Би размислил за владика ако Бигорски стане епархија

Духовно празнувајќи го Христовото раѓање, да принесеме смирение, љубов и радост. Така треба да биде за Божиќ, но и во текот на целата година. Водејќи се од овие христијански принципи, монасите од Бигорскиот манастир ги надминале искушенијата што пред три години ги предизвикал пожарот. Љубовта кон своето монашко братство била пресудна отецот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, да го одбие владичкиот чин. Посветеноста во возобновувањето и продолжувањето на историското преродбенско дело на овој манастир во западна Македонија е негов најголем мотив да издржи и да успее во развојот на духовниот живот. Првпат открива дека само во еден случај би се одлучил да го прими епископскиот крст.

✣ 

Се наоѓаме пред прагот на празникот Рождество Христово – Божиќ. Што ќе кажете за значењето на овој голем христијански празник?

– Навистина, големи се славата и духовната длабочина на Рождеството Христово, кое, меѓу другото, е празник и на мирот и на христијанското семејство. Милостивиот Бог од љубов кон човекот доброволно дошол во светот во кој немало љубов за него, дошол да го облагороди тој свет со својот божествен мир. Единствено Христос може да му даде на човекот вистински мир. Суетниот и минлив свет дава само површен, релативен мир, што брзо исчезнува. А мирот Христов е внатрешен, мир што преобразува. Затоа, доколку сакаме мир околу нас, треба, пред с?, да стекнеме духовен мир во нас самите, преку подвигот на љубовта и пожртвуваноста кон Бога и ближните, преку борбата со егоизмот во себеси. Тогаш ќе станеме носители на Христовиот мир, ќе бидеме вистински миротворци, Христовиот мир ќе се всели и во нашите семејства, ќе завладее и во нашето општество. Зашто Бог ги благослови семејството и раѓањето деца и ги издигна семејството и бракот на највозвишено рамниште, како заедница на љубовта и мирот. Семејството, како основна клетка на општеството, е она катче каде што децата треба да наоѓаат спокојно прибежиште за своите души и каде што треба да се учат на вистинските морални вредности што ќе ги следат во текот на целиот свој живот.

Во почетокот од минатата година изјавивте дека Бигорскиот манастир е пред банкрот. Дали излеговте од финансиската криза во која се наоѓаше манастирот?

– Во почетокот на минатата година манастирот навистина се наоѓаше во значителна финансиска криза, имавме големи долгови, но, слава на Бога, некаде кон крајот на летото, поточно во август, проблемот најпосле се реши со интервенција на премиерот Никола Груевски, преку Министерството за култура. Средствата што ни ги одобри Министерството помогнаа да излеземе од кризата и да продолжиме со градбата, но не беа доволни и за нејзино целосно завршување. Но манастирот и понатаму се соочува со финансиски проблеми, и тоа не само поради градежните активности и неопходните средства за негово одржување туку и поради хуманитарната дејност што овде се извршува.

Бевте и с? уште сте еден од игумените што беа на листата за владици. Но не ја прифативте таа титула. Зошто?

– Вистинските побуди за моето одбивање на владичкиот чин, кога бев предложен за митрополит на повардарската епархија, беа љубовта кон духовниот живот во Бигорскиот манастир, кој не треба да запре, како и љубовта кон овој маченички крај на западна Македонија. Сметам дека токму одовде и на ваков начин најдобро можам да им послужам на својата црква и на својот народ. Владичкиот чин е најголемото достоинство во црквата, кој бара голема духовност, пожртвуваност, целосна предаденост и љубов и за кој јас сe уште се сметам за неподготвен. Но би сакал овде да спомнам дека има само еден случај во кој би се одлучил да го понесам на себе епископскиот крст. Имено, од одредени архијереи сум слушнал за една опција, Бигорски да биде седиште на некоја идна новосоздадена епархија, што би се состоела од одредени територии на дебарско-кичевската и на полошко-кумановската епархија, која територијално е неканонски поставена. И во ваков случај дополнително би размислил доколку Светиот синод смета дека на таков начин повеќе би ? бил од полза на црквата.

ottec.png

Светогорска духовна зрелост                                        ✣                      Архимандрит Партениј Фидановски е роден на 29 октомври 1970 година во Битола. Уште од најрано детство бил задоен со силна љубов кон Бога. Својот духовен пат го продолжува во средното богословско училиште во Скопје. Потоа, го завршува и Теолошкиот факултет во Скопје. Неговото вистинско духовно созревање почнува во манастирот „Грегоријат“ на Света Гора, каде што престојува извесно време. По враќањето, во 1995 година, доаѓа во Бигорскиот манастир и повторно го заживува. Таму, отецот Партениј прима монашки чин, а истата година е ракоположен и за јероѓакон и јеромонах. Следната година е произведен за игумен, а во 1998 година е одликуван со архимандритски чин. Голем е бројот на оние луѓе што со негова помош се спасиле од разните пороци. Отецот со својата љубов ги преобразува во одговорни личности и лојални граѓани, ги упатува кон вистинскиот начин на живот, ги ресоцијализира, ги поттикнува на образование, работа, формирање семејство и ги приспособува во личности корисни за општеството. Од Бигорскиот манастир произлезе владиката Јосиф, кој сега е викарен епископ на скопската епархија. Каква е сега врската меѓу него и манастирот?

