3151

Патот кон светоста

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено на 25-та недела од Педесетница, во манастирската трпезарија

енеска, мили мои, од Светото Евангелие на Литургијата ја чувме прекрасната приказна за добриот Самарјанин (Лука 10,25-37), што Господ Исус Христос им ја раскажал на Своите ученици и на насобраниот народ. Како што веќе добро знаете, во таа приказна се раскажува за некој човек кој тргнал на пат од Ерусалим кон Ерихон. Ерусалим е градот на мирот, на светоста, градот каде што Бог се јави на земјата, и во една преносна смисла, тој ја претставува заедницата на човекот со Бога – Едемската градина, во која живеел човекот на почетокот од сотворението на светот, во едно постојано општење со Бога. Нашите прародители Адам и Ева биле настанети во Едем, во потполна хармонија со својот Творец и Господ, со богоподарена господственост да имаат слободна волја и право на сопствен избор.

Но, прелажани од лукавиот, тие го злоупотребиле тој најголем дар, дарот на подобието Божјо, и наместо кон светоста, кон постојаното восовршување во љубовта Божја, го нарушиле блаженото послушание и стрмоглаво паднале во бездната на гревот и смртта. Токму таа историја Господ сака да ни ја припомни со денешната парабола, потсетувајќи нѐ што се случува со нас кога ќе се оддадеме на непослушание, ќе се одвратиме од заедницата со Бога, ќе застраниме од патот на светоста и ќе тргнеме по своите лични гревовни желби и страсти.

Параболата за милостивиот Самарјанин

Што се случило, имено, со човекот кој тргнал од Ерусалим кон Ерихон? Го нападнале разбојници, го испокрале, го соблекле гол и го оставиле полумртов по патот. Во духовниот, внатрешен живот на човекот се случува истото, кога тој со своите помисли наместо кон Бога, ќе се оддаде кон земните страсти и желби. Го напаѓаат разбојници, т.е. поднебесните духови на злобата (Ефес. 6,12), му го крадат богатството на душата спечалено од добродетелите, му ја соблекуваат облеката на Божјата благодат и го оставаат полумртов, крајно немоќен да се издигне и да побара помош.

Значи, оваа парабола не се однесува само на некој, за нас непознат човек, кој живел некогаш и некаде далеку. Напротив, таа ни е толку блиска и позната, како лично за нас и да е изговорена. Не сме ја почувствувале ли и ние онаа тегобност и духовно мртвило, и тоа во многу мигови од нашите животи, кога, оддалечени со мислите, со животот, со надежта од Бога, тешко ни е да кажеме дури и најмала молитва, да се подисправиме од таквата состојба и да изустиме: „Боже, спаси ме, помогни ми, издигни ме?“ Таа е, впрочем, најбедната состојба на човекот – кога не ќе најде во себе сили повторно да се издигне и приближи до Бога. А такво било скоро целото човештво до доаѓањето на Спасителот Господ Исус Христос на земјата. Како добриот Самарјанин, Он толку го возљубил Своето создание, што лично го посети во неговата најголема беда. Он повторно го подигна ограбениот и изранет човек, кој сосема беше западнал во бездната на злото. Со љубовта Своја, со милосрдието Свое, го крена од таа паднатост и го смести во најубавото место – во Црквата Негова. Го вдоми во неа, каде има во изобилие храна и лекарство за него. Во параболата за милостивиот Самарјанин, Црквата е преносно претставена како гостилницата во која тој го сместил несреќниот човек.

