Емигрант

Мили сине,

Сонценце мое скaпоцено, единствено и сакано. Ти се молам не лути се дека ти се обраќам на ваков начин. Знам дека веќе си големо момче и ова сигурно не ти се допаѓа, но еден ден, кога и ти ќе станеш родител, ќе ме разбереш.

Многу ми е жал што токму по ваков повод морам да ти го напишам ова писмо, но што да се прави – мајка ти во брзината ја заборавила отворена електронската пошта и ти, без лоша намисла, си ја прочитал нашата преписка. Сакам да знаеш дека не ти се лутам за тоа. Сигурно и јас, ако бев на твое место, ќе бев љубопитен и ќе ѕирнев. Но, сепак, помачи се во иднина да не правиш така. А јас, пак, ќе ѝ речам на мајка ти да биде повнимателна и да не ти дава други поводи за искушение.

Како што веќе разбра, јас тука не го работам она што си мислеше ти. Беше глупаво што со мајка ти еднаш решивме да не ти ја кажуваме вистината. Но еве ми, како што и очекував, дојде моментот во кој ти сам разбра со што се занимава татко ти. Сигурно сега си навреден, и имаш право. Но запомни дека она што луѓето некогаш го рекле дека божем нема срамна професија, не е сосема точно. Многу ти се молам, не лути ми се, а место тоа сам донеси си заклучоци, од кои најважниот е дека никогаш не треба да се лаже. Погрижи се да го исполнуваш ова на дело и ќе видиш колку добро ќе се чувствуваш. На таков начин ќе се поштедиш од многу разочарувања и ќе се здобиеш со верни пријатели.

А сега, макар и да ми е многу тешко, ќе се потрудам да ти објаснам како дојде до ова, зашто ти имаш право да ја дознаеш вистината. Претпоставувам дека ќе те заболи, но те уверувам дека така ќе е подобро наместо ако, уште еднаш, ти ги „замачкам“ очите со празни зборови.

Пред да ја напуштам Бугарија, работев во една мала библиотека во кварталот, близу до постојката на трамвајот. Можеби не ја помниш, зашто тогаш беше многу мал, но сигурен сум дека објектот ти е добро познат. Сега таа библиотека е фитнес-салата во која редовно одиш. Јас многу си ја сакав работата, но во овој живот тоа да сакаш нешто, често не е доволен повод за наполно да му се оддадеш. Во мојот случај – платата што ја добивав беше многу мала. Кога се роди ти, парите почнаа да не ни стигаат. Живеевме доста економично неколку години, но беше и многу тешко и кога се појави можност да заминам за Англија, требаше да ја искористам. Понудата беше за берба на јагоди по десет часа на ден, четири месеци. Работодавецот го плаќаше авионскиот билет, обезбедуваше заеднички стан и 500 фунти месечна плата. Храната во Англија не е воопшто скапа и успевав да заштедувам по околу 300 фунти на месец. За четири месеци заштедив речиси 1200 фунти. А тогаш тоа беа двапати повеќе пари од оние што ќе ги добиев во библиотеката за тоа време. Се вратив уверен дека никогаш повеќе нема да се делам од вас. Но семејните потреби постојано растеа. Тоа ме принуди, иако (го повторувам ова) вистински си ја сакав работата како библиотекар, пак да побарам нешто друго. Во тој период во Бугарија беше тешко да се најде добро платена работа, особено, пак, за човек со мојата професија. И бидејќи веќе имав патувано зад граница, го избрав тој правец. Можноста да заминам повторно се појави релативно брзо.

И така, кратко време откако ти наврши три годинки, стегнав два мали куфера и заминав. Се вселив, заедно со уште неколкумина гастарбајтери, на приземниот кат од една стара куќа на периферијата на Лондон. Бидејќи не го знаев добро јазикот, во почетокот можев да работам само како чистач или разнесувач на пици. Се разбира, го одбрав второто. Но за таа цел требаше да имам сопствено возило. Т.е. чистењето не можеше да ми избега и, за да заштедам за кола, чистев по куќи околу една година. После купив на старо еден исчукан „форд“, кој добро тераше. Оттогаш, веќе единаесет години, правам едно и исто. Тажно е, но што да се прави. Цели единаесет години! А дојдов со намера да останам најмногу две. Но тоа е друга тема. Да се вратиме на настаните.

