За значењето на празникот Воведение на Пресвета Богородица

Историјат на празникот

Историјатот на Воведението на Пресвета Богородица во храмот, изложен во црковните песни и канони, претставува предание кое е светоотечки проверено и прифатено од сите православни Цркви. Ова предание започнало да се запишува уште во II век во апокрифните евангелија, а веќе во IV и V век тоа станало познато низ целиот христијански свет. Отците на Црквата Божја веројатно користеле два апокрифи, но податоците што од таму се извлечени се толку прецизни, така што историските детали кои ги наведуваат не оставаат никаков сомнеж во нивната безусловна потврденост.

Празникот Воведение на Пресвета Богородица (21 ноември / 04 декември) започнал да се слави подоцна, а тоа може да се види од спомениците, кадешто тој се спомнува дури во VIII век. Така, наведен е во Синајското празнично Евангелие напишано со златни букви, кое на Синајскиот манастир му го подарил царот Теодосиј III (715 – 717), и во кое се наоѓаат Евангелијата на 12 – те Големи празници и на уште 11 денови од годината. Понатаму, овој празник се спомнува и во повеќе грчки месецослови од IX век – период кога овој празник почнува да се слави насекаде. Но иако се спомнува во месецословите, тој го нема обележјето на голем празник, туку само на обичен спомен. Така на пример, во Синајскиот канонар од IX – X век празникот Воведение нема прокимени, ниту паримии, туку е означен единствено со зборовите: „Спомен на Пресвета Богородица, кога таа беше донесена во храмот Божји на три години“. Во Типикот на Цариградската Црква, пак, за овој ден нема никаква служба, а само зборовите: „Собор на Пресвета Богородица, кога таа на три години беше предадена во храмот Божји од страна на своите родители“. Целосното празнично богослужение, кое е слично на денешното, го имаме дури во Евергетидскиот Типик од XI век. Во указот на царот Манојло Комнен од XII век, празникот се споменува меѓу деновите кога не се суди.

Интересен е податокот дека на Запад овој празник започнал да се слави во XIV век, според сведочењето на пратеникот на Кипарскиот крал Лусигнан, кој на папата Гргур XI му раскажал дека на Исток Воведение се слави многу свечено, а притоа му ја предал и службата на празникот.

Црковните песни и химни за празникот Воведение ги пишувале повеќе автори и тоа: Георгиј, митрополит Никомидиски во IX век, Лав Вардалис, министер на византискиот царски двор во XIV век, Сергиј Агиополит во IX век, Василиј Пагариот, архиепископ Касариски во X век и Јосиф Химнограф. Овие автори историјата на Воведение ја поврзуваат со библиските пророштва на Стариот Завет и во своите песни се задржуваат само на најглавните моменти од настанот. Воведение има еден ден предпразненство и три дена попразненство. Типикот пропишува на овој ден, за прв пат во текот на Божикниот пост, да се јаде риба.


Литургиското значење на празникот „Воведение на Пресвета Богородица“

Литургиската символика ни покажува дека врз Богородица се исполниле сите претскажувања на пророците и дека таа со своето влегување во ерусалимската Светиња на Светињите осветила сѐ, облагодатувајќи и обожувајќи ја паднатата природа на земните. Нејзиниот живот во храмот, живот во молитва и подвиг на трудољубие, го исполнил со благодат нејзиниот дух, кој сѐ повеќе и повеќе растел во љубовта кон Бога, умножувајќи ги во себе и даровите на Светиот Дух. Воведувањето било почеток на нејзиното вечнодевствено Невестинство, кое било причина за таа да стане Храм на Бога Словото. Самото богослужение, односно содржината на тропарите и песните, не само што нѐ воведуваат во секогаш благодатното и реално доживување на собитието, туку и нѐ учат да ја прославуваме Богородица и топло да ѝ се молиме. Таа бидејќи преисполнета со благодатта на Светиот Дух, секогаш ги просветлува оние кои ѝ се обраќаат и им дава сили да живеат свет живот, успокојувајќи ги и заштитувајќи ги од секакви зла.

Но, празникот Воведение истакнува една особено важна порака: пораката на воспитувањето. И како што Дева Марија била воведена во храмот за на Бога Севишниот да Му служи и да се воспита и украси со смирение, трудољубие, кротост, со различните добродетели и силата на молитвата, така и ние треба да притекнеме во храмот Господов, во подножјето на нозете Господови и слушајќи Го Словото Божјо, да се воспитаме во дух и вистина, во совршена праведност и секаква добродетел, во послушност на волјата Божја, во ненадминлива радост и пожртвувана љубов.

Затоа нека овој светол и радосен празник, кој така силно ги трогнува нашите души, нѐ поттикне да побрзаме да Ја прославиме Пречистата Богородица, чијашто мајчинска љубов ги буди и воведува нашите срца во Светињата на Светињите, во најблагословената одаја на преисполнетиот од благодатта на Светиот Дух дом Божји, во сигурните и топли прегратки на Отецот Небесен, во неземната и надумна љубов на срцето на нашиот Господ Исус Христос. И откако тука ќе притекнеме, духовно ќе ја видиме и силно ќе ја почувствуваме прегратката на нашиот Бог, Кој приготвил богата трпеза на сеопростувачката и милосрдна татковска љубов. Таа нека нѐ воспитува, нека нѐ закрилува, нека нѐ утешува во маките и ни ги брише солзите на страданијата… по молитвите на Пречистата Божја Мајка, чиешто Воведување во храмот на Светињата на Светињите денес го славиме, сега, секогаш и во сите векови. Амин.