Болката на покајанието – III дел

Нема никаков исклучок: светата Литургија се принесува за целиот свет, за сите луѓе. Оттука можете да разберете што значи Црквата, колку значајно нешто е Христовата Црква во светот. Отците велат дека кога ќе престане да се служи Светата Литургија, тогаш ќе настапи Второто Христово Пришествие, бидејќи веќе нема да има причина светот да постои. Светата Литургија му дава смисла, причина и цел на постоењето на созданието, бидејќи созданието се принесува евхаристиски, со благодарење на Бога. Затоа Црквата е сеопшт благодетел, принесувајќи секојдневно Света Литургија, таа го држи светот во Божјата благодат, ја привлекува благодатта на Светиот Дух во овој свет.

Во истото време разбираме што значи свештенството во Црквата. Како што во организмот душата му дава живот на телото, така и во Црквата свештенството ѝ го  предава животот на Црквата. Се разбира, Светиот Дух го дава дарот на свештенството, но по човечки кажано свештенството т.е. свештениците ги извршуваат таинствата на Црквата. Колку големо нешто е човек да ја има благодатта на свештенството, да стои пред Бога и да се моли за целиот свет, и не само за луѓето, кои што живеат сега, туку за целиот Адам, како што велат св. Силуан Атонски и о. Софрониј (Сахаров) т.е. за целиот човечки род, од првиот до последниот човек. За сите оние милијарди луѓе кои умреле и чиишто души се кај Бога. Прво за сите тие луѓе. Замислете колку луѓе живееле оттогаш до сега, за сите нив се врши Светата Литургија и свештеникот се моли за сите нив. Старецот Пајсиј ни кажуваше дека еднаш во период на голема благодат го видел преку благодатта на Светиот Дух сето создание: сите птици, животни, планети, системи, морското дно со сите риби, сите агли на земјата, целиот свет во сите околности – болници, гробишта, домови, патишта, авиони, автомобили. Замислете да можевме да видиме каде се наоѓа секој човек во овој момент. Се разбира, тоа се дава на Светителите преку благодатта на Светиот Дух. Тоа е благодат која трае само одредено време.

Нашата молитва и најмногу светата Литургија го опфаќа целиот свет во сите негови околности, целата вселена и ѝ благотвори на сета твар – материјалното и нематеријалното, ангелите и светиите, сите. Светата Литургија е благотворна дури и за оние кои допрва ќе се родат.

Најпримарното дело на Црквата, највозвишеното дело на на Црквата е извршувањето на светата Литургија, молитвата овенчана со Света Литургија.

Се друго што го правиме во Црквата – различните добротворни организации, социјалните установи, милосрдната дејност, делата и активностите кои црковните луѓе ги развиваат, се многу добри, но се ограничени. Што и да правиш, не можеш да им направиш милостина на сите бедни во светот – ќе им помогнеш на 5, 10, 20, 1000 луѓе, но ќе останат уште стотици милиони други кои нема да можат да добијат милостина. Ќе утешиш одреден број на луѓе. Што и да правиш, колку и да се обидуваш, твоите сили и можности се ограничени, бидејќи си човек и се движиш во овој простор. Но, твојата молитвата  не може да се ограничи, таа се протега низ целиот свет и го прегрнува целиот свет. Затоа, најмоќното, најсовршеното, најсевкупното дело е молитвата, светата Литургија.

Затоа Православната Црква, Апостолската Христова Црква, Православието не се измамило од појавите на овој свет, не се оддалечило од реалната основа и не се симнало на ниво на светскиот поредок со мноштво активности кои можат и да ја ублажат човечката болка, туку го зачувало неизменето своето дело: молитвата, богослужбата што се враќа во светот и му прави добро на целиот свет. Само така можеме да ги разбереме светиите на Црквата: зошто тие Му го предале животот на Бога во пустините, во пештери, во оддалечени места? Има светии кои со години не виделе човек. Св. Марко Атински живеел 90 години без да види човек. Тој отишол на една планина во Египет и живеел таму 90 години. Во длабока старост некој друг подвижник пошол таму, поттикнат од Бога, и тој го прашал:

– Има ли уште луѓе во светот?

– Да, има.

– Има ли христијани?

– Да.

– Дали има Божји Цркви? Цареви?

– Да.

– Постојат ли христијани кои можат да ѝ кажат на оваа планина: подигни се и помести се! Како што вели Евангелието, и таа да се подигне и помести?

   Штом светителот ги кажал овие зборови, планината веднаш се подигнала и била подготвена да се помести, но запрела бидејќи тој и заповедал. И до ден денес во Египет оваа планина се вика: Стој таму! и се спомнува ова чудо на св. Марко Атински кој се подвизувал таму. Што правел овој човек? Да не основал случајно социјални установи, да не отворал младински центри, и сите оние работи (нешта) кои што ние сакаме да ги правиме? И тоа е убаво и корисно, ако можеме да го направиме, но не е нашето примарно дело. Нашетото дело е друго. Светителот го направил највозвишеното дело, се очистил себеси, Го засакал Бога со сите свои сили, се молел за целиот свет и молитвата на овој човек ја укрепила вселената, како молитвите на сите светители. 

Затоа многу пати сме рекле и секогаш ќе велиме: правете го тоа што ви е според силите, при сите околности, тешкотии со кои се соочувате секој ден, дилеми и безизлезни ситуации. Но, потоа запрете, вратете се при Бога, помолете се и кажете: Јас направив колку што можев и сега нека биде Божјата волја, како што Бог сака! И претворете го остатокот од вашите сили во молитва. Ќе видите каква сила крие тоа, и дека за Бога не постојат безизлезни ситуации. Се разбира, тоа не значи дека се ќе биде како што сакаме, може да биде спротивно на тоа што го сакаме. Тоа сепак ќе биде спасително за нас, ќе дејствува спасително, за наше спасение. Дури и да е спротивно од она што го сакаме, дури и понекогаш да нè натера да почуствуваме болка и да нè повреди. Всушност многу пати треба да бидеме повредени, за да можеме да се спасиме, и не само да бидеме повредени, туку да бидеме и целосно скршени, да станиме прав, руина, за да може преку тоа скршено срце да ја откриеме болката која ќе не соедини со Бога…

Да знаете дека само човекот кој чувствува болка, може да се доближи до Бога. Оној кој што не чувствува болка, кој не вкусил болка во животот, не било скршено неговото  срце, не било обработено преку болката, мислам дека не може да разбере што значи молитвата. За среќа или за несреќа, верувам дека не постои човек без болка во овој свет. Без разлика дали ги сакаме или не, дали сме грешни или свети, бедни или богати, болката, маката, тешкотиите, пропаѓањето се наши секојдневни придружници и треба само да ги искористиме сите овие тешки искушенија за наше спасение.