Христијанството е извор на животворна светлина

Религијата е суштествено својство на човечкиот дух. Излишно е да се спори за таа психолошка вистина. Не е без сила тврдењето на Плутарх дека тој на земјата не наишол на народ без религија. Дури и отворените безбожници не се лишени од религиозно чувство, од религиозно-емотивен однос кон омилени личности и идеали. Нема морален човек којшто не се бори за животните вредности со пламенот на религиозниот човек. Можеби еден или друг човек ќе го избегнува зборот „свет“, кога ќе сака да ја определи висината на својот идеал, но го чувствува како нешто извонредно, возвишено, свето. Како и да гледаме на човечкиот дух (ќе го сметаме ли за првично и наполно самостојно начело, или за споредно, производно и релативно самостојно, како што учи дијалектичкиот материјализам), тој во својата природна целина се јавува и дејствува како фактор, кому му се присушти религиозната потребност и религиозниот стремеж. Колку и да е натрупана и обременета од сложената разнообразност на видливите појави, човечката душа е устремена да погледне во нивната длабочина, во нивната суштината и зад неа, да се доближи до тајната на ноумените. Таа неволно чувствува со трепет дека стои пред темен и загадочен океан, пред завесата на оностраното. Човек посакува да ги затвори очите, да не упатува поглед натаму, но не сака да биде слеп, кога е надарен со вид, и… бара, копнее да блесне светлина кон мракот од другата страна, за да пристапува бодро и безопасно во лавиринтот на животот.

Диоген со фенер среде луѓето, масло на платно, 17 век, непознат автор

Диоген неслучајно барал човек со фенер посреде бел ден. Во таква длабока темнина е обвиен земниот ни живот, што и најсмелите и генијални луѓе можат да се збунат, да се сопнат и да паднат. Без нишката на Ариадна не ќе можел мажествениот Тезеј да го премине страшниот лавиринт, да го убие минотаурот и да се врати неповреден. Религијата е вечниот светилник на човекот. Таа му ги отвора очите, го избавува од духовното слепило, го води низ долгите и мрачни тунели на житејскиот пат. Таа е, може да се каже, шесто сетило – повисоко од петте телесни сетила, духовнозрителен орган, восприемач на оностраното. Фрлајќи светлина надвор од видливиот свет, религијата подига неразрушлив мост преку отворената провалија меѓу битието и небитието, животот и смртта. Лесно е да се каже дека таа идеја е празномислие, дека смртта е неизбежна природна појава зад која не останува ништо. Навистина, самоизмамата е својствена за човечкиот ум, но неотстранливи се од длабината на човечката душа немирите предизвикани од загатката на небитието. Како што месечината со својата нежна светлина го стишува развиореното море, така и таинствените зраци на внатрешниот ни светилник – религијата, ја успокојува смутената и растревожена душа. Колку повозвишена е една религија, толку посилна е светлината што ја носи за плодороден живот. Христијанството е најсовршена религија. Затоа тоа е и најсветлото учење за животот и светот. Во никој друг светоглед не е толку длабоко внедрена и толку органски сврзана идејата за светлината како животна основа за усовршувањето на луѓето и народите. Уште во првите зборови на Библијата се истакнува таа движечка сила на животот. Земјата била неустроена, темнина ја покривала, но „Бог рече: нека биде светлина и би светлина“ (Бит. 2-5). Првиот ден на битието, на вселената (космосот) што се создавала, започнал со блесокот на животворна и творечка светлина, којашто произлегла по волјата на невидливиот Творец. Според претставата на старозаветните луѓе, лицето на Бога излачува силна светлина (Пс. 43,4) и затоа не може да Го види никој (Исход 33,20 и 23). Божјото слово, изречено при Синајското законодавство, било така светлозарно, што кога Мојсеј слегол од Синај, неговото лице испуштало зраци и светело, и тој си ставал покривка на своето лице, кога зборувал со народот (Исход 34,29-35).

