305

За духовната борба – I дел

Денес нé собра благодатта на Светиот Дух. Последен пат бев овде пред четири години, после што заминав во манастир. И четири години ме немаше тука. Имавме свет обичај да се собираме тука после исповед, зашто исповедта – тоа е личен чин, а овде ние можеме да додадеме и нешто друго, освен исповед, нешто што се однесува на спасение на сите. Мојата радост е посебно голема што повторно се среќаваме, после четири години, бидејќи оваа средба е печат на Светиот Дух, нашиот Христос, кој е Љубов. Кој има љубов – тој Го има Бога во себе, љубовта го одразува присуството на Бога. Отец Јован ми кажа дека е потребно да разјасниме некои карактеристики на борбата која ѓаволот ја води против нас, која е негова уметност, негова вештина, да нѐ сплетка и сруши, за да ги зароби нашиот ум, срце и чувства, да нѐ зграби и да нѐ потопи во својот смрад, за да се лишиме од Христовото осветување. Апостол Павле вели дека борбата на христијанинот – не е против телото и крвта туку против началствата, властите, кнезовите на темнината од овој век, духовите на злобата во поднебесјето. Со ова тој сака да каже дека нашата борба – не е борба во која ние се бориме со човек или со неколку луѓе, кога се пролева крв и кога борбата е телесна. Не станува тука збор за таква борба, туку една поинаква – умна, духовна борба, каде се бориме против дух. Дух – против дух. Човековата душа – е дух. Душата на човекот – е духовно битие. Личност. Таа личност се пројавува со посредство на некои делови на физичкото тело. Како кога ќе видиме некој човек и разговараме со него, така и човековата душа е духовна суштина на човекот, која има некаков изглед и форма. Можам да кажам, дека тој внатрешен човек – е вистинскиот човек, таа движечка сила која се изразува во надворешниот човек. Ѓаволот, како зол дух, се труди да нѐ заплетка во грев. Тој ни приоѓа со големо искуство, и многу добро ја знае вештината, како да нé собори, за да нѐ направи грешници во очите на Бога. И ни носи мисли кои не се добри и благи!. Нѐ поттикнува кон разни гревови со фантазирање, фантазии кои доаѓаат преку визуелните претстави – на лицата, предметите, и со помош на тие слики, претстави и лица, го тера нашиот разум, и го поттикнува нашето срце, да посакаме да го правиме тоа што не Му се допаѓа на Бога, туку му се допаѓа само нему – мрачниот и смрдливиот. Тој смрдливиот е непријател на Бога, и сака таков на го направи и човекот – да му биде непријател на Бога и да биде исто така смрдлив. Бидејќи знае дека ќе оди во пеколот затоа што го прави тоа, тој сака и човекот да го прави истото, и заедно со него да оди во пеколот. Како прво, тој сака да ја задоволи својата злоба, а како второ да го растажи Бог и да Му каже: „Гледаш, Ти си станал човек, си се распнал за него, си пролеал крв заради него, но со тоа ништо не постигна! Јас ги зедов од Тебе тие луѓе!” И на тој начин да го огорчи благиот наш Бог. Светите отци го опишуваат ѓаволот, гревот – како мравка. Ѓаволот доаѓа како нешто мало, како мала мисла, како мало движење, нешто слично на мравка. Ако на таа мравка, таа помисла, тоа движење, со кои се развива гревот, преку фантазиите, и прераснува во телесна желба која го напаѓа умот, – ако не му се дозволи да се развие, тогаш нема да има многу штета. Тоа засега е само мравка. Но ако тоа движење, таа мисла ја оставиме во себе, и не ја протераме и уништиме, – што не е тешко, како кога ќе се згази мравка, тогаш таа мравка полека, полека, ќе нé сруши без борба! и ќе стане како лав, – голем и свиреп. И кога ние ќе станеме да го фатиме, „Ох, тоа е веќе поголемо од моите сили!…” И бидејќи таа мравка станала лав, – борбата станува многу тешка. И, како што вели преподобен Ефрем Сирин: „Слушај, ѓаволот не случајно дошол кај тебе, тој не е глупав, гледај да го уништиш неговото зло уште во зачетокот, за да тоа не стане лав, во спротивно тој тебе ќе те уништи до коски”. Затоа, сега, додека тоа е уште малечко, и додека мечтаењето е слабо, – искоренувај, протерај го без одлагање и земи оружје во своите раце. Кое е тоа оружје? – Името Христово! „Како оружје, ќе те заокружи Неговата вистина” (Псл. 90). Заштити се со името на Бога Јаковов. А името Господово – е Христос! И така, земи го оружјето во своите раце, и удри го тоа малечко, што изгледа ништожно, зашто ако не го удриш сега, – утре ќе бидеш принуден да го направиш тоа со поголема болка, и ќе ти треба меч. Зошто да имаш такви проблеми во иднина, кога можеш денес лесно да го прекинеш, и да се ослободиш од подоцнежните мачења.

Продолжува