„Татко, згрешив против небото и пред тебе…“

Слово на Неговото Високопреподибие, Архимандрит Партениј, изговорено во Неделата на блудниот син, во манастирската трпезарија

 

идовме, мили мои, дека богослужбените песни и читања на вчерашното бдение, како и на денешната Света Литургија беа во знакот на параболата за блудниот син (Лука 15,11-32), за која може да се каже дека е како едно Евангелие во мало. Ете, денес прочитавме две беседи за овој чудесен евангелски расказ: едната на Светата Литургија, а другата тукушто ја слушнавме од трпезарискиот амвон. За оваа парабола, впрочем, има навистина многу што да се каже, зашто таа, слободно би рекол, ја преставува целата историја на човештвото, од Адама па до денес. Оти, како поинаку би можеле да ја определиме нашата историја, ако не како историја на гревот, на смртта, на отстапништвото од Бога? Но, во исто време, и како историја на трагањето по изгубениот Рај, бидејќи секој поединец длабоко во себе го носи тој нескротлив копнеж да Го бара единствено Бога, Кој не се одмаздува, туку знае само да љуби и проштева.

Така, оваа парабола ни се дава како едно огледало за сите Адамови и Евини потомци. И секој од нас, доколку внимателно погледне во ова таинствено огледало, ќе се види себеси во улогата на блудниот син. Токму затоа оваа парабола е предвидена да се чита на Литургијата во една од подготвителните недели за Великиот Пост, кој, пак, од своја страна, и самиот покајно и аскетски нè подготвуваа да го доживееме искуството на Великата Страсна Седмица – заедно со Христа да бидеме погребани, и заедно со сите Светии и со целото творение да го прославиме славното Воскресение Христово, а со тоа и нашето сопствено духовно воскресение. И бидејќи Црквата, во својата со векови напластувана мудрост, знае дека ние луѓето, почнувајќи од нашиот прататко па сè до денес, постојано грешиме и се оддалечуваме од Божјата благодат, доведувајќи се до состојба на крајна беда и несреќа, таа сега прави сè за да нè утеши, да ни влее храброст и желба да си дојдеме на себеси, и најпосле да ја разгори во нас онаа искра на совест со која би можеле да си речеме: ќе се вратам при својот Отец небесен!

Блудниот син и милосрдниот татко

Преку параболата за блудниот син, или подобро кажано – за милосрдниот татко, Црквата влегува во длабините на нашето сознание и ни вели: „Вие кои сте грешни и не наоѓате сили да се исправите; вие кои мислите дека сте паднале во најцрната темнина на гревот, немојте да очајувате! Бидејќи зад вашиот бедем во душата, зад гревовниот ѕид, зад прегрешенијата ваши, незнаењето ваше, заборавот и грижите ваши, зад немоќта ваша, ве очекува огромната милост Божја, ве очекуваат раширените раце на татковската љубов! Затоа, немојте да очајувате за вашите гревови, туку само посакајте да се вратите при вашиот Отец небесен, како што посакал и блудниот син, кој кога дојде на себеси, рече: Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, умирам од глад. Ќе станам, ќе отидам при татка си и ќе му речам: Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници (Лука 15,17-19)“. Во продолжение на овој евангелски извадок, остава силен впечаток тоа што, кога синот се вратил при отецот, тој не успеал ниту да му го каже сето она што претходно го беше намислил. Зашто отецот, кога беше уште далеку, го виде… и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива (20), и само што почнал неговиот син да зборува, тој веднаш им наредил на слугите да се погрижат за него, па дури и да го заколат угоеното теле. Гледате ли до каде оди љубовта Божја! Едноставно таа не остава грешникот да се понижува. Исто како што на разбојникот, кој висел од десната страна на Крстот на Голгота, Христос не му дозволил многу да зборува, туку го помилувал и спасил за само неколку кажани зборови: Спомни си за мене, Господи, кога ќе дојдеш во Царството Твое (Лука 23,42). И тоа било доволно, зашто на разбојникот внатрешното покајание веќе му ги беше отворило духовните очи за да може да види дека Распнатиот до него е Оној, Кој дојде да се заколе за спасение на светот.

