Блеска со полн сјај живата Божја Црква

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандритот Партениј, на чинот на осветувањето на конаците Горни и Источен Палат во Бигорскиот манастир

 

Ваше Блаженство, Архиепископ охридски и македонски г. г. Стефан, 

Достојнопочитуван Претседателе на Република Македонија, г. Ѓорѓе Иванов,

Достојнопочитуван Претседателе на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски,

Ваши Високопреосвештенства,

Почитувани министри на Владата на Република Македонија,

Ваши Екселенции, 

Сечесни отци, монаси и монахињи, 

Возљубени браќа и сестри во Христа воскреснатиот, 

ашите срца се преисполнети со свештена благодарност кон преблагиот Бог, што, еве, денес, нѐ удостои да стоиме со неискажлива радост пред овој автентично возобновен конак – украс на македонската мијачка неимарска традиција, и да се восхитуваме на неговата велелепна строителска складност, што толку вешто се слева со природните убавини на овој живописен предел. 

Но, обземен од духовно созерцание, сега би сакал повеќе да зборувам за причината отколку за самата творба. Имено, пред моите очи сега блеска со полн сјај едно друго, неспоредливо повеличествено, нематеријално здание, дело на големиот Неимар, премудриот Творец на сета твар – а тоа е живата Божја Црква, духовната вечна градба која за темел Го има Самиот наш Спасител Христос. На неа веќе 20 години се надоградува нашето смирено монашко братство, кое секојдневно ги полага тулите на добриот евангелски подвиг и послушанието, сврзувајќи ги со малтерот на соборното единство, што, пак, сите нас меѓусебно нѐ сплотува во едната заедница на љубовта, подобно на љубовта на троичната Заедница во Единиот Бог. Впрочем, живата Црква е таа која ги гради манастирите и храмовите и која од нив прави духовни садници за раѓање на нови христијани, која дава смисла и улога и на тварните зданија, правејќи ги не неми сведоци за нечиј труд или, пак, нечија непристапна сопственост, туку гласни труби на проповедта, ставени во својата вистинска функција. Секој нов воцрковен член, духовно поразен од Христовата љубов, се вградува во таа духовна тврдина, правејќи ја уште посилна и поцврста во единството, подготвена да ги издржи и најголемите искушенија, бидејќи евхаристиски е собрана околу Телото Христово. 

Едно големо искушение, најнапред за нашето братство, а потоа и за верниот народ, беше пожарот од 2009 година, што во еден миг го голтна материјалното, привременото, пропадливото. Но токму во тие моменти на тварно и нетварно црнило, Господ ја покажа Својата милост, и со Својот секогаш праведен, добар и љубовен суд, ни ја даде и покажа вистинската и единствената утеха што вистински може да утеши, која ја поразува секоја човечка логика. Тогаш засветли во полнота она невештественото, вечното, нетленото, нашето вистинско богатство – духовната градба. Во тие мигови, вистинската утеха беше да се гледа како реки од народ пристигнуваат во манастирот: оние тука воцрковените; и оние кои ранети и отфрлени од овој свет, во Бигорски Го најдоа милостивиот Самарјанин; и оние кои се бореа против Бога, а тука Го прегрнаа; и оние заблудените кои најпосле го најдоа патот до апсолутната Вистина; и оние чиишто животи беа духовно преродени во ова светилиште; и сите оние кои со своите души Го сретнаа Христа вечно Живиот – секој со искрена желба некако да возврати и помогне, колку што може, за она што настрада во пожарот повторно да се обнови. И, секако, она што ќе остане непобитен сведок за времето и историјата, за тоа дека доброто срце не познава определеност, граници и меѓи – фактот дека на помош, нам монасите и на ова светилиште на македонската духовност и култура, пристапија и многумина од нашите браќа по крв, Македонци со мухамеданско верување, како и Албанци од Дебар. 

Во овие мигови, исто така, особено би сакале да ја истакнеме и довербата и грижата на нашиот владика, митрополитот Тимотеј, милоста на некои архиереи на нашата света Црква, пожртвуваноста на верниците од земјата и дијаспората, на Владата на Република Македонија, на пријателите, кои тогаш сострадално ни излегоа во пресрет, станувајќи сотрудници во Божјото дело за воскреснување на нашето вековно светилиште, со што беше докажано дека овде, во Бигорски, материјалниот сјај е плод и одраз на духовното градење. 

Уште еднаш ќе потенцираме, дека нашите срца неизмерно горат и ќе горат со најтопла благодарност кон сите оние кои на секаков можен начин се вградија во духовното и материјално воскресение на Претечевиот дом. Но, пред сѐ, Му благодариме неизмерно на Бога што ги обдари срцата на сите тие добронамерници со голем благослов и духовни плодови, овозможувајќи му на секој оној кој ја гради светињата, всушност, да се гради себеси како храм, во кој доаѓа и се вселува живиот Бог. А не помалку се радуваме и на фактот што во овие тешки времиња, во оваа доба на глобална апостазија, нашиот народ докажа дека се грижи за своите светињи, ги чува и гради, оти кога народот ги чува и гради своите светилишта, тие го чуваат и градат него. 

Бигорскиот манастир е принос на нашиот народ за Бога, сведоштво за неговата пламена вера, ламбада која гори пред Престолот Божји за нашата многустрадална Татковина. Вековите сведочат дека секогаш кога Бигорското светилиште доживувало воскресение, тоа истовремено значело и духовно, интелектуално и морално издигнување на нашиот народ. Па затоа, со надеж го упатуваме својот поглед кон Бога, искрено посакувајќи и ова воскресение на Бигорски да пренесе блага порака до целиот наш народ, па да престанат раздорите и меѓусебните осудувања, нашите срца да родат покајание, а нашите умови духовно преумување, та сите ние да се сообразиме со Воскресението и воскресната радост. Можеби токму и затоа Божјата промисла го одбра овој пасхален период за серадосниот чин на осветувањето. 

Нека милостивиот Бог го сочува ова големо светилиште до крајот на вековите, а овој наш скромен труд – пожртвуваноста на верниот народ и искушенијата што сите ние ги претрпевме за време на изградбата, да ги прими за прошка на нашите гревови и за нови духовни сили и благоуспевање! Амин! 

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!