Вчера размислував малку повеќе за параболите Христови, за Неговите чудесни приказни запишани во Евангелието, односно за тоа како со крајно едноставни зборови, Он искажува недогледни длабочини! Ете, и по две илјади години тие се толку актуелни и силни, така што можеме да извлечеме скапоцени поуки од нив. Гледајте, навидум едноставна приказна, а каква длабочина има! Колку само можеме сите ние да извлечеме поука од оваа парабола! Затоа, мили мои, наместо кон Ерихон, да го управиме нашиот пат кон Ерусалим – кон заедница со Бога. Така ќе бидеме заштитени од безмилосните напади на духовните разбојници и нема да бидеме ограбени, изранети и турнати во бесознание. Оти сега тука е добриот Самарјанин, нѐ очекува. Он врви покрај нас, секогаш нѐ заштитува. Подготвен е да нѐ подигне од најголемата наша бездна во која сме паднале, да нѐ врати повторно во Црквата Своја и да нѐ излекува со божествениот лек – Неговото пресвето тело и животворната крв, на светата Литургија. Од наша страна потребно е само да се стремиме да чекориме по патот на светоста, и покрај сите слабости што нѐ обременуваат и ги чувствуваме како последица од страстите кои дејствуваат во нас. Да се молиме на добриот Христос, на единствениот милостив Самарјанин:

„Христе мој, Цару мој, издигни ме од оваа бесчувственост, од духовното ми мртвило, од тешките ми рани! Ете, јас повеќе сакам да одам кон Ерихон, наместо кон Ерусалим; ме влечат лажните и трулежни убавини на овој свет, кои не можат да ме нахранат, не можат да ми дадат ништо, а само ме прелестуваат со својата ништожност. И, ете, поради тоа останувам испокраден, изранет, отфрлен на маргините на животот… Но Ти, Христе мој, дај ми сила, секогаш да Те барам единствено Тебе, да се стремам кон духовните височини, кон светоста!“

Нека биде ваква молитвата на нашето срце, бидејќи добриот Самарјанин, семилостивиот и себлагиот Христос, е постојано блиску до нас, готов да ни притрча на помош.

Покрај желанието за одење по патот кон светоста, неопходно е да правиме и добро на сите кои нѐ опкружуваат. Тоа ни го предочи и почетокот на денешната Христова парабола. Запрашан од книжникот што треба да направи за да има живот вечен, Христос му одговори: „Што е напишано во Законот? Како читаш?“ Тој одговори и рече: „Возљуби Го Господа, Твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси!“ Му кажа пак: „Добро одговори; тоа прави го и ќе бидеш жив“ (Лука 10,26-28). Во продолжение, сакајќи на некој начин да се оправда себеси, но и да Го искуша Господа, книжникот прашал: А кој е мојот ближен? Можеби мислел дека тука спаѓаат само родителите, децата, роднините, пријателите и сл. Меѓутоа, семудриот Господ со оваа парабола даде пример дека секој човек на овој свет е наш ближен, и оние презрените, отфрлените, оние што не ги сметаме за свои пријатели… Токму таквите некогаш ќе ни бидат од најголема полза. Во случајов, самарјанскиот народ бил презиран од Евреите, па затоа Господ го дава за пример имено Самарјанинот: тој, иако не бил од „избраниот народ“, му помогнал на несреќниот Јудеец. Така значи, Христијанинот секој еден на овој свет треба да го смета за свој ближен, да го почитува, да го сака, бидејќи е образ Божји, создание Негово. Следствено, одејќи по патот на светоста, со желба за потполно соединување со Бога, никогаш не би стасале дотаму, доколку не го правиме тоа заедно со своите ближни, односно не се трудиме да ги влечеме и нив нагоре кон горниот Ерусалим, кон Божјото Царство. Да го правиме тоа постојано. Еве, моите браќа се одлучиле за тоа, сум се одлучил и јас… Но некогаш е, навистина, многу тешко да се оди по патот кон Ерусалим, по патот на светоста. Господ да ни даде сили да го правиме тоа докрај, бидејќи, гледаме, каде води другиот пат и што ќе ни се случи доколку се измамиме со трулежните и минливи нешта од овој свет. Пред очи секогаш да Го имаме Началникот и Завршителот на верата (Евр. 12,2) – преблагиот Христос, Кој никогаш нема да нѐ остави, никогаш нема да нѐ изневери…