Во денешната евангелска приказна угоеното теле Го претставува Христос, Кој нè храни со Себе, во големо духовно веселие. Сношти на бдението, на еден од браќата монаси му се гледаше особена радост на лицето. Бидејќи тој стоеше пред мене, во еден миг погледите ни се сретнаа, па тој дојде до игуменската столица и ми дошепна: „Прекрасно се чувствувам, отче, многу е благодатно, преблагодатно!“ И повторно си замина на своето место. Ова ме наведе да размислувам за тоа колку е големо богатството на човекот што се наоѓа во близина на Бога, што заедничари со Него; колкава е неговата среќа и исполнетост, макар и да нема ништо свое на земјата! Оти, што има еден монах, еве, на пример, од нашето братство? Сите овие монаси дошле тука да живеат во крајно послушание, смирение и воздржание. Доброволно се затвориле себеси во манастирските ѕидини, така што не можат ни да излезат од Манастирот, додека претходно не земат благослов за тоа. Се навикнале да бараат благослов дури и за најмали нешта. Ќе ви кажам поотворено: дури и кога треба да се капат, тие ме прашуваат за благослов. Меѓутоа, колку се, пак, среќни и благословени, иако многу пазат да не ја исполнуваат својата волја! А зошто? Затоа што се постојано во близината Божја. Затоа што се во прегратките на Бога. За човекот нема поголемо богатство од тоа. Како што вели Апостолот Павле: повиканиот во Господа роб, станува Господов слободен; исто така и повиканиот слободен станува роб Христов (1. Кор. 7,22) Штом е роб Христов, тој е целосно слободна личност и е свој на Бога, Го има Самиот Христос и ништо друго не му е потребно. И денешната парабола ни кажува дека земјата и земните нешта не можат да го нахранат човекот, дека надвор од Божјата заедница за него нема радост. Блудниот син го претставува човекот кој заминува од Божјата заедница, човекот кој во својата гордост си помислува: „Јас имам сè. Можам да го поседувам светот; ќе се борам самиот, ќе градам самиот, ќе освојувам самиот. Колку повеќе присвојам за себе, за своето лично задоволство, толку повеќе ќе го задоволам моето его и ќе бидам среќен, ќе бидам богат“. Меѓутоа, на крај – крајна несреќа и сиромаштво…

Не треба да заборавиме дека човекот, освен што е телесно, уште е и духовно битие. Затоа, доколку се оддаде само на телесното, тој ќе стане крајно несреќен. Сведоштво за тоа имаме во целата човечка историја, особено во периодот на 19-от и 20-от век, во кои се случиле т.н. индустриска и технолошка револуција. Што друго би можеле да видиме во нив освен една претерана гордост и губење на човечкото достоинство, а со тоа и една огромна беда и несреќа? Човекот тогаш ја прифати тезата на Дарвин дека тој е само едно комплексно животно и ништо повеќе. Помрачен од гордост, и вообразен дека најпосле ги најде своите вистински корени, тој започна многу романтично да си замислува дека сите проблеми на човештвото се решени. Но, од она што го гледаме во овој 21 век, станува јасно дека проблемите на човештвото не само што не се решени, туку се и многукратно зголемени и усложнети. И веќе е очигледно дека единственото решение за тие проблеми е нашето враќање при Бога. Дури тогаш би можела да настапи хармонија во светот. А во спротивно, ние навистина ќе бидеме не животни, ами и подолу од нив. Во овој контекст, интересно е тоа што некои евангелски егзегети сметаат дека под „наемници“ од денешната параболата симболично се претставени животните од овој свет. Блудниот син посакал да биде макар и како еден од наемниците на неговиот татко, т.е. како животните што му служат. Замислете колку е страшно тоа: кога човекот ќе се оддалечи од Бога, тој сосема го губи своето од Бога дадено достоинство и слобода, и станува подолен дури и од животните. Не би можел ни да се спореди со мајмун – според теоријата на Дарвин – зашто мајмунот, како и секое друго животно, си ја знае својата улога што Бог му ја дал и е задоволен со тоа што го има и со Божјата грижа. Не, туку се доведува во уште подолна состојба отколку на животните, па имаме случаи човек да им завидува на животните во нивната слобода. Таквиот паднат во крајни гревови човек, целосно се помрачува и ништо од овој свет не може да го задоволи, освен враќањето при Бога. И дај Боже кај сите луѓе да се пројави таа светлинка што ја имал блудниот син, таа малку совест што Бог му ја дал, та да си речат: „Ќе се вратиме при нашиот Отец небесен“. Посакаме ли да се вратиме, проблемот е веќе решен. Најважно е ние да посакаме да се вратиме при Бога. Тогаш стануваме силни, зашто Бог нема да нè остави. Со својата, пак, падната човечка природа ние навистина сме сосема немоќни. Што може да направи човек кој потполно паднал во многу гревови? Буквално ништо, освен да очајува во својата крајна немоќ. А доколку Го побара Бога, тогаш Божјите благодатни раце ќе го прегрнат и тој ќе стане силен, така што ќе може да се избори со сите гревови и искушенијата од овој свет.

