2494

Дали Бог ни се крие?

Во една своја беседа во врска со познанието на Бога, Митрополит Месогејски Николај рекол:

Бог! „Го бараш и ти се крие. Иако ’исполнети се небото и земјата со Неговата слава‘, Он не се спознава. Му се доближуваш, а Он се оддалечува. Бог се спознава и лесно и тешко. Лесно кога сме смирени, а тешко оти веројатно Го бараме и Му пристапуваме по човечки. Сакаме да Го ’почовечиме‘, да Го потчиниме на ’човечкото‘ и затоа не можеме да Го разбереме. Кога, пак, ќе Го пронајдеш и сретнеш, сфаќаш дека додека ти си Го ловел, всушност, Он тебе те барал. Не Го откриваш ти Него – Он тебе ти се открива.

Бог се покажува пореално кога смирено Го бараме. А Он ни се принесува како многу голем. Бог е голем во квалитет, голем е во количина, голем е во Неговата мерка, голем е во Неговото божество, изобилен е во Неговата љубов, богат е и потполн во Неговиот живот… И бидејќи е голем, Он ни дава многу. Ни го дава тоа што можеме да го издржиме, тоа што навистина ни е потребно, тоа што го можеме, тоа што на крај и го заслужуваме“.