„Жар на Утешителот“

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено на Вечерната Богослужба, на споменот на Свети Партениј Лампсакиски

Жар на Утешителот си бил со доблесниот живот, отче преподобен, горејќи ги како гнилеж демонските заседи…


Би сакал, најнапред, од сето свое срце да му заблагодарам на мојот драг собрат, отец Доситеј, економот на оваа Свештена Обител и мој долгогодишен и верен сотрудник и соборец, кој, еве, веќе 25 години е неразделно до мене, како моја помош и потпора – за убавите и полни со љубов зборови, што јас не ги заслужувам.

Сесрдно му благодарам и на Високопреподобниот Архимандрит Матеј, светогорски монах и клирик на братската православна Црква во Грција, приврзан и срдечен пријател на нашето братство, за неговото скапоцено присуство вечерва со нас.

Бескрајно ви благодарам и на сите вас, мили мои гости и духовни чеда, не само од Македонија, ами и од Бугарија, Грција и Србија, што допатувавте дотука за да ја споделите заедно со нас радоста и убавината од денешното црковно празнување – попразненството на Сретението Господово и споменот на големиот Христов угодник и чудотворец, Свети Партениј, епископот Лампсакиски. Ете, по Божја промисла и по благоволението и просветлението на духовниот татко на нашата богочувана Дебарско-кичевска епархија, Митрополитот г. Тимотеј, неговото славно име недостојно го носам и јас, последниот, веќе 25 години.

Впрочем, самата оваа разнолика соборност вечерва овде, ни сведочи дека Црквата е една, света, соборна и апостолска, дека е едно тело Христово, во кое ние одделно сме членови (Сп. 1. Кор. 12,27). Сите ние заедно, значи, го сочинуваме големото и прекрасно семејство на Христа, Кој штедро нѐ собира, без разлика кои сме, од каде сме, што сме. Како што вели Светиот Апостолот Павле: сите сте синови Божји преку верата во Христос Исус; сите, што сте крстени во Христос, во Христос се облековте. Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машко – женско; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса (Гал. 3,26-28). Ви благодарам, мили мои духовни чеда, што, притекнувајќи од сите страни со толкава љубов, вие тоа на дело го сведочите. Неизмерно Му благодарам на Бога за сите вас, за тоа што преку нас и заедно со нас, се учите вистински да Го љубите Христа, а не нешто лажно и прелестно; се учите на богољубие, а не на човекоугодништво. За мене најголема радост е кога ве гледам како сведоци на Христовата безусловна љубов. Самите вие знаете и можете да потврдите дека никогаш не сум ве учел да осудувате и да клеветите, а особено сум ве опоменувал да не го правите тоа со клирот на Светата Црква, бидејќи тоа е страшен престап. Верувајте дека оние што било во себе или јавно го осудуваат и клеветат духовенството на Црквата, не можат духовно да напредуваат, туку, напротив, сосема ќе пропаднат. Затоа, чувајте се од осудувањето. За жал, во денешно време гледаме како многу Христијани се осмелуваат јавно, по социјалните мрежи, да осудуваат епископи, свештеници, монаси, духовници… Но ние, мили мои, да бегаме од тој дух. Да го почитуваме сиот клир на Црквата со должна почит. Освен тоа, не смееме, ние верниците да се делиме според нашиот духовник и според тоа во кој манастир или во која црква се црквуваме. Што уште ни зборува Апостолот Павле во врска со ова? Чув за вас, браќа мои, им пишува тој на верниците, дека меѓу вас имало кавги. Сакам да ви кажам дека секој од вас вели: „Јас сум Павлов“, „А јас сум Аполосов“, „Јас сум на Кифа“, „Јас, пак, Христов“. Па зар Христос се раздели? (1. Кор. 1,11) Следствено, мили мои, вие немојте да се делите и доколку забележите некој што така прави, поучете го со љубов дека не е во ред тоа.