Господ Исус Христос – Светлина на светот

Во Новиот Завет уште појасно е изразено сфаќањето на религијата како живот во светлина. Новиот Завет е светлозарен извор на нов живот. Тој грее и свети веќе скоро две илјади години како мајско сонце. Секој ред од Новиот Завет е животворен зрак. Самиот Христос се нарекува светлина. Он е „светлина на светот“. Кој го следи, тој „нема оди во мрак и ќе има светлина на животот“ (Јован 8,12; 9,5). Христос го излекувал слепиот од раѓање (Јован 9), за тој да Го види Оној, Кој „е светлина во светот“. Неопходен е и духовен вид – религиозно чувство, за да се живее во светлина и да се постапува според волјата на Севишниот, „додека е уште ден“ (Јован 9,4). Инаку и тие кои физички гледаат, ќе станат слепи пред сијанието на Божјата светлина, а телесно слепите ќе Го видат Невидливиот (сп. Јован 9,39). Исус Христос сака нашето око, кое е ,,светило на телото“, да биде чисто, за да ни биде целото тело светло (Матеј 6,22). Во спротивно, т.е. ако окото ни биде лукаво, целото тело ќе биде темно, та светлината што е во него, ќе биде всушност темнина (Матеј 6,23). Не е само Христос светлина на светот, туку и оној којшто живее со Неговиот дух, општо Неговите верни следбеници. „Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина. Ниту, пак, светило се пали и клава под поклоп, туку на свеќник и им свети на сите в куќи. Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен“. (Матеј 5,14-16, сп. Јован 3,20-21). Апостолите целосно ја воспримиле суштината на Евангелието. Божјото откровение е проследено со спасителна светлина. Се роди Христос и славата Господова ги озари витлеемските пастири. Светлозарно, многубројно, небесно воинство се јавило и ја разгласувало благата вест (Лука 2,9 и 13). Чудна, известувачка ѕвезда им го посочувала патот на тројцата источни Мудреци кон Витлеемската пештера. Исто така и Воскресението на Христа било проследено со блесок на небесна светлина. Ангелот којшто го отворил каменот од гробот Господов светел како молња, облеката му била бела како снег (Матеј 28,3; сп. Јован 20,12). За апостолите Христос е вечна светлина на светот. Он е вистински живот, Кој Сам по Себе е „светлина за луѓето“. „Таа во мракот свети, и мракот не ја опфати“. Јован Претеча дошол „да сведочи за светлината“, за „вистинската светлина којашто го просветлува секој човек, којшто доаѓа на светот“. Таа – Единородниот Син – Го објави Бога, „Кого никој никогаш не Го видел“ (Јован 1,4-9). Апостолите го проповедале тоа коешто било јавно, светло, очевидно – тоа што го чуле, она што со очите свои го виделе, што го разгледале и што со рацете свои го опипале, „за Словото на Животот“. Животот се јавил во светот и тие го виделе. Апостолите го возвестувале „вечниот живот кој беше во Отецот и се јави“ на самите нив (1. Јован 1,1-3). Апостолите чуле од Христа „дека Бог е светлина и во Него нема никаква темнина“ (1. Јован 1,5). Затоа и Христијаните треба да одат „во светлина, како што и Он (Христос) е во светлината“. Инаку, ако одат во темнината и велат дека општат со Бога, тие лажат и не постапуваат „според вистината“ (1 Јован 1, 6-7).

Ап. Павле ја сфаќал својата дејност пред сѐ како борба против темнината во светот. Христос е „блесок на славата“ на Бога „и образ на Неговата Ипостас“ (Евр. 1,3). Он го осветлува светот, ги буди и подига заспаните за нов живот (сп. Ефес. 5,14). Христијаните се „светлина во Господа“ и треба да дејствуваат „како чеда на светлината“ (Ефес. 5,8), да не учествуваат „во бесплодните дела на темнината“, туку да ги разобличуваат, зашто „сè, што е за изобличување, светлината го открива“, а „сè што е јавно“, светлина е (Ефес. 5,13). Христијаните, како синови на светлината, Го носат во себе Духот Божји и треба да го дадат плодот на Духот, којшто „се состои во секое добро, правда и вистина“ (Ефес. 5,9).

