Гордост и Смирение X дел – Парадоксот на смирението

(Десети дел)

 

Парадоксот на смирението

Со смирението е поврзан еден чуден парадокс: колку човекот станува подобродетелен, толку погрешен се чувствува! Но, не го гледаме ли истиот парадокс и кај гордоста, само свртен кон страната на гревот?! Колку повеќе човекот се гордее, а следбено на тоа и греши, толку повеќе за себе мисли дека е поправеден. Мудриот Паскал одлично ја сфатил таа појава и ја опишал вака: „Постојат само два вида на луѓе: едните праведни, кои се мислат за грешни, а другите грешни, кои се мислат за праведни“.

Ние можеме да разбереме како горделивите грешници мислат дека само тие се во право. Имено, тие се во заблуда, зашто гордоста ги заслепила. Но, неразбирливо е, како добродетелните христијани, особено светителите, кои достигнале до големо совршенство, кои се удостоени дури и со дарот на чудотворството, за себе мислеле дека се големи грешници! Можеле ли тие да не ги видат своите совршенства? Дали биле искрени во сознанието на својата грешност? Дали не се смирувале само како од навика, надворешно? Или, пак, длабоко во себе најискрено го чувствувале целото свое блаженство, по некои закони на духовниот живот, кои за нас се непознати?

Свети Тихон Задонски, фрлајќи светлина токму врз ова прашање пишува: „Во вистинското смирение се забележува постојана глад и жед за Божјата благодат, зашто смирението не гледа на тоа – што има, а мисли и го бара она – што нема. Како оние што се учат од книгите и од учителите, колку повеќе се учат и стекнуваат навики, толку повеќе го согледуваат своето незнаење, зашто многу повеќе е она што не го знаат, од она, кое го научиле, така и оние што се учат во училиштето на Божјата Премудрост, толку посиромашни во дух се гледаат, колку повеќе стануваат учесници на Божјите дарови; зашто согледуваат дека многу нешта се уште немаат, поради што бараат со смирение и воздишки“. Оттука станува јасно како светителите, без никакви лаги, се нарекувале грешници. Само горделивиот, од духовно слепило и незнаење, секогаш за себе мисли дека е праведен, а смирениот христијанин, кој достигнал голема мудрост, со својата незабележлива духовна прозорливост, гледа многу гревови и неисправности кај себе. Сите светители биле големи духовни мудреци и затоа сите се сметале за големи грешници.

Во манастирот, каде се подвизувал прекрасниот старец авва Доротеј, еден поклоник слушнал дека се зборува, доколку човекот е поблиску до Бога, толку погрешен се чувствува, и искажал недоверба: “Како може светиот човек да се чувствува грешен?” Тогаш авва Доротеј го запрашал: “Каков си ти во вашиот град?” – “Јас таму сум првенец”, бил одговорот. “Но, ако отидеш во големиот град Кесарија, тогаш што ќе мислат таму за тебе?” – “За последен од тамошните богаташи!” “Но, ако отидеш во уште поголемата Антиохија?” – “Таму, веќе, ќе бидам како еден од простите луѓе”, рекол човекот. ” Но, ако отидеш во Цариград и се појавиш пред светлото лице на царот, таму за каков ќе се сметаш?” – продолжил да прашува авва Доротеј. Поклоникот одговорил: “Е, таму јас ќе бидам ништо!” Тогаш авва Доротеј рекол: “Ете така е и со светителите: колку повеќе се приближуваат кон Бога, толку повеќе се сметаат за грешни”.

Има нешто многу природно во сознанието на праведникот дека е недостоен и грешен. Секоја човечка добродетелност без Божјата помош е како ситна светлива ѕвездичка во темната ноќ на животот. Ѕвездите светат само ноќе, кога е темно. Но, кога ќе изгрее сонцето, тие одеднаш го губат својот блесок и исчезнуваат. Така е и со луѓето. Додека тие се во ноќта на гревовите, далеку од Бога, светат, се гордеат со ова или со она. Но, изгрее ли Бог во нивните души, тие одеднаш гаснат и гледаат дека не претставуваат ништо пред Божјото величие. Тоа е, всушност, смирението. Кога човекот стои невидливо пред Бога, и покрај својата добродетелност, за себе мисли дека е ништо, бега од слава и почести и не може да трпи суетни пофалби за себе, зашто сите слави и пофалби непрестано ги упатува кон Бога. Таквите се прославени од Бога, иако тоа е против нивната желба, зашто Господ во Стариот Завет вели: „Јас ќе ги прославам оние, кои Мене Ме прославуваат“ (1. Цар. 2,30).

(Продолжува…)


Извадок од книгата: Архимандрит Серафим, Гордост и смирение, Брегалничка епархија, Штип 1995, 52-54