Христе мој воскреснат, Светлино моја, љубов и радост моја!

Слово на Старецот, Високопреподобниот Архимандрит Партениј, изговорено на Света Пасха, по читањето на воскресното Евангелие

одека врвевме, мили мои, на крстниот вход со Благодатниот оган околу храмот, видов многу озарени лица што дејствително го живеат Воскресението, длабоко ја чувствуваат воскресната радост. Се возрадував и јас многу поради тоа и си помислив: навистина, Господ вечерва во полнота ни ја испраќа Својата Божествена радост. А, ние, како рожби на верата во Воскресението, ја восприемаме таа воскресна радост и ја споделуваме Христовата љубов со сите наши ближни, па и со оние што ни се по дух далечни. Оти, Христијанинот треба токму тоа и да биде: благовесник на оваа славна радост на Спасителот, којашто ни се дава во полнота, преку Неговиот Крст и Воскресение. А, на кој начин ни се дава? Со излевањето на Божјата неизмерна милост и љубов кон нас, со простувањето на нашите гревови и исполнувањето со секаква правда и, накрај, најважното – со победата над непријателот на нашето спасение и разрешувањето на најголемиот проблем на човештвото – смртта. После Христа и смртта веќе не претставува проблем за оној којшто верува во Него.

Оваа вечер, на утрената богослужба што следи во продолжение, како и на Светата Литургија потоа, сè ќе трепети во неискажливата воскресна радост од победата над смртта и повторното соединување на човекот со Бога. Затоа, да посакаме и ние да бидеме со Него, како што Он ни се дава Себеси. А, ќе го направиме тоа најдобро преку нашата љубов кон Него, преку нашето покајание, преку милоста што треба да си ја покажуваме едни кон други, и особено преку простувањето на нашите ближни. Доколку на дело го покажуваме сето ова, ќе можеме да се наречеме вистински Христијани и нашата радост во Христа ќе биде полна.

Патувањето кон Емаус

Човекот има насушна потреба од Божјата милост, од милоста на воскреснатиот Господ, Кој е единствената надеж и наслада за секоја душа. Се сеќавате на евангелскиот настан, кога Господ по Воскресението им станал сопатник на двајцата апостоли Лука и Клеопа, коишто патувале од Ерусалим кон Емуас (Лука 24,13-34). Иако тие не Го препознале Христа, бидејќи Он им се јавил во вид на патник, сепак ја чувствувале огнената благодат што зрачела од тој таинствен Странец. Во нивната збунетост и уплашеност, Он ги укорил за маловерието и ги упатил во пророштвата и Писмата од Стариот Завет: Не требаше ли така да пострада Христос и да влезе во Својата слава? Па, како почна од Мојсеја и од сите пророци, им зборуваше што е кажано за Него во целото Писмо. Сладоста од Неговите зборови толку ги освоила душите на апостолите, што тие не сакале никако да се разделат од Него, макар што сè уште не знаеле Кој е. И кога требало да се разделат, тие Го поканиле да преноќева со нив: Остани со нас, оти денот превали и наскоро ќе се стемни! Всушност, нивните души проговориле, затоа што ја чувствувале благодатта.

Да бидеме и ние како овие двајца блажени апостоли, и со душата да Му кажеме на Христа: „Господи, нашиот живот без Тебе, без Твојата животворна светлина, без Твојата милосрдна поткрепа, без Твојата најслатка љубов што ја излеа врз светот, е ноќ, темнина, мрак. Затоа, остани со нас! Не нè напуштај!“

Оти, што е светот без Христа, освен еден огромен и најтемен мрак и нерешлив безизлез? Еве, слушаме насекаде гласови за терор, за војни; пред целиот свет, пред нашето современо општество се испречени две големи зла: првото, исламскиот фундаментализам и религиски радикализам; а второто, исто така не помало зло – агресивниот атеизам. И двете овие зла, свесно или несвесно, непосредно ја деградираат човечката личност со тоа што ја нарушуваат, или сосема не ја почитуваат нејзината од Бога вродена слобода и право на избор: едното, преку желбата по насилен пат да ја наметне својата шовинистичка идеологија, а другото, преку својата неразумна борба против Бога и верните во името на демократијата, занемарувајќи го притоа фактот, дека колку што е демократско право некој да не верува во Бога, исто толку демократски е и некој да верува во Него. Меѓутоа, во злобата логика и расудливост нема. Па, како што некогаш непомирливо спротивставените секти на фарисеите и садукеите, во својата злоба се здружиле за заедничка борба против Христа, така и денес овие две, навидум неспоиви движења, настапуваат во коалиција кога станува збор за војна против Христа и Христијанството.

Меѓутоа, мили мои, ние не смееме да очајуваме, бидејќи Црквата Христова поминала многу општества во овој свет, општества кои биле сурови и преку страв и терор владееле над своите поданици. Такви биле, на пример: Римската Империја, Отоманското Царство, Советскиот Сојуз и многу други, кои, иако моќни за овој свет, не успеале да ја победат Црквата света. Доволно е само да се потсетиме дека борбата за Вистината започнала со дванаесетте апостоли и нивните следбеници, кои во текот на три века биле безмилосно убивани. Секој што во Римската Империја ќе убиел Христијанин, мислел дека на Бога му принесува слава. А, ете, Христовата вера однела сјајна победа! И тоа, замислите, вистинските Христови проповедници никогаш во своите рацете не зеле оружје за со него да го проповедаат Христовото Евангелие! Напротив, испратени од нивниот Спасител како јагниња на колење, тие, имајќи ја љубовта и мудроста Негова како оружје, со мир го освојувале светот. Силата со која биле наоружани била токму таа, крстовоскресната.

