Царот небесен во Ерусалим влегува да го воспостави Царството на милоста и љубовта

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за празникот Вход на Господ Исус Христос во Ерусалим – Цветници, изговорено на Светата Литургија, по читањето на празничното Евангелие

 

енес, мили мои, прославуваме еден многу славен настан од животот на нашиот Господ Исус Христос на земјата – Неговото победоносно влегување во градот на мирот, Ерусалим. Еве, чувме како Евангелието ни го опишува торжествениот пречек на Христа во Ерусалим, пречек за каков во тоа време сеудостојувале единствено царевите и големите војсководци. Но, да погледнеме на што се должел тој раскошен пречек. Зошто луѓето така свечено и триумфално Го пречекале Христа во големиот град?

Секако, овој торжествен настан најнепосредно е поврзан со воскресението на четиридневниот Лазар од мртвите, што се случило во претходниот ден, во саботата. Гласот за ова, дотогаш нечуено собитие веднаш се раширил низ целиот Ерусалим и неговата околина. Сите со нетрпение очекувале најпосле да Го видат и да Го поздрават Оној, Кој му подарил живот на човек, веќе четири дена мртов.

Всушност, воскресението Лазарево е образ на Христовото тридневно Воскресение, а и потврда за општото воскресение на сите нас. Христос го воскресна Својот пријател Лазар пред Своето Воскресение, за да ги увери апостолите, но и целиот свет, дека Он е Цар на животот; дека Он може само со еден Свој божествен збор да му го врати животот на човекот и одново да го пресоздаде. Така и станало со Лазара. Биле поминати цели четири дена откако тој бил положен во гробот и веќе почнал да се распаѓа, што значи дека за неговото воскресение било потребно не само душата да се врати во телото, ами и самото, делумно распаднато тело да биде пресоздадено. Впрочем, точно тоа семоќниот Господ го направил со Својот возљубен пријател, а истото ќе го стори и со сите нас при општото воскресение.

Господ Исус Христос – Цар на славата

Меѓутоа, желбата да Го видат Оној Кој повторно му го вратил животот на еден четиридневен мртовец, не била единствената причина поради која Ерусалим бил преполн со народ. Во тие дни наближувал најголемиот еврејски празник Пасха, и Евреите, раселени по сите краишта на светот, вообичаено се враќале во Ерусалим пред нивниот најголем народен празник, за да принесат благодарствени жртви во големиот Соломонов храм. Самиот збор ’пасха‘ на еврејски јазик значи ’премин‘ и овој празник, всушност, претставува спомен за преминот на Евреите од ропство кон слобода, во времето на Мојсеј. Имено, знаеме од Стариот Завет, како еврејскиот народ на чудесен начин го поминал Црвеното Море, преминувајќи на тој начин од ропство кон слобода. Затоа кај нив толку силно се врежало световното сфаќање за Месијата. Така, очекувајќи Го, тие всушност во Него гледале нивен земски Цар, Кој ќе војува против тогашната моќна Римска империја, ќе ги ослободи и ќе ги направи силни на земјата. Поведени од оваа сенародна месијанска идеја и од тогашното празнично ликување, голем дел од Евреите торжествено Го пречекале Христа како свој земски Цар, без духовно да го согледаат Неговиот спасителен Домострој. А, се разбира, Христос не дојде на земјата за да биде востоличен како некаков световен цар. Нели и Самиот Он посведочи: Царството Мое не е од овој свет (Јован 18,36). Он е Царот на новиот Израил, Кој не го востанови Своето Царство преку световна сила и слава, туку со смирение, кроткост, понизност и послушност. Неговото Царство е царството на љубовта и милоста. Христовото божествено дело не беше во тоа на Евреите да им даде слободна татковина на земјата, туку нам, кои веруваме во Него и кои го сочинуваме новиот Израил, со Своето доброволно жртвување за целиот свет, да ни ја подари новата, небесна Татковина, Царството Небесно. И токму поради тоа Он постана нашата нова Пасха, Јагнето Кое требаше да се жртвува за сите нас, подобно на старозаветното жртвено јагне, што некогаш се принесувало за очистување на гревовите. И беше потребно Он да се принесе на жртва непосредно пред самиот празник Пасха, како очистително Јагне, Кое еднаш засекогаш е жртвувано за прошка на нашите гревови.

