Игри на умот – Ι дел

Животот ги надминува зборовите. Тој е очигледно значително тежок. Реалноста на животот е различна кај секого, но сите претежно искусуваат голема сладост од неа. Бидејќи низ односите со конкретни реални личности се одвива една голема игра: во неа ти даваш испити, ја гледаш сложеноста на својот карактер, но и неговата убавина, кога имаш успех во односите со луѓето.

Христос не кажувал само зборови, туку Он општел со луѓето, а најмногу со Своите ученици кои секој ден биле покрај Него и го гледале како јаде, спие, чекори, зборува, се гневи во храмот, прави чудеса, проповеда, а Го виделе и откако воскреснал. И Он Самиот доживеал многу работи со Своите ученици, ги видел во сите нивни животни пројави: во острастеност и прелест, но исто така и во добродетелност, во смирение, но и во егоизам, бидејќи токму таков е и човекот – спој помеѓу величие и немоќ.

Кога пред тебе се наоѓаат големите и пресудни животни одлуки, не е добро друг да ти го даде на готово решението што го бараш, треба сам да си преземеш одговорност за својот живот, тоа решение треба да биде твое за ти да му се радуваш, и треба да е донесено во соработка со Бога, со Негова помош и со помош на луѓето кои ќе ти го кажат своето мислење. Ти ќе го слушнеш нивното мислење, но она што ќе одлучиш да го направиш, во краен случај, нема да ти го каже некој друг: јас не можам да ти кажам каква професија да одбереш, ама на пример ќе се помолам за тебе. Нема друг да ти го одбере човекот што ќе го земеш за маж или онаа девојка со која ќе се ожениш. Никој нема да ти каже„Склучи го овој брак, задолжително земи ја оваа девојка за жена!“ Што би било од сето тоа! Бидејќи доколку ти кажам така, кога ќе се појават некакви проблеми ти ќе ми кажеш: „Ти ме наведе на тоа, ти ме поттикна, ти ме натера!“

Во животот постои таа убавина, таа слобода, каде ти сам со својата молитва и чист ум можеш да го одбереш тоа што го сакаш. Да преземеш одговорност за себе, да чекориш на сопствените нозе, а понекогаш и да ги преклониш, да паднеш на колена таму каде што си, во својот дом и да ја вознесуваш својата молитва, молејќи за просвештение од Бога.