Болката на покајанието – V дел

Тоа значи да Го повикуваме Бога каде и да се наоѓаме. И на крај на светот да стигнеме, Бог е и таму и можеме да го повикуваме. Многу луѓе велат:

– Отче, отидов во тој дом и се најдов во тешка положба. Не можев да постапам поинаку и го нарушив постот, се помирив со тоа што се зборуваше таму, а тоа беше спротивно на Божјиот Дух.

Ако се молиме постојано, ќе видиме дека сѐ околу нас ќе ни помага. Каде и да појдеме. Исполнувајќи ги своите професионални обврски, помоли се и ќе разбереш дека сѐ ќе дејствува во твоја полза, ќе знаеш како да се соочуваш со различните ситуации. Ќе добиеш утеха ако си сам. Ќе закрепнеш, ако се чувствуваш немоќен. Ќе бидеш просветлен ако не знаеш што треба да правиш. Сето ова е во молитвата.

Велиме: Се најдов во безизлезна ситуација. Не знаев што да правам. И го направив тоа што беше против Божјата волја.

Ама зошто го направи? Се помоли ли? Го повика ли Бога? Дали рече: Боже просветли ме? Што да правам сега? Од секаде ме притискаат, што да направам? Да ја повредам ли својата совест?

Се сеќавам дека еднаш се најдов во тешка состојба. Отидов во Турција и влегов во еден ресторан, за да ручам сам – сега ќе ви објаснам зошто. Претходниот Вселенски патријарх Димитриј беше свет човек, аскет, и секој ден на пладне ручав со него, но тој јадеше толку колку што јаде една кокошка, едно пиле. Е, тој е Патријарх, јас, пак, светогорец, но ми требаше десеткратно повеќе да се заситам. Тој јадеше една лажица варени компири, и јас го јадев истото. Еден, два, три дена така и практично едвај стоев на нозе. Затоа еден ден решив да одам на ручек сам. Појдов во еден ресторан во Истанбул, го зедов менито, порачав и келнерот ми донесе. Наоколу имаше само Турци муслимани. Си велам, тие се Турци, јас сум Христијанин, монах, што да правам сега? Зар да  јадам без да се прекрстам и помолам? Но ако се прекрстам, овие ќе ме фатат и ќе ме задават! Ќорсокак. Така, се прашував што да направам, и најпосле решив да си ја кажам молитвата. Станав да се прекрстам и тие околу мене скокнаа, сфатија дека се молев. Станаа, замолкнаа и потоа седнаа. Никој ништо не ми рече. Ако го направев истото во Никозија, ќе ме пишуваше во весниците и ќе ме ставеа на некоја карикатура…

Со овој едноставен расказ сакав да ви покажам дека ако човек се помоли, каде и да е, Бог ќе го утврди да го направи потребното. Ќе кажете, па зарем тоа беше некоја тешка ситуација? Камо среќа и нашите проблеми да се такви! Но јас имав нешто друго на ум, а тоа е прашањето на совеста. Ако, на пример, лекарот ти каже дека не можеш да јадеш нешто, нема ли да му го послушаш советот? Ќе го направиш тоа. Така е и со другите случаи – прашањето на совест е, всушност прашање за тоа  колку сме свесни дека сме Христови членови. Не е важно дали ќе јадеш или не,  важно е пред сѐ да ја зачуваш твојата совест чиста, да останеш член на Црквата, кој не постапува лекомислено.

Ако се научите во секое време и место да го повикувате Бога, како што се вели во оваа литургиска молитва, тогаш Бог ќе ве изведе од сите безизлезни ситуации. Има бескрајно многу примери. Колку луѓе ми имаат кажано: Ќе одам во Англија ама таму не можам да го пазам постот. Е, пред да заминеш, помоли се и кажи: Боже, помогни ми! И ќе видиш дека каде и да одиш, ќе има и посни јадења, и сѐ ќе биде во ред. Тешкотиите ќе исчезнат, ако имаш желба. Ако пак не се молиш, сѐ ќе биде непремостлива карпа за тебе. 

Во житието на еден светија, мислам дека беше Св. Антониј, пишува дека тој влегол во една гробница, за да се подвизува таму до смртта. Секоја вечер демоните оделе, го вознемирувале, викале, врескале и го тепале. Тоа се случувало многу пати. Еднаш за малку ќе умрел, но селаните се погрижиле за него и веднаш штом закрепнал тој повторно влегол во гробницата, а демоните повторно го нападнале и почнале да го тепаат. Дури тогаш кога извикал Исусе помогни ми!, Христос веднаш Му се јавил и го спасил од јароста на демоните. Св. Антониј извикал: Господи толку време ме слушаше! Каде беше, та остави да ме ранат толку лошо? Каде беше?

Тука бев, но ти дури сега Ме повика! – рекол Христос.

Бидејќи до тој момент Светителот влегувал во борба со демоните, потпирајќи се на сопствените сили и се обидувал да се бори, но не Го повикувал Бога од наивност и незнаење. Во првиот миг кога Го повикал Бога, Он веднаш Му се јавил.

Колку убаво се вели во Стариот Завет: Повикај Ме и уште додека зборуваш, Јас ќе ти кажам: Еве, тука сум!

Бог е толку блиску, што уште на првиот збор, со кој Го повикаме, Он ќе одговори. А штом Бог присуствува, тогаш каква тешкотија можат да се одржи пред Него? Кој може да каже дека не можам да го правам ова или она, дека сум во безизлезна ситуација, кога Бог е присутен? Но, кога е присутен? Тогаш Кога Го повикуваме.

 … та откако ќе не послушаш, да бидеш милостив кон нас, поради обилната Твоја добрина.

Ако Бог е толку добар, замислете каква сила и храброст треба да имаме кога се молиме да не помилува. 

За крај, да се потрудиме да разбереме на каков начин треба да се однесуваме во врска со престојните празници. Празниците на Црквата не се сеќавања на собитија, не се празнувања на начин како што ние си го сфаќаме тоа, туку можност за благодат, односно денови и часови во кои Бог дава особена благодат на Својата Црква, на луѓето. Како божем, некогаш, во продавниците да прогласат дека сѐ што ќе купите од таму во тие денови е бесплатно! Или како кога ги честат луѓето со некои слатки работи, или со лимонада, па сите трчаат да земат. Така прави и благиот Бог и за време на црковните празници. Празниците и богослужбите на Црквата се благодатни моменти. Бог им дава изобилна благодат на луѓето. Таква е смислата на празниците, сѐ друго нема никаква вредност. Но кој добива благодат? Оној кој вложува труд и се подвизува.

Затоа дочекувајте ги претстојните празници со духовен труд, молитва, пост, бдение, милостиња. Многумина од нас постат, бдеат, но малкумина даваат милостиња. Поголем труд е да дадеш милостиња, отколку да постиш. И ако знаеш како да готвиш посни јадења, што има полесно од тоа? Но, да ја отсечеме сопствената волја, и на пример, да си кажеме: сакам да си купам чевли но имам други 50 пара дома, затоа нема да си купам! Милостината значи жртва, не давање од својот вишок. Не туку лишување од нешто, при што тоа лишување да ни причини болка. Навистина блажен е човекот кој дава милостиња и осознава дека давајќи, се лишува од тоа што го има.