Наскоро откако почнав да разнесувам пици, колата сериозно се расипа и мораше да ѝ се направи ремонт, кој не можев да си го дозволам. Се чувствував притиснат до ѕид. Колата ми беше средство за работа, немав избор. Поради тој, навидум ситен, секојдневен проблем три месеци не ви испратив никакви пари. Уште ме боли кога ќе се сетам на тие дни и кога ќе си помислам како ли сте преживувале тогаш, но верувај ми, навистина немаше од каде да земам пари за ремонт. Тоа беше, така да кажам, почетокот на крајот… Не знам од каде, но мајка ти помисли дека сум се запознал со некаква жена и парите што требало да ви ги пратам, сум ги потрошил на неа. Тоа не е точно. Ти ја кажувам самата вистина – и до денес дури не сум ни погледнал друга жена! Но тоа исто така е друга тема. Сигурно во маката и самотијата во тој период мајка ти се запознала со чичко ти Веско и после – знаеш, нашето семејство се распадна, поради едно тривијално расипување на стар автомобил. Колата се поправи, но нашето семејство, за жал, не. После крнтијата пак се расипа. Пак ја поправив, и пак цркна. И така без прекин. Колку пари само ми голтна таа старудија, не е за верување, но тоа се стари јадови. Познавајќи се што човек сум, можеби и до денес уште ќе ја возев и дали воопшто ќе ја сменев ако на еден од годишните технички прегледи, просто, не ја исклучеа од сообраќај. Тогаш купив друга крнтија. Следуваа уште тешкотии, пак неколку месеци не ви пратив пари. Пак се чувствував ужасно. Се вртев во маѓепсан круг. Поинаку кажано, парите тука ми стигнуваа одвај колку да опстанам. Но не сакам да си мислиш дека причината за тоа е што ви праќам понешто и на вас. Ни најмалку не сакам да си помислиш такво нешто. Вистината е другаде. Англичаните се особени луѓе. Намерно велам особени, а не лоши, зашто и покрај тешкотиите и проблемите што ги имам тука, не сметам дека Англичаните се лоши. Но, дефинитивно, се многу особени. Ќе ти објаснам што имам предвид. Работата на разнесувач на пици е најслабо платената во земјава. Добивам по 6,30 фунти на час. Од нив плаќам за стан, режиски трошоци, данок, осигурување на колата, патна такса, одржување и сл. Разбираш дека парите што ги заработувам никако не се доволни.

Мајка ти има право речиси за сè што зборува за мене, вклучително и за тоа дека сум баксуз. Но греши дека заработувам дополнително од бакшиш. Такво нешто тука нема. Затоа велам дека Англичаните се особени, зашто не даваат никаков бакшиш. Ми се случувало со денови по ред да не земам ни пени. Кога сумата на порачката е, на пример, 19,99, клиентите ми даваат 20 фунти и стрпливо чекаат да им вратам кусур. Тоа е апсурдно и неумесно, но е прашање на менталитет. Другпат сумата, на пример, е 34,80 и јас си мислам дека ќе ми дадат 35 фунти, т.е. дека ќе останат 20 пени за мене, но тие однапред точно си ги изброиле парите, и ќе ми истурат цела рака монети во дланката, без ни едно пени повеќе. Мислам дека коментарот е излишен. Добро што понекогаш, макар и ретко, ќе ми се погодат клиенти странци, а тие даваат понешто, но и тоа е симболично. Низ годиниве имав, а, за жал, и сè уште имам доста непријатни моменти. Се случува, на пример, при доставата да нема никој дома кај клиентите. А после истите тие клиенти се јавуваат во пицеријата и велат дека не го чуле ѕвончето. Значи, одам повторно кај нив, но бензинот никој не ми го плаќа. Но најнепријатното е кога ќе налетам на багабонти кои ќе ми ги грабнат пиците и ќе избегаат, јас ги бркам по улиците, а тие викаат дека ги напаѓам, луѓе се собираат и настанува една мешаница, а, бе, не е за кажување. Токму со едни такви одвратни клиенти се случи и она за кое мајка ти ти рекла дека било несреќна случка. Не беше несреќна случка, момче мое, туку ме претепаа. Ја доставив порачката не на домашна адреса, туку во еден бар. Клиентите беа тројца батки кои, на мое изненадување, ми дадоа место 41 фунта, колку што чинеа пиците, само 20, и ми рекоа да сум се губел. Јас не отстапив. Тогаш ме замолија да сум отидел до нивната кола, за да ми го платат останатото. Тргнав по нив и кога се најдовме на паркингот, едниот се заврте и ме удри во стомакот. Паднав наземи, а другите почнаа да ме клоцаат. Ми скршија две ребра, носот и ми ги исчукаа сите предни заби. Во толку лоша состојба бев, што не можев да се помрднам од земјата додека не ме открија случајни минувачи, кои викнаа брза помош. Опишав во полицијата како изгледаа напаѓачите, ама што од тоа. По настанот го прашав шефот дали ќе добијам некакво обесштетување, а тој ми одговори негативно. Што можев да сторам? Цел месец не одев на работа додека не закрепнав. Оттогаш не сум веќе за пред човека. Но шефот, сепак, излезе добар човек, зашто ме остави на работа, и благодарен сум му за тоа. Е, точно е дека оттогаш ми дава само ноќни смени, ама не може да биде поинаку. И јас да бев на негово место, ако имав таков никаков работник, ќе го криев дење.

