Христос е единствениот вистински Спасител

Слово на Старецот, Архимандрит Партениј, за празникот Благовештение на Пресвета Богородица, изговорено пред почетокот на сеноќното бдение


Добровечер на сите и добро ни дојдовте во нашата Света Обител, за вечерва заеднички да го прославиме празникот на Светото Благовештение. Во самата суштина на овој голем господовобогородичен празник лежи едно огромно Божествено чудо, коешто е од големо значение за целата природа, а особено за човечката. На овој ден, всушност, Бог, вселувајќи се во утробата на Пресвета Богородица, целосно се сроди со човекот; стана човек, во сè еднаков со нас, освен во гревот, за да може и човекот да се обожи.

Деновиве, во посета со една група наши пријатели, дојде и еден муслиман, човек со навистина широка душа, образован, доста начитан, отворен и пријатен за разговор. По професија беше новинар и претставник на турска телевизија. Искрено, ме воодушеви со неговите големи познавања од областа на религијата. Разговарајќи со него со учтивост, внимание и љубов, како и секогаш при средби со припадници на други религии и деноминации, дојдовме до заеднички заклучок дека Бог е еден и дека Тој е љубов. Меѓутоа, гостинот сепак настојуваше и понатаму во разговорот, сакајќи да докаже дека нашите вери се многу слични. И во тоа свое настојување тој отиде подалеку во толкувањето на Куранот и хадисите и рече: „И ние муслиманите веруваме дека накрај на светот ќе му суди Исус, а не Мухамед. Значи, и ние Го чекаме Исус“. И додаде уште дека и тие, муслиманите, веруваат во Исус, но сè до Неговата смрт на Крстот, а ние, пак, веруваме и во Неговото Воскресение и Вознесение. Исто така, тие Го почитуваат Христа како еден голем Божји пророк… Тогаш јас му укажав дека токму во тоа се состои суштинската разлика помеѓу нас. Во желбата да покаже дека ние веруваме многу слично, тој, всушност, несвесно го направи спротивното: ја откри најголемата и непремостлива разлика помеѓу двете верувања. Зашто, ако Христос не воскреснал, како што вели Божествениот Павле, верата наша би била празна (сп. 1. Кор. 15,14). Спасението на човекот од смртта и неговото обожение започнаа со воплотувањето на Словото Божјо, но, конечно се остварија преку Неговите Страдања, смртта на Крстот, Воскресението и Вознесението на небото, кога беше вознесена и човечката природа. Ете, продолжува Св. Ап. Павле, Христос воскресна од мртвите и со тоа стана првина за умрените. Бидејќи смртта дојде преку човекот, така и воскресението од мртвите стана преку човек. И како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат (20-22).

Благовештение на Пресвета Богородица

Доколку, пак, се сложев со човекот дека нашите вери имаат големи сличности, тогаш ќе испаднев лицемер. А, лицемерието не може да се нарече љубов. Затоа, секогаш кога станува збор за верата, ние треба да ја говориме вистината. Се разбира, ќе ги почитуваме луѓето во слободата на изборот на нивните верувања, нема да ги навредуваме, но секогаш ќе ја говориме вистината, како што и советува Св. Ап. Петар: бидете секогаш подготвени со кротост и страв за одговор на секого, кој од вас побара сметка за вашата надеж (1. Петар 3,15).

За големината на Божјото чудо што го славиме денес – бессеменото зачнување на Синот Божји, говори дури и самиот Куран, како и повеќе авторитетни хадиси, кои не можеле да ја занемарат оваа несомнена вистина. Единствената личност во Куранот што била зачната не со телесно соединување на маж и жена, туку натприродно, од Духот Божји, бил токму Хазрети Иса, како што Го нарекуваат Господа Исуса Христа. Не го прави ли тоа Христос различен, односно поголем од сите пророци, Божји пратеници и лажепророци низ историјата на светот? Всушност, Он беше најавуваниот и очекуваниот Месија од сите пророци, па со самото тоа не може да биде пророк, туку нешто многу повозвишено од пророк; Он е Месијата, Спасителот, Самиот Син Божји, Кој го спасува човекот. А, како го спасува?