Затоа, мили отци, браќа и сестри, да го започнеме, со покајание, нашето враќање при Отецот небесен. Да се молиме за нас, но да се молиме и за целото човештво. Колку повеќе луѓе ќе се вратат кон Бога, толку подобар и похармоничен ќе стане светот. Сите знаеме во каков хаос се наоѓа денес светот. За жал, човештвото во најголема мера наликува на блудниот син, кој се погодил со злобниот човек во далечната земја, а тоа е, пак, олицетворение на ѓаволот и неговото мрачно царство. Така, луѓето го изгубија Божественото синовско достоинство и станаа слуги. Но, ние, Христијаните, ја имаме таа одговорност, со добри дела и покајание, да сведочиме за љубовта на нашиот Отец небесен, да сведочиме за „закланото угоено теле“, односно за искупителната жртва на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Достоинството што го имаме ние како Христијани го немале дури ни старозаветните праведници, кои во денешното Евангелие во духовна смисла, се претставени преку постариот син. Тие ја немале оваа благодат што ја имаме ние денес, иако живееле праведно и строго се придржувале до заповедите Божји. Имаме бројни примери во Светото Писмо за старозаветните праведници кои се труделе толку многу да Му угодат на Бога и да бидат во Неговата близина. Сепак, тие со своите очи не можеле да го видат она што нам после Распнувањето и Воскресението на нашиот Спасител ни е дадено да го гледаме. Ние се причестуваме со Самиот Бог и сме потполно во заедница со Него. Потребно е само да кажеме: „Оче мој, згрешив против Тебе и против небото, прими ме во Твоите прегратки“. И тогаш ќе настане голема радост и веселие, како што се вели во параболата.

Тесно поврзано со евангелското четиво за блудниот син е и денешното апостолско зачало, во кое Апостолот Павле им се обраќа на Коринтјаните со прекрасните и премудри зборови: Сè ми е позволено, но не е сè полезно; сè ми е позволено, но ништо не сакам да завладее над мене (1. Кор. 6,12). Во контекст на ова, би сакал да ви наведам еден конкретен пример од нашето секојдневие. Имено, вие добро знаете дека нашиот Манастир со љубов ги отвора своите врати за сите оние млади луѓе, кои заробени од пороците на денешнината, посакале да бидат блиску до Бога, побарале да се вратат во прегратките на својот небесен Отец. Последниве неколку денови еден од тие наши штитеници беше постојано советуван и опоменуван поради тоа што не сакаше никако да се бори против страста кон пушењето. За жал, денес, пред почетокот на Светата Литургија, повторно го нашле како пуши цигари. И, согласно редот во Манастирот, му рекле дека треба да си замине, бидејќи тој и понатаму упорно не ги почитува советите и опомените. „Добро, ќе си заминам“ – им одговорил тој – „ама цигарите што ми ги зедовте вчера, да ми ги вратите веднаш!“ Замислете: на овој млад човек цигарите му беа позначајни од самото негово лекување, а со тоа и од неговата иднина, бидејќи тој толку се острастил кон нив, што им станал роб. Така е и со секоја друга страст доколку прекумерно се оддадеме на неа. И гледајте сега, ова момче, поради нешто толку ништожно и бедно како што се цигарите, несвесно го пропушта богатството од заедницата со Бога, на кое денес Црквата нè повикува.

Да се молиме никогаш да не бидеме така нечувствителни кон милоста Божја пројавена преку овие прекрасни богослужби, туку да го чувствуваме тој прекрасен шепот на Мајката Црква, што секогаш ќе нè прави внатрешно радосни. Како што е среќен монахот кој оставил сè од овој свет и се радува во близината на Бога, така и секој Христијанин може да учествува во таа радост. Затоа, ве замолувам да ги помниме овие зборови од Апостолот Павле, дека сè ни е позволено, но не е сè полезно; сè ни е позволено, но не треба да дозволиме нешто да завладее над нас. И да ја помниме Божјата љубов, што не значи, пак, и безмерно да грешиме. Туку, помнејќи ја Божјата љубов, да знаеме дека Бог секогаш безмерно нè љуби и ни проштева. Соодветно, да не Го жалостиме со нашите прегрешенија.

Да сте благословени!