Та ова е, во општи црти, вистината за мене, момче мое. А ти сега не тагувај, зашто инцидентот беше многу одамна и јас веќе сум здрав. Навикнав на работата и немам сериозни проблеми. Не заработувам многу, но барем клиенти има и приходот никогаш не ми секнувал, така што додека можам, ќе тргам настрана и ќе ви праќам пари. Знам дека се малку и дека сигурно никако не ви стигаат, но, верувај ми, толку ми се силите. А ти запни на училиште и учи, колку што можеш повеќе, и друго не мисли.

Сега да ти одговорам на прашањата.

Ме прашуваш и се чудиш: како така сум можел да немам камера на компјутерот? Имаш право што се чудиш. Имам камера, момче мое, но намерно, кога се слушам со тебе, не ја вклучувам. Сакам да ме запомниш таков каков што сум на сликата. Поверувај ми, никој нема потреба да го гледа грдото. Од тоа нема полза.

Ме прашуваш дали навистина живеам сам и дали нема друга жена покрај мене. Ти одговарам дека сум сосема сам. Единаесет години нема никој покрај мене. Ова мајка ти добро го знае и не гледам зошто го скрила од тебе, можеби проценила дека си уште мал за таква тема.

Ме прашуваш дали може да дојдеш некојпат на гости кај мене. Се разбира, момче мое, секогаш си добредојден. Но засега не сакам да доаѓаш. И тоа не само зашто, според мене, тука нема да ти се допадне, бидејќи условите во кои живеам не се добри. Главната причина е што не сакам да ме видиш ваков. Многу ми е тешко да ги напишам овие редови, но те молам да ме разбереш.

Ме прашуваш уште дали е време веќе да си имаш пријателка. Јас на твоите години немав пријателка. Не мислам дека е во ред да имаш. Но ако ме прашуваш чисто за дружба со девојче, тогаш одобрувам. Меѓутоа, сакам да знаеш дека девојчињата се поранливи од нас, мажите, и ние треба секогаш да се однесуваме кон нив нежно и како што прилега.

Уште ме прашуваш дали може чичко си Веско да го викаш татко. Според мене, не бидува. Макар и да сум недоквакан и баксуз, како што ме нарекува мајка ти, јас сум твојот татко и нема да ми е пријатно друг човек да го викаш татко. Но, од друга страна, ако тие настојуваат така да му се обраќаш, не влегувај во конфликт. Ако оваа мисла навистина ги обзела и постојано те притискаат, нарекувај го, тогаш, татко, само за да има мир, зашто е многу важно да има мир во семејството. И не тагувај што мајка ти живее со друг маж. Тоа е сосема нормално за повеќето жени кои се сами. Како што веќе ти кажав, тие се ранливи и чувствителни и имаат потреба од силно рамо. Штом таа го избрала, значи е добар човек, затоа и ти треба да го слушаш. Тешко некогаш да го засакаш, но барем труди се да го почитуваш зашто тој ви е единствената потпора. Во светот во кој живееме постојано се случуваат лоши и страшни нешта. Така што, погледни ја ситуацијата и од оваа гледна точка. Ако чичо ти Веско го немаше, кој би ве заштитил ако, не дај Боже, ве најде нешто лошо? Така што, обиди се да го видиш позитивното. Тоа не е секогаш правилно, но, пак, полесно е и ќе те поштедува од излишни потреси.

А оние нешта што ми ги пишуваш, дека еден ден, кога ќе пораснеш, ќе си емигрирал, сакам сосема да ги заборавиш. Не обрнувај им внимание на оние глупави статистики што ги даваат на телевизија дека бугарскиот народ ќе исчезнел. Тоа е мошне сомнително и никој не може да е сосема сигурен што носи иднината. Јас од искуство ќе ти кажам дека што и да постигнал, во туѓина туѓинецот секогаш си останува туѓинец. Еве ти само еден пример – пред некое време една колешка ги изненади сите кога ја напушти работата со аргументот дека кога работела, не добивала доволно помош од државата и затоа претпочитала да си остане дома. Ете, гледаш ли – Англичаните си се грижат за Англичаните, но не и за нас. Јас помош од државата не знам што е и никогаш нема ни да дознаам. Неодамна го прашав шефот дали ми се одвојуваат некакви пари за пензија, а тој ми одговори дека кога ќе се пензионирам, ќе добијам една голема бесплатна пица. Замисли си какво понижување! Ќе сум добиел бесплатна пица! Но јас пак велам дека треба да сме благодарни и за ова, зашто кога ја немам потребната квалификација, не бидува да се надевам на друго. Така што, ова однесување е нормално.