– Голема радост ми е тоа што епископот Јосиф е веќе втор епископ што произлезе од нашето братство. Како мое духовно чедо, тој долги години живееше во Бигорскиот манастир и секојдневно напредуваше, растејќи во добродетелите, стана јеромонах и духовник, исполнувајќи ги со пожртвуваност сите манастирски послушанија. Отецот Јосиф живееше во вистинско братољубие со сите монаси од нашето братството, а оваа врска на Христовата љубов продолжи и по неговата хиротонија, кога по волја на Светиот синод беше избран за епископ. Нашите молитви секогаш ќе бидат со него, а нашиот манастир и понатаму ќе биде негов дом.

otttec.png

Остана отворено прашањето за признавање на МПЦ-ОА од сестринските цркви. Дали сметате дека оваа година ќе биде пресудна за продолжување на дијалогот со СПЦ?

– Се надевам дека во име на христијанското братољубие ова тешко искушение за нашата црква ќе биде надминато. Несомнено е дека за ова прашање досега многупати се дебатирало и, за жал, постојано се доаѓало до истиот заклучок, дека прашањето е повеќе политичко отколку црковно. Според каноните на Православната црква, секоја држава може да има своја автокефална црковна ерархија, па дури и ако претходно немала таква низ историјата. Ние слободно можеме да посведочиме дека низ историјата сме имале своја црква – славната Охридска архиепископија, која постоела и во време кога сме немале сопствена држава и таа била единствената надеж и поткрепа за нашиот народ. Нејзина наследничка денес е Македонската православна црква, што значи дека постои историскиот континуитет. Повеќе од јасно е дека проблемот со непризнавањето на нашата црква лежи во нејзиното име. Во контекст на ова, ќе ве потсетам на една неодамнешна изјава од српскиот патријарх г. Иринеј дека, дури и да продолжат преговорите, единствено на што МПЦ може да се надева е автономен статус на име „Православна црква во Македонија“. Ова недвосмислено покажува дека пречи името Македонска православна црква, како и автокефалниот статус. Од автокефалниот статус не смееме да се откажеме, како ниту од името. МПЦ си има свое историско и суштинско име, па затоа, токму во духот на христијанското братољубие, тој проблем може да се реши. Ако некому името МПЦ му пречи, може нашата црква да ја ословува со нејзиното постаро и еклисиолошки правилно име -Охридска архиепископија. Националните предзнаци во имињата на некои помесни православни цркви, стекнати во 19 век, во време на националромантизмот, се еклисиолошки неоправдани. Добро би било овие помесни православни цркви да почнат да ги користат своите правилни еклисиолошки имиња, отфрлајќи ги националните предзнаци. Така на пример во случајот со СПЦ таа би требало да го користи името Пеќска патријаршија-Православна црква во Република Србија, а кај нас, пак, би било Охридска архиепископија – Православна црква во Република Македонија. Се разбира, ова е само едно мое гледиште по ова прашање. Сметам и дека би било добро доколку МПЦ во напорите за свое признавање да ги насочи своите дипломатски активности кон Руската православна црква, кон грчкиот блок на цркви, а особено кон вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј, кој е исклучително духовна личност, што е посведочено во многу случаи, кога со неговото искрено залагање различни црковни проблеми се решиле на богомудар начин.

Минатата година се одбележаа 45 години од возобновувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ. Во целиот тој период црквата се соочи со разни проблеми. Како го оценувате досегашниот развој на МПЦ?

– Во еден многу тежок период, конкретно во време на социјалистичкото, во основа атеистичко уредување, МПЦ измина долг и страдалнички пат во својот развој. И денес нејзиниот пат е голготски, имајќи ги предвид сите напади и оспорувања однадвор, а особено обидот за паралелна црковна ерархија однатре. Заедно со својот народ успеа да им одолее на сите искушенија, изборувајќи се за своето право во општеството и остана цврста во својата определба да биде столб и тврдина на вистината. Доста значајно за неа беше враќањето под нејзино владение на многу манастири и цркви, коишто во време на комунизмот беа претворени во музеи. Важен беше и процесот на враќање на имотите, кој с? уште трае и кој помогна црквата уште подобро да ја извршува својата евангелска мисионерска дејност. Во последните две децении се случи возобновување на монаштвото, што е од големо значење за духовниот живот, зашто тоа најмногу придонесе за возобновување на светотаинскиот литургиски живот. Црквата сега е соочена со претстојната макотрпна борба за решавање на многубројните задачи и проблеми – како на надворешен план, односно на борбата за нејзиното признавање и внатре – за постојно сведочење на апсолутната евангелска вистина, преку личната пожртвуваност на клирот, бидејќи црквата е совест на едно општество. Таа треба постојано и будно да се грижи за запазување на универзалните морални вредности, кои во ова декадентно време се во голема опасност, како никогаш досега.