Игри на умот – III дел

Човек може да се доведе до тоа да се разболи од сопствените мисли

Човек може да се доведе до таму да се разболи од сопствените мисли: реалноста може е сосема поинаква, а ти си мислиш дека се е така како што ти се чини. Бидејќи твојот ум верува во тоа и многумина така велат. А всушност твојот болен ум е виновен за се. Умот кој си мисли, си вообразува, застранува и се заглавува во една точка.

Го молиме Бога да ни даде светли помисли, за во нашиот ум да гори оган како пламен од свеќа. Да не бидеме некој што околу себе шири мрак со своите зборови, мисли, душевна состојба, со самата атмосфера што ја шири околу себе, пројавите на својот карактер и душевност, туку каде и да појдеме да шириме светлина, да им зборуваме на другите а тие да се радуваат, гледајќи оптимистично на работите и велејќи: „Ние можеме!“

Светиите, гледајќи Го Христа на молитва, Го гледале облеан со таа светлина која не може да биде искажана со зборовите на овој свет. