Да постиме, пред сè, од зависта

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено на Умилителната вечерна на простувањето, во бигорскиот соборен храм, на 1 март 2020 лето Господово

Да се облечеме во оружјето на светлинатаво Исуса Христа, во љубовта, за да не нѐ обземе зависта, од која се раѓаат кавгите, гневот и сите несогласици.


Мили мои, еве, по милоста Божја, веќе се наоѓаме во навечерието, пред самиот праг на Светиот и Велик Пост. Светите и богоносни отци наши, преку мошне вдахновени песнопенија и со прикладно избрани четива од Светото Писмо нѐ поучуваат како богоугодно да го поминеме ова благословено време за наше духовно и морално издигнување.

Би можело да се каже дека Света Четириесетница претставува, всушност, една скица, еден микро опис на нашиот сопствен живот. Започнува со изгонувањето на Адам и Ева од Рајот – што е и наша лична историја – со тагувањето по него, и завршува со најголемиот Празник, со суштината на нашата вера, Воскресението Христово, со кое за човекот повторно се отвора Царство Небесно. А целта на човечкиот живот е токму тоа: обожението и наследувањето на тоа Божјо Царство, чиешто предвкусување треба да започне уште овде, на Земјата.

Вечерва, помеѓу другото, свештените составувачи на Божествениот Триод, поставиле во великиот прокимен еден прекрасен стих, извадок од Светото Писмо. Тој стих гласи: „Барајте Го Бога и душата ваша ќе биде жива“. Не може да има никаков сомнеж во тоа дека природната состојба на човекот е да биде во заедница со Бога. Само тогаш, во присуството, во близината Божја, во човека има вистински живот и тој може да се нарече дејствително жив. Но, што е тоа кое нѐ оддалечува од Бога, а со тоа и од вистински живот? Одговорот на ова прашање ни го дава Светиот Апостол Павле во денешниот прекрасен извадок од неговото Послание до Римјаните. Би сакал да го прочитаме почетокот на ова зачало:

веќе дојде часот да се разбудите од сонот, зашто спасението е сега поблиску до нас отколку кога поверувавме. Ноќта одминува, а денот се приближи; да ги отфрлиме, пак, сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на светлината. Да живееме пристојно како дење, не во срамни гоштевки и пијанство, не во блуд и нечистотија, ниту, пак, во препирка и завист; (Рим. 13,11-13).

Овде Апостолот прави една длабока педагошка и психолошка анализа на внатрешните склоности на нашата од гревот повредена природа, на телесните и душевни страсти, и накрај завршува со совет: туку облечете се во Господа Исуса Христа, и грижата за телото не претворајте ја во похоти (14). Ете ја причината зошто ние постојано паѓаме во грев и се одделуваме од животот во Бога. Кога ги надминуваме границите на потребното за телото, тогаш нашите потреби преминуваат во страст – погрешна и болна приврзаност за нешто минливо, суетно,  за нешто што не ни неопходно, за нешто што нè оддалечува од нашата љубов кон Бога. Токму ова било и причината поради која нашите прародители паднале во грев. Како господари на Рајот, создадени според Божјиот образ и подобие, според Неговата господственост, тие имале сѐ во изобилие, секакви наслади и го имале најважното – непрестајно општење со Бога, но сепак, се полакомиле по нешто повеќе, по нешто што не им било неопходно и така во нив започнала да дејствува похотата. Преку неа, Ева, а потоа и Адам биле привлечени од плодовите на забранетото дрво. Истото се случува секогаш кога ги надминуваме границите на нашите потреби, кога од неопходност преминуваме во похота. Ова се однесува на сите потреби на нашето тело: јадењето, пиењето, облекувањето, одржувањето… Значи, не е грев да се јаде и да се пие – тоа е неопходност – но, грев е прејадувањето и препивањето. Затоа Апостолот не нè поучува да не јадеме и да не пиеме воопшто, бидејќи храната е неопходност, туку да се воздржуваме од прејадување, од срамни гоштевки и пијанства. На едно друго место тој го почува апостолот Тимотеј да употребува и по малку вино, заради телесното здравје (1. Тим. 5,23), што значи дека не виното, ами неговата злоупотреба е зло. Истото важи и за останатите потреби на телото, но и на душата, како на пример, интелектуалните потреби, културното надоградување, разонодата…, коишто во никој случај не треба да дозволиме да преминат во страсти. Затоа, најдобро е човек потребите на телото да ги сведе на минимум. Во таа самодисциплина, во таа контрола над себеси, тој многу полесно ќе може да ја одржува и севкупната хигиена на душата.

