За егзорцизмот кај нас

Кога некој ќе спомене егзорцизам на сите на ум ни се филмовите од Холивуд, каде опседнати личности говорат на латински јазик и бегаат од крстот, но малкумина знаат дека егзорцизмот не е само филмска атракција, туку е реална и опасна појава со која се справуваат свештените лица.

Вистината за демоноопседнатоста ја побаравме во манастирот „Св. Јован Бигорски“, каде архимандритот и игумен на Бигорската света обител Партениј, говорејќи од своето искуство ни раскажа дека егзорцизмот постои од дамнешни времиња, а него го вршат само свештеници кои се одликуваат со силен молитвен и духовен живот. Тој појасни дека демоноопседнатите можат да изгледаат сосема нормално, но кога имаат демонски напади тие можат да бидат опасни за своите блиски.


Мотика: Дали постои егзорцизам во православието и како се дефинира?

Архимандрит Партениј: Самата појава на демонопседнатост, а со тоа и на егзорцизмот, познати се во Православието уште од најстари времиња, уште од времето на најраната Црква. Терминот егзорцизам, од грчкиот збор ἐξορκισμός, што значи заколнување на злите духови (демоните) во името на Христа и нивно протерување од измачуваната личност, покажува дека се тоа едни посебни молитви за истерување на зли духови. На почетокот егзорцисти биле оние лица кои во себе го имале дарот на Светиот Дух да истеруваат демони, а не биле од свештеничкиот ред, но подоцна тоа преминало на свештениците, но не на било кои, туку на оние кои се одликуваат со силен молитвен и духовен живот.

Мотика: Кои се симптомите на демоноопседнатата личност? Како свештеното лице е сигурно дека станува збор за демоно-опседнатост, а не ментална болест?

Архимандрит Партениј: Од она што сум читал и од мое лично искуство можам да кажам дека некои лица, што се наоѓаат во крајниот стадиум на демоноопседнатост, постојано пребиваат во оваа страшна состојба, непрестајно се измачувани од демоните и се постојано во абнормална состојба, па бидејќи се опасни за околината би требало да бидат институционализирани. Некои, пак, од демоноопседнатите во многу случаи изгледаат како потполно нормални личности, меѓутоа одвреме на време кај нив се случуваат страшни демонски напади со појава на неартикулирани крици, зборување на непознати јазици и со она што е особена одлика на таквите луѓе – манифестирање на натприродна сила. Така се случува и лица кои во природни околности се нежни и немоќни, во моментите на напади да станат крајно агресивни и силни во толкава мера што се потребни дури и неколку личности за да ги задржат. Освен оваа агресивна демоноопседнатост, постои и еден друг вид на прикриена демоноопседнатост, кога опсед-натиот се прикажува за света личност, знае детали од минатото на лицата со кои комуницира, а во одредени случаи ја претскажува и иднината. Иако овие немаат така агресивни испади, видливи за другите, сепак и тие не помалку се имачувани од демоните. Преку ваквите лица демоните успеваат да ги прелажат луѓето што доаѓаат кај опседнатиот, се под негово влијание и му веруваат. Во Евангелието постојат примери и за двата вида на демоноопседнатост. Пример за прикриена демоно-опседнатост е жената бајачка во Филипи, која со своето гатање им носела голем приход на своите господари, сè додека ап. Павле не го изгонил демонот од неа (Дела, 16, 16 – 18). Гадаринските, пак, демонизирани се пример за другиот вид, агресивната опседнатост. За нив во Евангелието се вели дека биле врзувани со синџири, но тие и нив ги раскинувале и талкале по гробиштата, биле особено силни зашто имале цел легион демони во себе (Матеј, 8, 28).

Мотика. Што се демони и како може човекот да се заштити од нив?

Архимандрит Партениј: Демони, или зли духови се нарекуваат сите оние паднати ангели што застанале зад Луцифер, кој направил бунт во небесната хиерархија и се побунил против Бога, па така, заедно со него отпаднале, ја изгубиле смислата за добро и потполно се утврдиле во злото. Тие обично пребиваат во поднебесието и се многу на број, а заради човечките гревови и по Божјо допуштение, понекогаш добиваат власт над луѓето. Сепак, да нагласиме дека демоните немаат никаква власт над човекот доколку тој се држи до Божјиот закон, учествува во Светите Тајни на Црквата, особено во онаа што е најважна и најсвета – Светата Причест, за која претходно е потребна голема духовна под-готовка. Имено верните, под-готвувајќи се за Света Причест претходно постат, се покајуваат, се исповедаат, се молат за да можат на вистински начин да ја примаат Причеста и да имаат вистинска духовна полза од неа. И Самиот Спасител, зборувајќи за демоните, посведочил: „Овој род се истерува само со молитва и пост“ (Мт. 17, 21). Значи на оној кој вистински живее во Црквата и кој често ја прима Светата Причест, демоните не можат да му наштетат и немаат власт над него, бидејќи Христос претрпувајќи распнување за нас, со Својата света крв нè искупи од власта на ѓаволот, а со Своето Воскресение ја уништи силата на злото, на смртта и адот. Тогаш единствено што на демоните им останува да направат е да дејствуваат како духовни суштества и да го искушуваат верниот, потшепнувајќи му негативни предлози, но не можат да го присилат да направи зло дело, доколку самиот човек не се согласи со тоа. Следствено, демоните добиваат власт и сила само во случај на крајно богоотпадништво на човекот и страшни смртни  гревови, поради кои злите духови можат дури и да се вселат во таквиот човек.