Кога човек ќе помисли за ова неискажливо Христово милосрдие, за оваа Негова бескрајна жртва за нас недостојните, како да не му надојдат солзи, како душата да не му се растрепери? Ете, денес гледаме: славниот Ерусалим Го пречекува Христа со огромна радост, како прославен Цар Победител, а после само неколку дена истиот тој народ ќе повика: Распни Го, распни! Денес гледаме царско торжество, а кај народните старешини веќе насетуваме заговор против Ослободителот; во мислите на Јуда, пак, предавство! Колку сме непостојани ние, луѓето, колку често паѓаме во грев! Доволно е само малку повнимателно да наѕреме во своите души, во своите срца за веднаш да сфатиме дека и самите сме многу слични на Евреите: денес Го пречекуваме Христа со радост, а потоа со своите дела Го распнуваме.

Но, на Христијанинот не му е својствено да паѓа во очај, затоа, наместо тоа, да побрзаме да ја положиме сета своја надеж во Христа; целосно да Му ги предадеме своите срца на Оној, Кој е Цар на мирот, љубовта и проштевањето и Кој сиот свет, а не само Евреите, го повика кон спасение. Впрочем, токму тоа и го означуваат врзаното осле и ослицата, спомнати во Евангелието. Како што ослето и ослицата беа врзани, така и целото човештво после Адама било врзано со гревот. Затоа Христос им рекол на учениците: Одете во селоно… и веднаш ќе најдете врзана ослица и младо осле со неа; одврзете ги и доведете Ми ги! (Матеј 21,2). Ослето на кое седнал Христос ги претставува сите незнабожечки народи што Христос ги повикал, а ослицата, пак, што одела по Него е еврејскиот народ; тој народ, гледајќи како сите незнабошци Го следат Христа Спасителот, Кој е Вистината, и самиот накрај ќе се врати кон верата Негова. Божествениот Спасител ги испратил Своите ученици, апостолите, да ги одврзат ослето и ослицата, како што и подоцна ги испратил да ги одврзат сите незнабожечки народи од гревот, заблудата и смртта. Седнувајќи на ослето, Христос симболично го претскажал Своето зацарување над народите. Облеките, пак, што биле положени на ослицата и на ослето од страна на учениците, се добродетелите на кои Христос би сакал да почива. И гранчињата и облеките што биле постилани по патот и врз кои чекорел нашиот Спасител, исто така ги означуваат добрите дела на Христијаните, но и благодатните дарови од Господа.

Затоа, мили мои, да се потрудиме со добри дела да Го последуваме Оној, Кој живот ни дава. Да го направиме нашето тело Ерусалим, бидејќи Он за тоа и го создаде – за да влезе и да живее во него. Он доаѓа во нашето тело за да нѐ спаси. Преку светотаинскиот литургиски живот и светата Евхаристија Он влегува во нашето тело, пребива во нас и на тој начин ја извршува тајната на нашето спасение. Да се потрудиме, соодветно, со добри дела да Го пречекаме, а не лицемерно да се откажеме од Него, та откако ќе се предадеме на страстите, да се помрачиме и да Го распнеме со нашите гревови… Ете, пред нас се благодатни и свети денови, кога Мајката Црква нѐ повикува да сострадуваме и да се сораспнеме со Христа, бидејќи само на тој начин ќе можеме со Него и да совоскреснеме и да ја почувствуваме Неговата светла Пасха, која нѐ спасува сите. Амин!