Скит Свв. Кирил и Методиј

 

Прекрасен манастир, кој како изгреано сонце насекаде ќе ги фрла своите благодатни зраци и ќе ги осенува со благослов сите мијачки села и домови, изгонувајќи го мракот на незнаењето.

Со одлука на Владата на Република Македонија од 30 август 2010 година, граничната караула над селото Битуше беше предадена на Бигорската Свештена Обител. Неуморниот творечки ум на игуменот, Архимандрит Партениј, веднаш во неа го виде новиот дом на Словенските просветители, каде што би можеле да најдат духовно прибежиште најмладите Христови души, кои се жедни за словото Господово, така што намената на новиот Скит ќе биде, главно, воспитно-катихетска, т.е. во него ќе се одржуваат летни кампови за веронаука. Дарител за изградбата на Скитот е благочестивото семејство на г. Горан Џикоски од Скопје, верно духовно чедо на нашата Света Обител.

Свечениот чин на осветување на темелите на храмот на Бигорскиот скит Свв. Кирил и Методиј, кој нетрпеливо се очекуваше, зеде место на 18/31 мај 2014 година, а чиноначалствуваше нашиот почитуван архипастир, митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, во сослужение со игуменот Архимандрит Партениј и браќата јеромонаси и свештеници, во присуство на мноштво верници и гости од околните села и однадвор. Кај нив беше видлив веселиот дух, особено кај битушани, зашто не е мало нешто нивното село да се закити со ваков прекрасен манастир, кој како изгреано сонце насекаде ќе ги фрла своите благодатни зраци и ќе ги осенува со благослов сите мијачки села и домови, изгонувајќи го мракот на незнаењето.

На 16/29 мај 2016 година, во Скопје се одржа добротворна манифестација за доизградба на Бигорскиот скит, кога сите присутни благонаклоно ја примија оваа иницијатива, и ги потврдија своите желби и заложби и во иднина да ги приложуваат сите свои сили и можности во правец на нејзино реализирање, сѐ додека нашиот живописен скит не го добие својот вистински лик и своите први посетители.

Скоро три години по почетокот на изградбата и осветувањето на темелите, веќе е завршена рам-конструкцијата на црквата, а преземени се, исто така, и опсежни градежни дејства за пренамена на поранешната караула во манастирски конак.