Мотика: Како свештеното лице се справува со демоноопседната личност?

Архимандрит Партениј: Како што спомнав на почетокот, чинот на егзорцизам во Православната црква опфаќа посебно одредени унифицирани молитви, напишани од големиот отец на Црквата и литургист, св. Василиј Велики, кои се читаат над демоноопседнатата личност. Сепак, не секој свештеник има право да ги чита овие молитви, тоа обично треба да го прави духовник, кој покрај свештеничката благодат од Светиот Дух, која е најважна и која ја добиваат сите свештеници при нивното ракополагање, се одликува и со посебно духовен живот во Црквата и заради неговото големо духовно искуство и молитвеност му се дава право да помага и духовно да раководи и други луѓе. Овие искусни духовници ја имаат потребната сила да помогнат во името на Исуса Христа, демонот да отстапи од  демоноопседнатите лица кои побарале помош. Во одредени Православни цркви егзорцисти можат да бидат само одредени свештеници од редот на мирското или монашкото свештенство, кои за тоа добиле благослов од епископот и дури постои и посебен чин, молитва за нивно произведување, хиротесија во духовници. Токму тие се оние кои би требало и кои имаат право да ги читаат заколнувачките, егзорцистички молитви. За разлика од егзорцистичките молитви, молитвите за луѓе кои страдаат од психички болести се со поинаква содржина и го немаат овој заколнувачки карактер.

Мотика: Каков е Вашето искуство со демоноопседнати личности?

Архимандрит Партениј: Во нашиот манастир сме имале најразлични искуства и средби со демоноопседнати личности, како православни, така и иноверни, кои овде дошле, барајќи помош и заради благодатта од светите мошти, од чудотворната икона од Претечата, и од секојдневниот ред на богослуженија крунисани со Светата Литургија, по читањето на Василиевите молитви, биле ослободени од демонските стеги. Таквите искуства се уредно заведени во манастирската архива и зачувани како сведоштво, меѓутоа во интерес на личностите кои се засегнати, не би сакал да наведам било какви конкретни информации и случки без нивно одобрение.

Мотика: Какви сè последици остануваат кај личност која била подложена на демоноистерување?

Архимандрит Партениј: Обично демоноопседнатите личности, додека се под власта на демонот воопшто не помнат и не се ни свесни што им се случува во тие моменти. Тие претежно се надвор од себеси, како заробени од друг, и во моментите на демонските напади друг дејствува преку нив. Токму затоа кога демонот ќе ги напушти, по читањето на егзорцистичките молитви тие стануваат нормални личности, и немаат никакво сеќавање за она што се случувало претходно. Тоа овозможува сосема нормално да си го продолжат својот живот, без никакви трауми, а доколку после тоа живеат вистински во Црквата, тие во иднина ќе бидат заштитени од вакви и слични искуства.

Мотика: Дали имало случај кога од една демоноопседната личност не можело да се истера демонот?

Архимандрит Партениј: Секако, постојат и такви случаи кога со читањето на Василиевите молитви не се постигнува злите духови да бидат истерани од опседнатата личност. Тогаш, потребно е повеќе пати да се повтори заколнувањето. Обично ова се случува кога опседнатата личност доаѓа да бара помош без вера во Бога, односно кога таквата личност не пристапила кон Црквата самата или преку своите најблиски, туку била донесена од некои трети лица. Немањето вера, како од нејзина лична страна, така и од страна на нејзините ближни ја намалува силата на молитвата. Нашиот благ и милостив Господ ја почитува нашата слободна волја и како што слободно и доброволно сме ги прифатиле предлозите на злите духови, така бара од нас слободно и доброволно да се откажеме од гревот и да посакаме да се ослободиме од демонското влијание. Дури тогаш кога благодатта од молитвата ќе се спои со нашата добра волја, егзорцистичките молитви стануваат повеќе од само изговорени зборови.

И. Јариќ


Информации за медиумот: Забавен портал МОТИКА (https://motika.mk) Регистриран на: 27.12.2013