Гледате колку Господ нè обдари со милост, со љубов; посака да нè постави оддесно на Отца, да нè направи заедничари со Него! Во Својата првосвештеничка молитва кон Бог Отецот, пред распнувањето, Христос се помолил: Оче Свети, запази ги во Твоето име оние, што си Ми ги дал, за да бидат едно, како што сме и Ние… Но не се молам само за нив, туку и за оние, што по нивните зборови ќе поверуваат во Мене, за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил (Јован 17,11,20-21). За каква заедница и какво достоинство Бог го повикува човекот! И сè што направи: несфатливото вочовечување и раѓањето во скромна пештера; смиреното поднесување на навредите и хулењата и долготрпението во страдањата и крстот; а најпосле и славното Воскресение – го направи за да ни го даде тој огромен дар на посиновение.

Е, сега, мили мои Христијани, да се запрашаме колкава е нашата одговорност, покрај сета таа љубов Божја? Неизмерна! Бидејќи ние сме тие кои можеме да го промениме светот. Господ Исус на апостолите им рече: Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето; но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот – затоа светот и ве мрази (Јован 15,19). Но, како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам (Јован 20,21). Како да им рекол: „Ве праќам во светот, не за да станете исто со него, туку да го промените со љубовта Моја“. Значи, за да можеме да промениме нешто, мораме најпрво самите ние да се издигнеме над него. Повторно ќе наведувам зборови од светото Евангелие; при прошталната беседа на Христос со Своите ученици пред Распетието, Он им рекол: Станете да си одиме одовде! (Јован 14,31) Тоа во духовна смисла значи дека Христијаните треба да го издигнат својот ум над сè што е од овој свет, над сè распадливо, трулежно, минливо, за да можат да се соединат со Христа, а и меѓусебно, едни со други.
Оваа вечер, можеби и не треба многу да се зборува, бидејќи самата благодат од Воскресението е доволен проповедник. Но, срцето мое, сепак, чувствува потреба да ги каже овие работи. Колку ќе допрат тие до душите – не знам… Можеби и до мене самиот не допираат доволно… Но, најважно е да се покаеме искрено. Тогаш сигурно ќе се доближиме до Бога. Кога можеше разбојникот на крстот во последниот час преку покајанието да стане жител на Рајот, можеме и ние, мили мои, доколку од длабочината на нашето битие повикаме кон седобриот и себлаг Спасител, единствената надеж на овој свет:

„Дојди, Христе, во моето срце! Ти се предавам, Христе мој воскреснат, Светлино моја, љубов и радост моја! Дојди, просветли ми го срцето и направи ме светлина!“

Вечерва сите во раката држиме запалени ламбади. Нивната симболика е дека секој Христијанин треба да биде одраз на Христовата светлина. Можеби некои ќе кажат: „Тоа е невозможно, бидејќи ние сме преполни со гревови, со страсти и слабости… Да, но Господ токму за тоа и се распна. За тоа и Човек стана, пред сè; за да ги понесе нашите слабости и да ги исцели гревовните рани, полагајќи покајание за грешниците. Преку покајанието ние се очистуваме и осветуваме. Повторно ќе го наведеме секогаш спомнуваниот Свети Јован Златоуст, кој вели: „Бог нема да нè суди за нашите гревови, туку за нашето непокајание“.

Гледајќи ве во толкав број, срцето ми игра од радост! И би сакал сега да упатам една порака кон оние што намеруваат да си заминат после дванаесет часот на полноќ. Немојте да го направите тоа, туку останете со нас во оваа најубава и најсветла ноќ во годината, ноќ во која со душите се возвишуваме до најголемите духовни височини. Ова што беше досега е само почеток на чудесното богослужение што следи. Навистина, неразбирливо е да си заминуваме на самиот почеток на славословењето на Воскресението. А, ние, за жал, сме народ познат по тоа што ја исповедаме верата во Бога, а не знаеме каква е таа. Особено сме неразборити на вакви големи празници, како Велигден, кога по дванаесет часот и кршењето со јајце, многумина заминуваат по кафетериите и кафаните. Да знаете дека другите православни народи се подигруваат со нас поради тоа. Во една прилика, за Велигден некој странец дошол кај нашиот Архиепископ. Присуствувал и на пасхалното богослужение во соборниот храм. Откако сè се завршило, нашите го прашале: „Какви се твоите впечатоци? Убаво ли ти беше? Виде ли колку народ имаше, и целата „Партизанска“ беше полна со луѓе…“ Тој им одговорил: „Имаше навистина многу народ, ама само на почетокот. Ми беше многу чудно и по малку смешно што најголем дел си заминаа на почетокот на службата, а уште повеќе тоа што народот воопшто не обрнуваше внимание на тоа што прави владиката и свештениците. Сите седеа групирани во купчиња и само си разговараа нешто што, веројатно, немало никаква врска со богослужбата“.

Ова што го кажав е наменето за малкумина одовде, бидејќи вие повеќето сте духовни чеда на нашиот Манастир и ве познавам добро и ви си радувам многу… Меѓутоа, сакам и сите други да останат и да ја почувствуваат неовоземната радост од оваа најсветла вечер.

Накрај, ве поздравувам со зборовите со кои Свети Серафим Саровски секогаш ги поздравувал луѓето што доаѓале кај него и надвор од пасхалниот период:

РАДОСТ МОЈА, РАДОСТИ МОИ МНОГУ, ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!