Со падот на првите луѓе пострада и целокупната човечка природа. Човекот стана подложен на болката, распадливоста и смртта. Сите луѓе, како потомци Адамови, ги наследија последиците од падот на Првосоздадените. Спасителот Господ Исус Христос, за да го обнови родот човечки, требаше Самиот да стане „нов“ човек, да ја пресоздаде човечката природа, незаразена од болеста на распадливоста и смртта што го покосуваше човештвото. Затоа и зачнувањето на Христос стана не преку вообичаениот начин на телесно соединување на маж и жена, ами со посебна Божја интервенција, од Светиот Дух (Матеј 1,20). Така, зачнувањето Христово претставува едно ново Божјо создавање; Бог, во лицето на Исус Христос создаде нов човек – новиот Адам на благодатта. Па, како што првиот Адам немаше човечки татко, туку беше создаден направо од Бога, така и новиот Адам, Христос, вториот Родоначалник на човештвото, се јави со непосредно Божјо дејствие. Сега, при неискажливото чудо на воплотувањето, иако навидум се нарушуваат природните закони, сепак, се обновува природата на човекот. Господ преку дејствие на Светиот Дух зема тело од Пресвета Богородица, и настанува едно чудесно раѓање; и затоа Светите Отци велат дека Христос е единственото чудо под Сонцето.

Правејќи споредба помеѓу двата Адама, великиот зналец на Божјото откровение заклучува: Првиот човек Адам стана жива душа, а последниот Адам – животворен дух… Првиот човек е од земја, земјен; вториот човек е Господ од небото (1. Кор. 15,45,47).

Сепак, за да можеше новиот Адам на таков начин да дојде меѓу луѓето, беше потребна личност што со своето беспрекорно послушание, смирение и чистота ќе Му се предаде целосно како Негово сместувалиште. Таа личност беше пречистата Дева Марија од Назарет. Затоа Отците на нашата Црква ја споредуваат Богородица со Рај, бидејќи во Неа, како во Едемската градина, Бог Го насади новиот Адам, овој пат не со земја и вода, туку на чудесен начин, преку Светиот Дух и со учество на Пречистата: „Ти си, Богородице, таинствениот Рај, што необработено Го израсна Христос…“ Следствено, во лицето на Пресвета Богородица целото човештво доби една Мајка, Која е непрестајна застапница за сите. И затоа Бог ни е толку близок, бидејќи дојде на земјата преку Мајка. Единствено преку Богородица можеме да Го разбереме Бог.

