Старец Порфириј: ако не Го гледаш Христа во сите свои дела и мисли, ти си без Христа

Старец Порфириј говорел: „Животот без Христа не е живот, а смрт. Ако не Го гледаш Христа во сите свои дела и мисли, ти си без Христа“. Истиот Старец додавал: „Христос е наш Пријател, наш Брат, Тој е она, коешто е добро и прекрасно. Христос нема ниту мрачност, ниту меланхолија, ниту внатрешна промена. Човекот, пак, се измачува од разни помисли и состојби, коишто, од време на време, го притискаат и трауматизираат. Христос – Тој е Радоста, Тој е Животот, тој е Светлината, вистинската Светлина, којашто радува, го окрилува човекот, му дава сили да гледа сè и сите, да сострадува со сите и да сака сите да се со него и заедно сите со Христа“.

1. За човек којшто, поради многуте свои работи, заборава за Христа, Старец Амфилохиј од о. Патмос велел: „Многу пати при тебе доаѓа Христос и чука на твојата врата. Ти го каниш да седне во гостинската на твојата душа и проголтан од твоите работи, забораваш за Великиот посетител. Тој чека да се појавиш, чека – и кога веќе многу задоцнуваш, станува и си заминува. Друг пат ти си толку зафатен, што Му одговараш од прозорецот. Немаш време дури ни да Му отвориш“.

2. Истиот Старец велел: „На човек којшто Го нема Христа, сè му изгледа тешко и темно“. И друг пат: „Кога во срцето Го нема Христа, тогаш во него има место за пари, имоти и луѓе“.

3. За замислите на Божјата промисла, коишто се неизвесни на луѓето, Старец Порфириј кажувал: „Луѓето можат да придобијат разбирање за Божјите патишта, сосема јасно да го видат пред себе хаосот и да речат: „Ах! Ние паѓаме во хаос, ние се заблудуваме! Сите назад, сите назад! Вратете се назад, згрешивме!“ И одново ќе застанат на патот Божји и ќе засветли нашата православна вера. Бог дејствува скриено и не сака да ја потиснува слободата на човекот. Тој прави така, што човекот лека-полека се обраќа и врви натаму, на каде што треба“.

4. Старец Епифаниј велел: „Божјата математика воопшто не приличи на математиката на луѓето. За нас два и два се еднакво на четири. За Бога два и два може да бидат еднакво на пет или на петнаесет, или на што и да е друго“.

5. Старец Антим од о. Хиос говорел: „Без волјата Божја ниту камен се поместува, ниту лист паѓа од дрвото на земјата“.

6. Евсевиј, Старец од братството „Зои“ („Живот“), обраќајќи се кон едно свое духовно чедо, напишал: „Кога Бог ќе се оддалечи од човекот, тогаш тој паѓа не само во сите видови грев и беззаконие, туку ја губи и верата. Ти си Божјо творение и преку верата во Него и следењето на Неговата волја, се преобразуваш и стануваш Негово чедо, за коешто Тој секогаш промислува со голема нежност и се грижи за тоа, ти да станеш совршен“.

7. За начините што ги употребува Бог за да му помогне на човекот, Свети Антим велел: „Благиот Бог не престанува да му дава на човечкиот разум благи подбуди. Тој ту го просветува самиот човек, ту му праќа утеха преку луѓето, ту му покажува некакво знамение. На секаков начин Неговото безгранично благоутробие се грижи да му помогне на човекот да дојде при Него и да се спаси“. И друг пат додавал: „Бог му помага на човекот вака: понекогаш му посочува некој духовник, способен да даде совет, понекогаш го просветува преку некој ангел; понекогаш помага со некоја добра помисла, којашто влегла во умот на човекот, а друг пат му дава некакво Божествено вдахновение“.

8. Старец Јероним велел: „Внимавајте на тоа како ви поминува секој ден. Иднината возложете ја на Божјата промисла. Бог ќе помогне. Што сака Бог, тоа ќе биде. Не мислете за иднината и не обременувајте си го умот со мисли за неа. Бог ќе помогне“.

9. Говорејќи за љубовта Божја кон човекот, Старец Антим, новопрославениот светец од о. Хиос, потцртувал: „Бог не го одделува праведниот од грешниот и не го споредува лукавиот со добриот. Пчелата, ако најде шеќер или нешто слатко во купчиња ѓубриво, не се смутува од нечистотиите и ќе долета да го земе шеќерот или слаткото, за да приготви мед. Така и Бог. Тој не гледа каде се наоѓа човекот – во грев или во добродетел, во добро или во зло. За да му помогне на човекот, Бог го гледа само оној миг, во кој човекот се приближува кон Него“.

Од книгата: Поуки на старците
Словото на современите подвижници
Свештеник Дионисиј Тацис

Извор: Добротолюбие.com