Игри на умот – II дел

Помоли се, побарај помош Божја и таа ќе дојде во твојот живот

Сѐ е толку едноставно. Изворот на овие обилни дарови, добродетели и просвештенија постои – тоа е Бог, тоа се Светиите кои се молат за нас, Пресветата Богомајка, Ангелите. Помоли се, побарај ја нивната помош и таа ќе дојде во твојот живот. Ти едноставно само ќе очекуваш и ќе Го молиш Бога за Он да те просвети, да го очисти твојот ум, да го исчисти и смири, да го сокруши и одново издигне, всушност Он да го урне она што неразумно е устроено и тука да подигне нови темели, да го обнови.

Умот – тоа се очите на душата: кога тој работи добро, целата душа се движи правилно. Кога окото на телото гледа добро, тогаш и нозете одат нормално, окото гледа, а телото се движи. Но кога окото ќе се помрачи и замагли тогаш и телото не може да се насочи како што треба. Така се случува и со нашата душа: во неа постои извесен инструмент со помош на кој таа го спознава светот, а тоа е умот. Умот е сила на душата.

Но кога ќе се родиме, други нѐ воспитуваат и ни кажуваат најразновидни работи во кои ние, после многукратното повторување, на крај почнуваме да веруваме, го усвојуваме тоа и се утврдуваме во себе.

Некои од тие кажани работи се точни, а други, пак, измама и лага. Тие лажни претстави, ставови и убедувања си нашле место во нашиот ум и ние во нив сме поверувале. Така многу од нас веруваат: дека наводно тешко е да се биде успешен, дека ние никогаш нема да имаме успех. Многумина веруваат во ова и велат: „Јас не сум способен за тоа, не можам, ќе доживеам пораз! Мене ми се чини дека цело време се наоѓам во опасност!“

И ти гледаш дека тоа во што тие веруваат не е животната реалност, туку начинот на кој што тие гледаат на неа; умот ги наведува на сѐ да гледаат песимистично. Зошто? Затоа што тие така се научиле, така се навикнале, а тоа на што ќе се навикнеш тешко се менува, тешко може да се отфрли, ако така си се научил.

„Отче нема шанси да најдам работа! Не можам, не сум способен, нема да успеам, животот е тежок! Ќе пропаднам, јас немам среќа!“

Ти му наоѓаш работа, и нешто подоцна него повторно го обземаат тревожни мисли, тој повторно е незадоволен и неговиот ум се вознемирува за нешто друго. Му велиш:

„Зарем не ти најдов работа?“

„Да, ми најде работа, но таму имам еден колега којшто ми врши притисок!“

„Добро, ќе те префрлам во друга канцеларија“.

Но таму одново, проблем е малата плата, потоа проблем е нешто друго. И ти се прашуваш себе си, што е работата? На крајот на краиштата, можеби проблемот не е надвор, туку некаде во нас? Во твоите мисли, твоето срце, твоите помисли. Можеби ти некаде не расудуваш правилно, бидејќи гледај, тоа низ коешто сега поминуваш, низ истото поминуваат и други брачни другари (и наведувам примери на луѓе кои имаат проблеми на работа или меѓу себе), но тие не го прават тоа што го правиш ти. А зошто? Зашто така се научиле.

Тие се научиле да постапуваат поинаку, бидејќи кога биле мали тие стекнале од родителите поуки и лекции за надеж, вера, оптимизам, одговорност, доверба. Односно дека треба да се учиме да се потпираме на луѓето и Бога, да се успокојуваме, да се смируваме и да велиме: „Можам! Бог си ја знае работата, сѐ ќе биде добро! А зошто тоа навистина да не е добро?“

Но ако си пораснал без тоа чувство, без тоа воспитание на умот и некој постојано те прекорувал, ти во детството постојано си ги слушал овие зборови:

„Неспособен! Пак си ја скршил чинијата! Пак си се извалкал! Пак си го скршил лаптопот! Не си добар! Мама не те сака! Нема да ти го купам тоа што го сакаш! Тато ќе те казни! Ќе те искара! Бог не ги сака децата што скокаат! Бог не ги сака децата што зборуваат на час! Бог не сака…“

Добро де, што ако Бог не те сакал, ако таткото те казнил, ако мајка ти те искара… Еден го плаши детето, друг го плаши… Тие работи ако ги кажеш еднаш или два пати – тоа може и да помине, но доколку детето ги слуша постојано, десетици, стотици пати тогаш што ќе се случи? Тие ќе си најдат место во тебе и ти на крајот на краиштата ќе почнеш во тоа да веруваш и да мислиш дека животот навистина е таков.