Изгонувањето на Адам и Ева од Рајот

Кога сме веќе кај неа, кај грижата за душата, би сакал сега повеќе да се задржиме на зборовите од Апостолот Павле, кој советува да не го поминуваме животот во препирки и завист. Лесно би можело да се воочи, мили мои, дека зависта е причината за најголем дел од несогласијата помеѓу нас, во личните односи, во семејството, во политиката и општеството, а, за жал, и во Црквата. Зависта, љубомората е навистина ужасна страст. Во Светото Писмо таа е опишана како „гнилеж за коските“ (Изрек. 14,30) и „сурова како пекол“ (Песна 8,6). Со еден збор, зависта го води човека во предвремена смрт. Завидливецот се наоѓа во духовен мрак, затоа што нема љубов во себе. Каде и да се појави, тој предизвикува негативни чувства и немир. Каде што има завист и карање, таму има неслога и сè е лошо – пишува Апостолот Јаков (Јаков 3,16). Спротивно на ова, онаму каде што има љубов не може да има завист и таму сè е убаво и пријатно. Љубовта и зависта меѓусебно се исклучуваат: Љубовта е великодушна, вели Свети Павле, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не е горделива, не е непристојна, не бара свое, не се срди, не памти зло… сè покрива, во сè верува, на сè се надева, сè поднесува (1. Кор. 13,4-6). Еве што бара Бог од нас, мили мои. Да се облечеме во оружјето на светлината, во Исуса Христа, во љубовта, за да не нѐ обземе зависта, од која се раѓаат кавгите, гневот и сите несогласици. Зависта и кавгата се како мајка и ќерка. Секоја кавга произлегува од зависта. Да го запомниме тоа добро и знаејќи го, да се чуваме себеси од зависта. Зашто, доколку објективно погледнеме во себе, ќе се увериме дека оваа страст се пројавува и во нас.

Од каде, мили мои, овие погубни страсти, зависта и гневот, во нас? Страстите се, всушност, извитоперување на душевните сили дадени од Бога на човекот, кои се следниве три: разумна, волева и желбена. Следствено, страстите се душевни болести коишто непрестајно водат кон грев, тие се едно вкоренето пребивање во злото, внатрешна морална болест. Можеби некој ќе соблазни и ќе рече: зошто, тогаш, Бог ги создал овие сили во човекот? Ќе повторам, во никој случај Бог не е виновен за нашата острастеност, туку самите ние, коишто доброволно ги изопачуваме душевните енергии, дадени да ни послужат за добро. „Злото и страста не постојат по природа во човекот, зашто Бог не е Творец на страсти“ – вели Божествениот Јован Лествичник (Лествица 26,41). Така, доаѓаме до заклучокот дека, онтолошки, страстите немаат свое постоење во човекот, туку се една неприродна состојба, едно погрешно движење на душата, преиначување на нејзиното настроение. Со злоупотребата на душевните сили ние самостојно се оддалечуваме од небесниот свет и од близината со Бога. Впрочем, тоа го претставува и падот на Адам и Ева, после кој страста станува како втора природа на човечката душа.

Ќе ви наведам и еден пример за добра употреба и за злоупотреба на душевните енергии. Кога некој е подобар од мене, повеќе напреднат во добродетелите, поуспешен во нешто, тогаш јас се исполнувам со ревност, со завист во позитивна смисла, и преземам трудови и подвизи за да го достигнам во доброто, без притоа да направам каква-годе штета некому. Тоа е она за кое Апостолот Павле говори: Со својата братска љубов сакајте се срдечно едни со други; натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг (Рим. 12,10). Спротивно, пак, на ова – кога му завидувам на мојот ближен, не со радост дека успеал и со желба да го достигнам во доброто, туку со омраза и со ревност да го уништам него или неговиот успех – е тоа е веќе погубна страст, тоа е духовна смрт.