Ап. Јован Го видел Синот Човечки во сјаен образ (со златен појас, главата и косата му биле „бели како бела волна, како снег, и очите Негови – како огнен пламен“), а седумте цркви во Мала Азија му изгледале како седум златни светилници (Откр. 1,12-15,20). Пред престолот Божји гореле „седум огнени светила, коишто се седумте Божји духови“ (Откр. 4,5). Воопшто ап. Јован е најсилниот изразувач на идејата за Христијанството како светлоносна сила во светот.

Христијанската црква го поддржала истото сфаќање. Древнохристијанското дело „Учењето на Дванаесетте апостоли“ ги советува Христијаните да бдеат, за да не им изгаснат „светилниците“. Крштението било премин од темнина во светлина. Затоа новопокрстените биле нарекувани просветени (на грчки φωτισμένοι). Општото убедување на Христијаните дека Бог е светлина, е изразено и утврдено во Символот на верата: Исус Христос, Единороден Син Божји, е светлина од светлина (Отецот). Живо е изразена таа вера на Црквата во поетичната молитвена песна: „Свѣте тихій“. Црквата Го слави Христа како Сонце на правдата и Божјите угодници како светилници, коишто ни го покажуваат патот на вишиот живот …

Нашите отци и просветители, Светите Рамноапостолни Кирил и Методиј

Таквото поимање било утврдено и од нашите првоучители – Кирило-Методиевите ученици. За нив Христос е светлина на светот[1]. Тие гледале во своите боговдахновени учители ревносни распространувачи на евангелската светлина среде славјанскиот род, којшто тлеел во темнината. Во Панонското житие на св. Кирил отворено се кажува дека „Бог го издигна во нашиот род тој учител (Кирил), којшто го просвети нашиот народ“ – тој народ, којшто го беше помрачил својот ум и „не сакал да оди во светлината на Божјите заповед“. Подвигот на светите Солунски Браќа е претставен како светлотворна дејност, којашто ги озарува ги сите славјански племиња. Авторот (Климент) на пофалните слова за Св. Кирил и Св. Методиј се служи со најсилни украси, за да го истакне возвишеното величие на нивните личности и дела. Споменот на преблажениот Кирил е светлозарен. Тој засветли на земјата како сонце, просветувајќи го целиот свет со зраците на триипостасното Божество. Со трисветли зраци, сјаејќи како сонце, тој ги уништил заблудите на хазарите и сарацените. Проповедал меѓу фулскиот народ (во Крим) и таму „трибезначалната светлина засветли“. Усните на Кирила биле посветли од светилници. Златозарни букви украсиле неговите прсти. Авторот го ублажува Кириловото многупросветлено лице, озарено од Св. Дух, неговите златозарни очи, неговите ангелозрачни зеници, озарени од божествената слава.

Исто така и Климент, Наум и целиот собор на Светите Седмочислениците биле восхвалувани како големи светила, коишто со Христовата светлина ги просветлиле бугарската и другите славјански земји.

Св. Јован Рилски копнеел за возвишен живот и богосозерцание, откако се украсил „со светлоста на разумот“ и си ја просветлил душата со Божествените заповеди. Така, тој засветлил како рилски светилник и станал „въселеннѣй радованіе свѣтло(од неговата служба) …

Околу него непровидна темница угнетувала сѐ живо, но неговата душа останала жива и незасегната. Таа гледала низ мракот, во неа блескало неракотворно кандилце, непрекинато светел сјајниот образ на Христос. Нашиот народ, смирен и покорен под мечот на тиранинот и под гнетот на лажните пастири, се освежувал од тие небесни зраци, се просветувале и се осветувале неговите мисли и чувства. Тој бил уверен дека среде надворешната темнина, живее во своја светлина, зашто Го гледа Бога и својот Спасител … Тогаш тој немал високо образование, но знаел дека живее во нестворена, неизгаслива и животворна светлина; знаел што е човекот во вселената и за што е неговото предназначение…


[1] Христось гредеть іезык сьбравши, свѣть бо іест всемоу мироу – се вели во Прогласот на св. Евангелие.


Извадоци од книгата на проф. Иван Снегаров, Църквата и народната просвета, София 1946.