2267

Црковната музика и Турците

Најзначаен дел од музичката историја на Ромејската (во поновите извори наречена Византиска) империја е несомнено црковната музика, која претставува целосна музичка цивилизација, со свои музички начела и свој карактеристичен стил, врвен нотен систем и недостижна разновидност од облици со безбројни можности за интерпретација од големото мелодиско богатство.

Црковната музика се развила во возвишена уметност и својот врв го имала во текот на 13от и 14от век, кога се разработуваат и рашируваат простите мелодии, се издигнува калофонијата и музиката добива поголема тежина наспроти текстот. Во ова време дејствува најпознатата четворка црковни композитори и учители: Јован Гликис, Никифор Итик, Јован Кукузел и Ксен Коронис. Овие мајстори на црковната музика се изворот на компонирањето во сите негови видови, за сите векови. Нивните современици и наследници, околу стотина музичари, кои процветале во истиот временски период, па сè до Падот на Цариград, во своето творештво бројат илјадници композиции кои го одредиле патот и развитокот на црковната музика. Помеѓу нив е и ламбадарот (главен псалт на вториот хор во храмот, наспроти протопсалтот, кој е главен псалт на првиот хор, а истовремено и врховен псалт и на обата) на „чесниот царски клир“ Јован Кладас.

Околу времето на Падот на Цариград (1453г.), псалтската уметност покажува особено творчество. За оваа кулминација придонесуваат повеќе фактори: во тоа време живеат големи композитори и учители, се развиваат сите музички видови, особено пападикискиот вид, се стабилизира репертоарот на музичките книги, кои се умножуваат за да ги покријат зголемените потреби, манастирскиот типик преовладува во целиот православен свет и се утврдува редоследот на богослужбите.

Најзначајна личност во овој период е ламбадарот на чесниот царски клир, Мануил Дука Хрисаф, по потекло од Силиврија, Источна Тракија, со огромно и многузначајно дело од аспект на уметничка вредност. Хрисаф бил пријател на царот Константин Палеолог и псалт на царскиот дворец во времето на Падот на Цариград во рацете на Турците. Во спомен на ова, тој напишал тажачки псалм (според текстот на Псалм 78), во кој може да се почувствува силно и јасно големата болка на секој Христијанин во оној ден кога и последната надеж е загубена, во денот кога „се затвори окото на вселената“.

Ја приложуваме оваа композиција на Мануил Хрисаф, напишана на глас осми, една варијанта во исполнение на Великиот Протопрезвитер Георгиј Цецис, а друга во исполнение на хорот Cappella Romana:

Текстот гласи:

Боже, незнабожците дојдоа во Твоето наследство, го осквернија светиот Твој храм, мртвите тела на Твоите слуги им ги дадоа како храна на птиците небесни, а телата на Твоите светии – на земните ѕверови; ја пролија нивната крв како вода околу Ерусалим, и немаше кој да ги погребе. Станавме за потсмев на соседите наши, срам и подбив за оние што се околу нас; До кога, Господи, ќе се разгневуваш постојано, до кога ќе гори лутината Твоја како оган? Излеј го гневот Свој врз народите, што не Те познаваат, и врз царствата, кои не го признаваат името Твое, туку помогни ни скоро и помилуј нè.

Во истиот период во Цариград дејствува уште еден значаен музичар, композитор, кодикограф и теоретичар, јеромонахот Григориј Бунис – Алијат, кој во времето на Падот бил протопсалт на Света Софија. Делата на овие композитори останале во употреба како основни во продолжение на повеќе од два века, ставајќи печат врз развитокот на псалтската уметност, како квасец за сите поствизантиски композиции.

Хронографот Доротеј Монемвасиец запишува еден интересен настан поврзан со јеромонахот Григориј Бунис – Алијат:

Султанот Мехмед слушна дека Ромеите ги запишуваат гласовите на псалтите и пејачите, па ги повика во палатата, каде што имаше еден избран Персиец, на кого му нареди да пее, а господин Георгиј (световното име на Григориј) и господин Герасим, псалтите, ги запишуваа гласовите на Персиецот. Така ја составија песната на Персиецот, а тогаш султанот им нареди да ја испеат, а тие ја испеаја подобро од Персиецот. Тоа му се допадна многу и ѝ се чудеше на истенченоста на Ромеите, така што богато ги награди псалтите, а Персиецот кога виде какви уметници се овие, им се поклони.

За жал, после Падот на Цариград и распаѓањето на римската држава, настапувањето на отоманското ропство повлијаело на сите духовни сфери, како и на црковните уметности, меѓу кои и музиката. Заедно со славата на империјата згаснало и огромното богатство на изразот на сите уметности, згаснал и впечатливиот начин на музичка изведба од страна на професионалните и многучлени псалтски хорови. Но, и покрај притисоците на завојувачот, црковната музика на отоманската култура ѝ подарила многу и извршила големо влијание врз турската световна и сакрална музика. Сепак, црковната музика преживува во Православната Црква и го продолжува своето динамично предание како највозвишена уметност, раѓајќи уште многу нови композитори и прекрасни псалти, кои го продолжуваат и надополнуваат преданието.