ме одделиш од верата во Христа.“
Тогаш офицерот одреден за тоа, наредил да го фрлат во огнот. Заедно со него во огнот биле фрлени и псовисани животни, за да не можат христијаните да ги препознаат и да ги земат моштите на маченикот. И, иако, навистина, телото исчезна во огнот, неговата чесна душа, придружена од ангели, се воздигна кон небесата, кон вечното славословие на Бога. Светиот преподобномаченик Кирил пострада на 6-ти Јули 1566 година после Христа. Во тоа време солунски валија беше Сулејман.
Неговите чесни мошти беа пронајдени на 19 Август 1972, за време на ископините за темели на сегашниот свет храм. Беше најдена и фурната, полна со пепел. Малиот број на мошти беа собрани и поставени во моштохранителница, која се чува во светиот храм „Свети рамноапостолни Константин и Елена“ на плоштадот Хиподром во Солун.



Аудио
Аудио