На овој начин, ние стануваме најголеми грешници. Видовме, Апостолот најнапред нè поучува да се воздржуваме од телесните гревови (гоштевки, пијанство, блуд, нечистотија), а потоа, како нешто особено важно, и од препирки и завист. Неопходно е, значи, да се воздржуваме како од телесните, така и од душевните страсти. Оти, има некои што и на себе и на другите, па дури и на исповед велат: Јас не одам на гоштевки, не се опивам, не блудствувам, немам пороци… Меѓутоа, завидуваш ли, или се гневиш на ближниот свој – тогаш ти си многу поголем грешник од оние што паѓаат во телесните гревови.

Каин и Авел

Доколку човек не се бори со страста на зависта во себе, таа може да заземе навистина огромни размери, да стане една ужасна и смртоносна болест, пеколен пламен што го гори најнапред оној што ја поседува, а потоа и сè друго околу себе. Затоа, неопходна е борба со оваа сатанска страст, која го натерала најсветлиот ангел да стане началник на темнината и на злото; која ја подигнала раката на Каин против брата си Авел; која Го предала Христа на суд и на распнување (Зашто знаеше дека Го беа предале од завист (Матеј 27,17)); која ги прави сите поделби и раздори во меѓусебните односи, во општеството, во домовите, во Црквата, во манастирите, секаде каде што постои заедница воопшто. Еден свештеник му завидува на друг и го клевети; брат прави сплетки против брата си; жената му завидува на мажот и мажот на жената… Просто, зависта како да нема крај. Често слушам изјави од типот: љубоморам на маж ми, на жена ми, бидејќи го сакам, ја сакам. Не можеш, човеку, да љубиш ако љубомориш. Тоа е оксиморон. Самата етимологија на зборот љубомора значи мор, смрт на љубовта (од стсл. моръ – смрт, помор, чума). Оној што љуби не може да љубомори, да завидува. Тој е великодушен, ја почитува слободата на другиот, знае да проштава.

Вечерва, пред почетокот на четириесетдневното наше духовно и морално патешествие кон светлината на Воскресението, Светата Црква нè повикува да се опростиме меѓусебно, да се возљубиме едни со други, да усвоиме едно добро и љубезно настроение кон ближните, коешто треба да нè држи не само во оваа вечер, ами и во текот на целиот пост, на целиот живот. Да се украсиме со најубавата добродетел – љубовта, која произлегува од верата и која ќе трае вечно. Најнапред, би сакал прв да побарам прошка од сите вас, за мојата немарност, за сè што сум погрешил со помисли, зборови и дела, во сите денови на мојот живот. Смирено барам прошка и за моето слово вечерва, доколку нешто ненамерно погрешив во него, зашто денеска цел ден исповедав и бев сосредоточен на проблемите на луѓето. Сепак, сакав вечерва нешто од душа да ви кажам и да ги споделам со вас моите размислувања.

Ви благодарам што дојдовте во толку голем број, та да бидеме сите како едно семејство. И ќе повторам нешто што го кажав и на мојот именден: сите ние овде не сме бигорчани – сите вие што сте духовни чеда на оваа Обител, и на други обители и духовници, сите ние сме една Црква, едно тело Христово. Никогаш не сум ве учел и не сакам да се делите по манастири, по духовници. Да ги сакаме сите, сите подеднакво да ги почитуваме. На моите духовни чеда им благодарам што ме чувствуваат како татко и ги замолувам да се молат за мене. Помолете се усрдно за овој пост да биде богоугоден насекаде меѓу Христијаните во светот, да биде исполнет со вистинско покајание, па така, сите заедно да Го израдуваме нашиот мил Бог, Кој постојано ни испраќа голема милост. И покрај нашите многубројни грешки, Он не престанува да нè милува и да ни проштава. Значи, ако Он ни проштава, тогаш и од нас се бара да проштаваме. Така и нè поучи во молитвата „Отче наш“: „ … и прости ни ги долговите наши, како што им ги проштаваме и ние на нашите должници…“ Многу едноставно: колку милост и прошка даваме, толку ќе ни биде и дадено. Не можеме да се наречеме вистински Христијани, доколку не проштаваме од душа и на најголемите наши противници.

Простете ми и добра Четириесетница!