Преку верата до возвишено богословие

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено на Четвртата недела по Педесетница, во храмот „Свети Петар и Павле“ во Галичник, 14 јули 2019 лето Спасителово

Возљубени верници,

Добредојдовте во славниот Галичник! Ви се обраќам со почесниот збор за еден Христијанин: верник, верници. Да се наоѓа човек во вистинската вера, да верува во единиот Бог Света Троица, претставува голема чест, Божествено достоинство, небесно призвание. Верник не значи само едно просто определение. Тоа е живо причастие, реален удел во живиот Бог. Вистина е дека сите луѓе веруваат во нешто, вклучително и оние што се изјаснуваат себеси како атеисти, нихилисти, агностици итн., зашто и тие, без да се свесни, веруваат во нешто. Но, не сите луѓе можат да се наречат верници, бидејќи тој термин го надминува своето етимолошко значење и добива конкретна определба, означува припадник, следбеник на вистинското Божјо откровение. Оние, пак, кои веруваат во нешто несуштествувачко, нешто измислено, вообразено, било да е тоа некоја идеја или цел систем на верувања и силогизми, тие не можат да се окарактеризираат како верници, туку како празноверци.

Архимандрит Партениј Бигорски

Денес јас особено се радувам што го гледам овој убав, впечатлив храм, изграден со многу труд од нашите предци, полн со верници; се радувам што ги гледам вашите светли лица, како најубав украс во ова Божјо место. Ве повикав овде во Галичник, бидејќи секогаш кога сме служеле во овој храм досега, главно бил празен. Без ние да повикаме верници отстрана, храмот беше речиси секогаш празен. Затоа сега сум многу среќен што ве има во така пристоен број. Згора на тоа, овој храм и не може така лесно да се наполни, бидејќи, гледате и самите колку е голем. А што ни покажува тоа? Дека некогаш нашите предци имале потреба да градат големи храмови, за да би ги собирале сите верници внатре. Храмовите Божји биле нивните најпријатни, најомилени собиралишта, од причина што самите тие биле жива Црква, храмови на живиот Бог, дејствителни членови на Телото Христово. Црквата не ја сочинуваат само материјалните храмови, туку пред сѐ и над сѐ, верниците. Затоа, кога го гледав храмот празен за време на светото богослужение, се натажував до солзи. Денес, пак, многу се радувам. Не со ѕидовите, не со фреските и иконите, туку се радувам со вас, живите икони на Света Троица, кои сте собрани тука на молитва, на Светата Литургија.

Во оваа, четврта недела по Духовден, според богослужбениот типик, на Литургијата се читаше евангелското четиво за средбата и разговорот на римскиот военоначалник од Капернаум со Господа Исуса Христа. Овој заповедник на еден цел гарнизон од стотина војници, поради што и се нарекувал стотник, бил Римјанин по род, не бил Евреин, па следствено, би претпоставиле, не знаел за вистинската вера во единиот Бог. Меѓутоа, погледнете што се случува: овој стотник, овој Римјанин, навидум незнабожец, чиешто занимање било да покорува, поробува и убива, оди при Спасителот Христос и Му вели: Господи, слугата мој лежи дома фатен и многу страда. Замислете, колкава љубов покажува, не кон својот родител, не кон своето дете или некој роднина – што е нешто вродено и природно – туку кон својот потчинет, кон својот слуга! Слугата мој, вели, многу страда. Трогнат од оваа сочувствителност, од ова сострадание со некој понизок од него, Господ Исус му одговара: Ќе дојдам и ќе го излекувам (Матеј 8,6-7). И сега следува нешто запрепастувачко, нешто што никому не би му паднало на памет. Имено, овој Римјанин, овој поробител на избраниот Божји народ, овој „незнабожец“, исповеда пред сите таква силна вера, што ги допира дури и границите на возвишеното богословие. Исполнет со необично смирение и вера, Му вели на Христа: Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави; зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: „Оди!“ и тој оди; на другиот: „Дојди!“ и тој доаѓа; и на слугата: „Направи тоа!“ и тој прави (Матеј 8,8-9). Забележете добро – вели: „кажи само збор, само едно слово, една реч Твоја и доволно е“. Ете како еден римски стотник, еден неупатен во светите писанија туѓинец, се покажува како просветлен теолог, поголем од оние што секојдневно го читале, но не со вера и срце, Светото Писмо; поголем од фарисеите и садукеите во Ерусалим, кои напамет ги знаеле пророштвата и псалмите и се фалеле со тоа, но напразно – тие немале вистинска вера. Не го отвориле искрено срцето за Бога и поради тоа не можеле правилно да богословат. Помрачени од зависта и злобата, не спознале дека Тој Кој се движел помеѓу нив, Кој беседел со нив за големите тајни Божји и правел чуда пред нивните очи, е Синот и Словото Божјо, Спасителот на светот. А еве, еден римски стотник, преку својата вера, Го исповедал Христа за Бог, за Слово Божјо. Кажи само збор… Знаел дека за Бог сѐ е можно, дека е доволен само еден збор и со тоа неговиот слуга ќе оздрави. Имал таква вера што знаел дека и едно најмало слово од Словото Божјо е доволно. Гледате ли каква вера имал овој човек?! Дури ни на учениците Христови не им било сѐ уште јасно дека Тој е Син на Живиот Бог, дека Тој е Словото, Речта Божја, преку Кого сѐ постанало. Што вели Светото Писмо? На почетокот од времето, при создавањето на светот, при Божјото творење на секое нешто од овој свет, се вели: И Бог рече… И би така. Предвечниот Совет на Света Троица, Отецот, Словото и Светиот Дух, го создал светот. Свети Јован Богослов го започнува своето Евангелие токму со тој мотив, со почетокот на созданието и со дефинирање на Света Троица. Затоа и е наречен Богослов, бидејќи го започнува Евангелието со висока теологија, со вдахновение од висините: Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога и Бог беше Словото. Тоа во почетокот беше во Бога. Сè стана преку Него и без Него ништо не стана, од она што постана (Јован 1,1-3).