Со други зборови ти на сѐ во себе гледаш депресивно, песимистички, во црни бои и не велиш: „Знаеш во мене сѐ е така црно, и затоа на сѐ гледам преку црни очила, сѐ ми е мрачно“. Туку велиш: „Таков е светот, такви се луѓето, таков е животот! Сѐ е тешко! Нема шанси да успеам! Се плашам, ќе пропаднам! Чувствувам огромен страв и несигурност во животот, немам на кого да се потпрам! Мене никој не ме сака, мене никој не може да ме сака. Јас сум толку сам“. Така умот го толкува животот на исклучително песимистичен, мрачен и непријатен начин.

И гледаш дека кај една конкретна личност (тука нема да зборуваме за некој далечни луѓе туку за оние кои што живеат во едно исто семејство), во согласност со тоа како кај неа се формирал умот, како тој се развивал, што читал, што слушал, во каква средина живеел, па дури и црковна средина, какво црковно воспитание имал – тој создава за себе определена слика на светот. Во едно исто семејство нешто ќе се случи и едно од децата гледа на тоа оптимистички, другото го опфаќа депресија, трето, пак, се интересира за други работи и тоа воопшто не го засега. И се прашуваш: „Но добро, сите тие три деца се наши! Зошто секое од нив на различен начин гледа на работите?“

Затоа што нивниот ум на различен начин им ги објаснува работите. Секако, удел имаат и наследноста, гените, предрасположението на душата, но огромна улога тука игра начинот на којшто ние сме го воспитале своето мислење. Христос доаѓа за да го направи токму тоа – да го обликува нашиот ум на друг начин, да ни даде нов ум, ново мислење, нов начин на гледање на светот, за ти да ја видиш реалноста преку Неговите очи и ум. Господ ти дава можност да опстојуваш во животот дури и кога другите покрај тебе пропаѓаат, заболуваат, се мачат. Христос ти вели:

„Сакаш ли да мислиш по Мое? Надворешноста нема да се смени, секако и тебе ќе те стаса некаква болест, безработица, тешкотија, неволја, опасност. Така се случува во целиот свет. Таков е животот. Таков е овој свет, тој е исполнет со грижи, но можам да ти помогнам на поинаков начин да гледаш на своите грижи, да гледаш на нив како на можност, како на училиште каде ќе се научиш на многу нови работи. Сакаш ли така да гледаш на животот?“

„Како?“

„Оптимистички, сакаш ли да го очистам твојот ум? Да го направам нов? Да го исчистам, да го усовршам и одново да ти го вратам? “

„И како може тоа да се случи Господи?“

„Кога ќе се научиш да мислиш така како што сака Бог“.

Кога ќе се научиш да внесуваш во себе мисли кои нема да те доведуваат до болест, туку ќе те оживуваат. Обнови го својот ум! Обнови го своето мислење! Како што Господ се грижи за птиците небесни, така ќе се погрижи и за тебе! „Погледајте ги птиците небески; тие ни сеат, ни жнеат, ниту во амбар собираат; но вашиот Отец ве храни“ (Мат. 6,26).

Бог ќе ти помогне да најдеш решение и за твојот проблем, веројатно не денес, можеби утре или по неколку дена. Ќе настапи миг кога твоите проблеми ќе се решат, но работата е во тоа да веруваш, да се довериш, дека Христос ќе ти каже такви зборови коишто ќе ја охрабрат твојата душа, ќе ја поткрепат, зборови кои нема да те погубат и разурнат.

Во псалмите Пророк Давид зборува за таква вера: Господи, Ти си мојата сила, потпора, прибежиште, Ти си мојата карпа, трпение, сила. Господи водите Твои ќе ја изгасат мојата жед, мислејќи на Тебе ми станува лесно, само ќе помислам на Тебе и оживувам. Каде и да појдам не се плашам од ништо Господи, дури и во смрт Ти си со мене и ќе ми дадеш светлина. Тие зборови го наведуваат умот да мисли поинаку. Тие зборови, таа вера, создаваат такво мислење и начин на живот, што да можеш да гледаш на истите тие работи (безработица, страдање), но да велиш: „Не! Нема да мислам така! Нема да го изгубам разумот! Нема да паднам во очај! Ќе ја положам својата надеж на Христа! Ќе се потпрам на Него и во својот живот ќе внесам колку што е можно повеќе светлина “.