Основи на Православната вера – VII дел

Историја на Вселенските Собори

Во досегашната историја на Црквата се одржани седум Велики Вселенски Собори. Првиот Вселенски Собор, се одржал во Никеја во 325 година, а повод за него било еретичкото учење на Ариј, кој Господа Исуса Христа Го сметал за создание, а не за предвечен Син Божји, како што учат православните Отци на Црквата. Никејскиот Собор, според зборовите на Св. Атанасиј Велики, е „разобличување на секаква ерес… бидејќи тој ја исповеда совршената и потполна вера во Света Троица… вера во којашто и ние се крштеваме и преку која се соединуваме со Бога“. На тој Собор е составен Символот на верата, кој потоа е дополнет на Вториот Вселенски Собор.

Вториот Вселенски Собор е одржан во Цариград во 381 година. Повод за неговото свикување била духоборната ерес, чиишто претставници тврделе дека Светиот Дух е создание, а не Бог. Црквата го отфрлила нивното учење и го дополнила Никејскиот Символ на верата, проширувајќи го осмиот член во којшто се нагласува дека на Светиот Дух Му припаѓа истата слава и поклонение како и на Отецот и Синот, со други зборови, дека според божеството е со иста чест како Отецот и Синот. Поради ова надополнување, како и поради изразувањето на верата во Црквата, едно Крштение, Воскресение и живот на Идниот век, востановениот Символ на верата се нарекува Никејско-Цариградски.

Третиот Вселенски Собор се одржа во Ефес во 431 година за да ги потврди одлуките на претходните Собори и да ја одбрани верата на Црквата од Несториевата ерес. Несториј сметал дека и на Божествената и на човечката природа Христова треба да ѝ припаѓа по една личност. Отците на Третиот Собор го отфрлиле неговото учење со кое би се внела поделба во Личноста на Господ Христос. На овој Собор е потврдено дека Господ Исус Христос е Една Личност со две природи: Божествена од вечноста, од Отецот и човечка, која ја примил во времето од Пресвета Богородица.

Несториј исто така велел дека Пресвета Дева Марија не Го родила Бога, туку човекот Исуса и затоа не Го прифатил називот Богородица, туку ја нарекол човекородица или Христородица. Бидејќи Исус нема човечка личност и бидејќи мајката може да биде само „нечија“ мајка, а не мајка на нешто, т. е. на природа, Марија Дева е навистина Мајка Божја, односно Богородица.

Несториевата заблуда во врска со Богородица произлегла од неговиот страв на Дева Марија да не ѝ се припишат божествени особини. Исповедајќи дека Дева Марија е Богородица и дека Го родила Бога во тело, Црквата сепак, не ѝ дава особини на божица. Таа не Го родила предвечниот Бог по Божествената природа, туку Бога Словото по човечката природа. Слегувајќи на земјата, Он зеде облик на човек, но не престана да биде бесмртен Бог, Кој од вечноста е во заедница со Отецот и Духот Свет.

Четвртиот Вселенски Собор е одржан во Халкидон во 451 година поради монофизитската ерес. Монофизитите (μόνη φύσις – една природа), го застапувале ставот дека Христовата човечка природа во Овоплотувањето до таа мера се слеала со Божествената што потполно се изгубила во неа. Православната Црква своето учење во врска со оваа догма го формулирала во таканаречениот „Орос“ (одлука), во кој е наведено дека Христос е овоплотениот Син Божји и Слово, Една Личност со две природи: Божествена, со која е едносуштен на Отецот; и човечката, после овоплотувањето, со којашто постана едносуштен со нас. Монофизитите поради своето погрешно учење направиле раскол во Црквата и останале до ден денес отцепени од неа (Копти, Етиопјани и Ерменци).

Петтиот Вселенски Собор го свикал цар Јустинијан во 553 година во Цариград за на него уште еднаш да се потврди учењето на Црквата за Господ Христос како овоплотен Син Божји. Во одлуките на Соборот се кажува за Исус Христос како за една Личност со две природи, така што по соединувањето, кое се случило со овоплотувањето, природата на Словото не се претворила во природа на телото, ниту природата на телото се претворила во природата на Словото. Цар Јустинијан ја напишал познатата Литургиска химна „Единороден Сине“ што зборува за Синот Божји Кој се овоплоти, беше распнат на Крстот и смртта ја победи, останувајќи и понатаму Еден од Света Троица.

Шестиот Вселенски Собор е одржан во Цариград кон крајот на 680 година и почетокот на 681 година. Повод за овој Собор биле монотелитската ерес (μόνο θέλημα = една волја) и моноенергитската ерес (μόνη ἐνἐργεια = една енергија). Поддржувачите на овие учења погрешно сметале дека Господ Христос имал една волја и една енергија. Наспроти нив, Свети Максим Исповедник велел дека во Христос постојат две природи и според тоа две природни волји и енергии, Божествена и човечка. Овие две волји и енергии се во меѓусебно општење и проникнување, а Едната Личност на Христос Богочовекот ги придвижува Своите природни волји и енергии и дејствува во нив.

Седмиот Вселенски Собор се одржал во Никеја во 787 година, а како повод му била иконоборната ерес. Иконоборците биле против почитувањето на светите икони во Црквата, тврдејќи дека тоа е грев на идолопоклонство. Бранителите на светите икони, Свети Јован Дамаскин и Свети Теодор Студит, истакнувале дека почитувањето на иконите е можно и правилно, бидејќи Синот Божји примил човечко тело: „Словото стана тело“ (Јован, 1, 14), и затоа како Овоплотен Бог може и да се наслика. Оние коишто ги отфрлале иконите, го отфрлале и Христовото Овоплотување и го сметале за привид и фантазија. Светите икони треба да ги почитуваме и да им се поклонуваме, но не и да ги обожуваме. Поклонувајќи се на Пресвета Богородица и на Светиите изобразени (претставени) на иконите, се поклонуваме на Прволикот – Господ Христос, Кој е темел на секој лик насликан на иконата. Секој Светија е повторен Христос, Кој и според ликот потсетува на Господа Христа. Затоа, поклонувајќи се на Светиите се поклонуваме на Самиот Господ Христос, Кому тие служеле и Кого со својот живот Го прославиле.

Соборите – израз на богооткриената вистина

Црквата на сите Вселенски и Помесни Собори, ползувајќи го богатото наследство на верата кое е забележано во Светото Писмо и посведочено во соборното искуство на Светите Отци, вложила огромни напори да ја изрази богооткриената вистина, одолевајќи им на сите бранови на еретичките учења. Во таа смисла одлуките на Соборите претставуваат неисцрпен и незаменлив извор на верата и сигурен патоказ во соочувањето на Црквата со сите подоцнежни, погрешни учења низ историјата.