Кивотот со светите мошти

Спомнавме дека со воплотувањето на Словото Божјо во девствената утроба на Пречистата Дева Марија започна спасението на родот човечки. Во текот на бдението повеќе пати ќе го слушнеме тропарот на денешниот празник: „Денес е почеток на нашето спасение…“ Почеток на спасението на човечката природа. Колку возвишено нешто! Деновиве размислував повеќе околу ова. А, ме поттикна на размислување новата поклонувалница за светите мошти што ја изработувавме изминативе денови. Имено, вие знаете дека во нашиот манастир има еден прекрасен кивот со свети мошти на повеќе Светии, вклучително и парче од Чесниот Крст, којшто кивот е изработен во првата половина на 19 век од сребро и дрво, од вешти мајстори од овој крај, и зографисан од знаменитите зографи Михаил и Даниил. Бидејќи правевме прераспределба на некои елементи во црквата, со цел да добиеме правилен распоред за литургиската функција на храмот, се решивме кивотот со моштите да го поставиме привремено во нартексот. Меѓутоа, и тука моштите не беа некако соодветно истакнати. И така одлучивме да изработиме една поклонувалница во која кивотот ќе биде достоинствено сместен. Додека ја правевме неа, си размислував колку голема светиња се чесните мошти на Светиите и како ним им се оддава голема почит во православната Црква. Еве, ние бевме дури и тажни што на моштите, со нивната досегашна положба, некако не им беше дадено доволно значение. А што се, впрочем, светите мошти? Коски на луѓе како нас. Ама, гледајте, како преку тие коски моќно дејствува Божјата благодат и од нив стануваат големи чуда! Ете, тоа е придобивката од зачнувањето и воплотувањето на Христос. Тие коски се сега свети, затоа што и личностите на кои им припаѓаат се осветиле преку Христа. Со воплотувањето, крстната жртва, Воскресението и Вознесението на Втората Ипостас од Света Троица, и нам ни се даде можност да се обожуваме, да стануваме богови по благодат. Малата и незначителна жичка – човекот, кога се допира до Божествената неисцрпна енергија, станува нејзин спроводник и прави чудеса. Човекот соединет со Христа станува чудесен и чудотворен. Токму затоа ги почитуваме и им се поклонуваме на светите мошти и икони, затоа и Пресвета Богородица толку многу ја славиме, знаејќи дека преку нив ние, всушност, Му се поклонуваме на Самиот Бог. Смислата на денешниот празник е чудото што човекот се удостои со Божественост; сега секој од нас, преку подвигот на љубовта и смирението, може да застане оддесно на Бога, да биде постојано во прегратките на Бога. Бог нема да одбие никого што во смирение Му пристапува, затоа што Божјата љубов е огромна: таа отиде дотаму, што се распна на крст заради нашата слобода и обожение. Едноставно на Бога не му беше доволно тоа што го создаде човекот според Својот образ и подобие; Он посака и во потполност да го соедини човекот со Себе. Такво е значението што го има овој прекрасен господовобогоричен празник.

Затоа, кога на почетокот ги спомнавме муслиманите, кон кои како наши со-луѓе имаме должна почит и љубов, ние не сакавме воопшто да ги навредиме, туку само да нагласиме дека спасението и обожението на човекот стануваат единствено преку Господа Исуса Христа, Распнатиот и Воскреснатиот. Тоа е Вистината, што ние како Христијани сме должни постојано да ја сведочиме. Нашите предци неа многу добро ја знаеле и до неа цврсто се држеле. Доколку, пак, не би постоеле големи разлики помеѓу двете вери, како што сакаше да докаже нашиот драг гостин и соговорник – а знаеме дека во минатото кај нас имало толку силен општествен притисок и некогаш било привилегија да се биде муслиман – зошто тогаш нашите предци никако не попуштале и останувале непоклатни во однос на чувањето на спасоносната Христова вера, па макар и по цена на животот? Затоа што нашиот богоносен народ, просветлен од Светиот Дух, имал вистинско познание дека Исус Христос е новиот Родоначалник на човештвото и дека сите што потекнуваат од Него, односно оние што Го последуваат со вера и љубов, не ја наследуваат повеќе распадливоста и смртта, туку нераспадливоста и вечноста.

Пресвета Богородица, Која преку смирение и послушание постана за нас духовен рај и трпеза Божја, нека се моли за сите нас, та и ние да напредуваме во христијанското смирение, со кое стануваме Божји пријатели и Божји сместувалишта. Оти, смирението е она што Бог најмногу го бара од нас. Он сака нашите срца да Му ги предадеме Нему за да ги направи храмови Негови. Ние ги украсуваме Божјите храмови за слава Негова, но, негов најдраг храм останува нашето срце. Затоа, вечерва да ги украсиме и нашите срца со љубов, смирение и молитва, за да може Бог во нив да почива и преку нив да дејствува. Зашто без нашата слободна волја, Бог не може да дејствува.

Да сте живи и здрави и убаво бдение на сите!