Непрестајно да се трудиме во подвигот на меѓусебната љубов – тоа е најважното. Така ќе бидеме од полза и за Црквата и за општеството и за Татковината. Секако, наша вистинска и вечна Татковина е, пред сѐ, вишниот Сион и градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим (Евр. 12,22). Но, оној кој го избирал него за своја Татковина и го насочил својот живот кон Царството небесно, тој неизоставно ќе знае вистински да ја вреднува и љуби и својата земска Татковина, та ќе биде подготвен дури и да се жртвува за неа на правилен начин, без да запаѓа во лажен патриотизам или идолопоклонство. Господ Исус во Евангелието вели: По нивните плодови ќе ги познаете (Матеј 7,16). Во никој случај не сакам да се фалам со ништо друго, освен со Крстот Христов (сп. Гал. 6,14), но делата што братството на овој Манастир ги прави за милата ни Македонија, самите нека говорат, а јас ќе молчам.

Вие знаете дека како човек со слабости секогаш барам прошка од вас, кога нешто ќе ви згрешам или ќе ве повредам. И оваа вечер, исто така, смирено барам прошка од сите вас и ве замолувам секогаш да ме спомнувате во вашите лични молитви. Зашто, Божјата промисла одредила да бидам игумен на оваа илајаделетна Обител, да бидам прв среде моите браќа монаси, а оние што се повикани да бидат први, имаат огромна одговорност пред Бога. Кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите (Марко 10,44) – вели Господ. Значи тие што се на челни места во Црквата, треба да се, всушност, најголемите служители. Во овие изминати 25 години, со Божја помош, сум се трудел секого од вас да го ислушам, да посоветувам, да утешам, да сочувствувам… Сега топло ве замолувам, да се помолите за мене на мојот небесен закрилник, да ми дава сили и просветление, ревносно да ја продолжам мојата духовничка служба и непосрамено да го носам неговото богопрославено име Партениј.

Светиот отец наш Партениј е личност што ја прави видлива за нас силата за Царството Божјо. Погледнете колку само векови поминале од неговото упокојување, а тој сѐ уште не престанува да твори чудеса, да нѐ заштитува, да посредува за нас пред Бога, како вистински жив пастир на Црквата. Дејствително е жив, затоа што постанал сместувалиште на вечноживиот Бог. Вечерва, во една од стихирите на Богослужбата, химнографот го опиша Свети Партениј како жар на Светиот Дух: „Жар на Утешителот си бил со доблесниот живот, отче преподобен, горејќи ги како гнилеж демонските заседи…“ Жар на Утешителот. Како се станува жар на Духот Свети, светлина на Бога? Единствено преку Божествените несоздадени енергии. Да се потсетиме за момент на Преображението Господово. Што, всушност, се случило тогаш на гората Тавор? Учениците Јован, Јаков и Петар ја виделе Божествената светлина, којашто зрачела од нивниот преобразен Учител. Господ Христос им покажал на учениците дека е можно и телото човечко да биде носител на Божествените енергии. Дотогаш оваа несфатливо силна Божја енергија била сокриена од нив. Не дека неа ја немало во Христа, туку тие не можеле да ја видат дотогаш. Пресветата Богородица, на пример, уште од самото зачнување од Светиот Дух, живеела со таа огромна Божја благодат. Но, после Воскресението на Господа, Божествената обожувачка енергија станала достапна за секој подвижник во љубовта кон Бога. Преку неа се осветиле и обожиле апостолите, мачениците, преподобните, праведните. Со неа се причестил и кон неа се приопштил и денешниот голем славеник, Светиот Партениј; засветлил со нетварната светлина уште за време на животот, за да заблеска во полнота во небесната Црква, од каде сега ни испраќа големи благослови. Примерите на обожение што ни ги оставија Светиите, покажуваат дека благодатниот живот во Христа, преку соединувањето со несоздадените енергии на Светиот Дух, е не само можно, ами и неопходно за сите нас. Оти, токму тоа е и нашето предназначение – да бидеме синови Божји, богови по благодат.

Простете ми и уште еднаш, од сѐ срце ви благодарам што ме удостоивте да ги видам денес вашите озарени лица. Тие ми се утеха и поттик да продолжам да се борам и понатаму. Вашата љубов е таа која постојано ме поттикнува да се трудам и да го издржам тешкиот пат на монаштвото и на духовништвото. Не ја заборавајте љубовта, не го заборавајте единството. Непрестајно сведочете за нив. Прегрнете ги со молитва и љубов сите, вклучително и оние што нѐ осудуваат и озборуваат. Да си простиме сите и да се сакаме еден со друг, за да можеме да се наречеме Христови ученици.

Ви благодарам уште еднаш на сите!