Метох Свети Георгиј Победоносец

Колку се мили Твоите живеалишта, Господи на силите! Копнее душата моја сакајќи да е во господовите дворови… Блажени се оние, кои живеат во домот Твој; тие постојано Те фалат.

Вакво е чувството кога, водени од љубов кон Бога, ќе ја отвориме вратата на ова духовно светилиште, во кое повторно заживеа монашкиот живот под закрила на големиот маченик и победоносец, Свети Георгиј. Како пред тебе да се отворила некоја таинствена градина, еден нов, поинаков свет кој те исполнува со благодат, едно мало делче од рајот оставено тука за во срцето да ни буди копнеж за Бога и за вечната радост во нашата небесна татковина.

Рајчица
Рајчица

Едно мало делче од рајот оставено тука за во срцето да ни буди копнеж за Бога и за вечната радост во нашата небесна татковина.

Овој прекрасен манастир е возобновен со голем труд и залагање на игуменот на Свештената Бигорска Обител, Архимандрит Партениј. Тој, со голема почит кон Победоносецот, заедно со неговите во Христа браќа, не само што го подигна од темел, туку и духовно го заживеа неговиот свет дом. Имено, во периодот после втората светска војна манастирот на Свети Георгиј бил целосно запуштен, при што од конаците имаше останато само неколку простории, оставени на заборав и веќе на распаѓање. Сепак големата желба и силна вера на Архимандрит Партениј не останаа без плод. По милоста Божја, подготовките за возобнова започнаа уште во летото 1999 година, а на самиот ден Крстовден 1999 година, во присуство на Митрополит Тимотеј, беа преосветени темелите на новите манастирски конаци, кои за нешто повеќе од една година како феникс се издигнаа врз темелите на стариот манастирски комплекс. Веќе на 4 јуни 2001, манастирот беше осветен и оттогаш постои како активен женски манастир под духовно покровителство на Бигорската обител.

Рајчица
Внатрешноста на храмот на Свети Георгиј

Во минатото метохот на Свети Георгиј функционирал како економски дел на Бигорскиот манастир. Бил мошне богат и поседувал големи манастирски имоти, ниви и лозја. Овде се произведувале многу продукти за потребите на Бигорското светилиште. Низ годините на бурната македонска историја неколку пати бил напаѓан и рушен, но сепак грижата на игумените на Бигорската обител постојано го обновувала и одржувала овој метох. Можеби најзаслужен ктитор, одговорен за неговата обнова во подалечното минато е игумен Арсениј (игуменствувал од 1807 до 1839), под чие раководство и била подигната денешната црква, која датира од 1835 год., а е изградена врз темелите на уште постара црква од 16 век. Црквата изобилува со богат фрескопис изработен од рацете на јеромонах Даниил и татко му Михаил, како и на Дичо Зограф – познати зографи од XIX век. Овој фрескопис е во целост зачуван и претставува значаен дел од богатата ризница на културно-историското наследство на македонскиот народ.

Рајчица
Куполата во литијата, каде е насликан покровителот на Бигорската Обител, Свети Јован Претеча

Во возобновениот конак за прв пат беше подигнат и параклис посветен на Светите Јован Кукузел, Григориј Палама и Нектариј Битолски. Фрескописот во параклисот, кој е во византиски стил, по образец на фреските од црквата на Пресвета Богородица – Перивлепта во Охрид, беше завршен во 2005 година. Потоа следеше и осветување од страна на Митрополит Тимотеј, кое по Божја промисла, беше извршено токму на денот посветен на Свети Григориј Палама, во втората недела од Великиот Пост. Овој ден традиционално се прославува со сеноќно бдение секоја година.

Рајчица
Архимандрит Партениј со сестринството на Манастирот

Сестринството во манастирот живее според типик востановен од игуменот, отец Партениј, по пример на Светогорските манастири. Ваквиот типик, односно ред на живеење, вклучува целосен литургиски живот со редовни литургии, утрени и вечерни служби и сеноќни бденија спроти неделните и празничните денови.

Овде се негува еден навистина редок занает кој им е главно занимање на сестрите, а тоа е изработката на епископски митри.

Покрај секојдневните послушанија, овде се негува еден навистина редок занает кој им е главно занимање на сестрите, а тоа е изработката на епископски митри. Работата е навистина благородна, се работи со молитва и како плод на послушанието кон старецот, од рацете на монахињите излегуваат навистина прекрасни и уникатни мајсторски дела, кои се дел од богослужбените одежди на многу епископи и патријарси, меѓу кои и Вселенскиот Патријарх. Освен ова, сестрите се вклучени и во изработката на икони, на светогорски темјан, а од неодамна активно работат и во разрешувањето на проблеми на посебни социјални случаи, особено кај младите кои се сѐ позагрозени во овој свет исполнет со пороци и страсти.

Рајчица
Кивотот кој ја пази честичката од раката на Светиот Великомаченик Георгиј

Особено сведоштво за преголемата Божја милост и за моќното застапништво на славниот патрон на манастирот е присуството на моштите од светиот Победоносец, поточно делче од неговата рака, кои пред неколку години на чудесен начин пристигнаа во ова светилиште и се голем благослов за нашиот православен народ. Освен нив, тука се чуваат и мошти од Свети Јован Кукузел, Светиот маченик Емилијан, Светиот Јован Руски, Светите Великомаченички Варвара и Екатерина, како и честичка од чесниот Крст.

Рајчица
Рајчица од западната страна

Бидејќи манастирот е од отворен тип, постојано е посетуван од гости, верници и туристи кои во оваа светилиште наоѓаат силна духовна поткрепа и мир.

Рајчица
Рај