Ти веќе си доволно голем и виде што се случи со нашето семејство. Сломот се случи поради разделбата. Зашто, како што рекол нашиот мудар народ: очи што не се гледаат, се забораваат. А ние се сакавме со мајка ти. Всушност, јас сè уште ја сакам, но веќе тешко допрва да можеме да го вратиме филмот назад. Тука се изнагледав многу слични судбини. Луѓето доаѓаат божем за привремено и после животот ќе им тргне така што никогаш не успеваат да се вратат и непрекинато страдаат. Кој повеќе, кој помалку, но сите страдаат, зашто секој си тежи на местото каде што се родил и каде што пораснал. Арапите велат дека човек може во туѓина да биде богат, но среќен може да е само во родината. Така што, остави ги тие прикаски за космополитизам. Не е тоа лажица за секоја уста. Од искуство знам дека чувствителните и сентименталните луѓе не треба да се силуваат и да си ја изневеруваат природата. А ти си точно таков, момче мое. Така велам зашто иако не си растел пред мене, ти ја чувствувам и ти ја разбирам душата. Воопшто не го посакувам, но, сепак, ако еден ден се случи и ти да ја напуштиш земјата, ќе видиш за какво однесување станува збор. Никогаш, ама навистина никогаш месното население нема да те прифати за рамен на себе. Утврдувањето на емигрантот одзема многу години. Тој поминува безброј тешкотии, неволи, понижувања и др. А животот е толку краток. Додека си се свртел, крајот е веќе поблиску од почетокот. Тогаш се сепнуваш и се прашуваш зошто било сè, и идат мрачните размисли. Но, всушност, ако треба да бидам чесен, размисли најверојатно не се јавуваат кај сите. Дел од емигрантите сигурно се задоволни дека откако заживеале во туѓина, фрижидерите веќе им се полни и можат да си дозволат повеќе нови облеки, повеќе предмети и забава. Но за мене тоа не е суштествено, зашто на крајот, вака или така, сè завршува и човек застанува гол пред Бога. И тогаш што? Каков одговор дава? Каква утеха наоѓа таму, во вечноста, кога во животот гледал на овој свет само како на извор на богатства и ништо повеќе? Проштавај, се оддалечив, но ти ќе ме разбереш. Т.е. верувам дека ќе ме разбереш, иако очи не си ми видел толку години, зашто сум до болка искрен со тебе, и зашто те сакам со целото срце. Затоа и ти го кажувам толку директно, а и го повторувам – не напуштај ја родината само за да си го наполниш стомакот, ниту, пак, за да се натрупаш со предмети кои, во крајна линија, се ненужни. Те молам исто и друго – да не си мислиш дека не сакам да те видам. Напротив – толку многу сакам, што срцево ми се кине од мака. По овој повод сум наумил нешто што не сакав да го кажам, но бидејќи гледам дека се стресуваш, ќе ти го откријам, иако е сè уште само замисла. Кога можам, одвојувам пари во еден плик, пламено надевајќи се за неколку години да успеам да соберам доволно за да си ги направам забите. Сакав оваа идеја да ја зачувам во тајност, зашто тоа време е уште мошне далеку, но ако даде Бог, за твојата матурска вечер се надевам дека ќе изгледам пристојно. И тогаш, сине мој, ќе дојдам на твоето славје и ќе испијам чаша вино за твое здравје. Ќе те стиснам во прегратка и ќе те држам во неа долго, долго. Потоа ќе те бакнам и ќе си поплачам. А кога ќе помине славјето, ќе одиме некаде само двајцата, ќе седнеме на мира и ќе си поразговараме од душа и срце, надолго и нашироко.

А ти дотогаш, како што ти кажав, слушај ја многу мајка ти и сакај ја. Учи трудољубиво и секогаш во сè да постапуваш така како што ти вели совеста.

И не заборавај дека на овој свет има еден сиромашен емигрант кој те сака со целото срце и со целата душа и кој секој ден се моли за тебе: да си жив и здрав, да бидеш добар човек и никогаш да не ја напушташ родината.

Тој емигрант е твојот татко.

 

Од збирката „Емигрант“ (2014)

Превод: Ирена Кепеска