Сега ни станува јасно зошто Господ се зачудил и воодушевил од силната вера, од длабокото богословие на стотникот и извикал пред своите ученици и пред народот: Вистина ви велам: ни во Израилот не најдов толку голема вера… И му рече Исус на стотникот: Оди си, и нека ти биде според верата твоја! И слугата негов во истиот час оздраве (Матеј 8,10,13). Гледате ли, мили мои, дека верата е делотворна?! Колку е важно човек да го отвори срцето за Бога и да поверува. Навистина, честопати е тешко да се верува, но во тоа се состои нашата главна борба. Верата е првиот чекор, таа е нашиот влог, би рекол, во банката Господова, влог којшто носи голема камата за добивка. Затоа, да бидеме храбри. Кога станува збор за верата, многупати се сомневаме. Тука е, секако, и духовниот непријател на човечкиот род, кој постојано ни вметнува помисли: па чекај, не е добро да се доверуваш, ти имаш сили, надевај се на сопствените сили, ти можеш сам да се справиш во животот, не ти е потребен Бог и сл. Но не е така. Без вера во Бога човекот не може да живее. Телесно, можеби, ќе живее, но духовно се губи и пропаѓа. А кога станува збор за дејствителната вера, тогаш стануваат чуда. Како што се случи и со стотникот денес. Рековме, дури ни на апостолите уште не им било јасно Кој, всушност, бил нивниот Учител. Никому! Освен, се разбира, на Пресвета Богородица, на Мајката Христова. Нејзината вера, богоисповедание и богословие доаѓаат до израз на свадбата во Кана Галилејска. Имено, кога на свадбата снемало вино, некои од гостите ѝ соопштиле Неа, па Таа Му се обратила на Својот Син и Бог: Немаат вино. Господ ѝ одговорил: Што бараш од Мене, жено? Уште не дошол Мојот час – во смисла дека сѐ уште не беше дошло времето за Неговата јавна проповед меѓу народот. Но, Мајка Му Негова им рече на слугите: Сè што ќе ви рече, направете!(Јован 2,3-5) Значи, Таа преку верата знаела дека Исус Христос е Синот и Словото Божјо, Творецот на сѐ создадено. Затоа ѝ со толкава убеденост рекла: Сè што ќе ви рече, направете!

Верата е почеток на сите добродетели. Апостолот вели дека сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта, и заклучува: најголема меѓу нив е љубовта (1. Кор. 13,13). Тоа се трите главни христијански добродетели и навистина најголема меѓу нив е љубовта. Но, кај нив има последователност: без верата никој не стасал до надежта, а камоли, пак, до љубовта. Верата е почеток, основа, победата што го победи светот (1. Јов. 5,4). Таа прави чуда и ние секојдневно сме сведоци на тоа. Доволно е човек аналитички да погледне во својот живот и ќе увиди дека многу нешта, навидум случајни, се всушност Божја интервенција. Колкупати сме рекле: по чудо се спасив, како нешто да ме чуваше, не се случи она најстрашното… Кој е Тој што постојано нѐ чува во нашите животи? Мојот, твојот, нашиот Бог. Затоа, да му се довериме посилно, поискрено, поревносно, како што Му се доверувале некогаш нашите прадедовци, кои ѕидале вакви прекрасни храмови, кои се оддалечувале на вакви високи и тешко пристапни места, само за да го зачуваат најважното – верата нивна. Зашто знаеле дека човек без верата христијанска е ништо. Неслучајно Христос во Евангелието вели: бидете мудри како змии и незлобни како гулаби (Матеј 10,16). Зошто го кажува тоа? Затоа што змијата особено ја чува својата глава. Ако нешто ја повреди по телото, ќе преживее, ќе се исцели, но ѝ ја смачка ли некој главата – веднаш умира. Токму таа е пораката од денешното Евангелие: чувајте си ја главата, запазете си ја верата, бидејќи без неа човек станува дезориентиран, изгубен, неупотреблив. И еден цел народ, почне ли да ја губи верата, тој ќе се разнебити, ќе исчезне… А преку верата, стануваме вистински теолози, богослови, не според академски титули, туку според животот.

Мили мои верници, уште еднаш ви благодарам што сте денес тука заедно со нас и што ме инспириравте да ви зборувам. Оти кога човек гледа луѓе жедни за словото Божјо, тогаш и срцето и умот му се отвораат и почнува да говори. Бог да ве благослови!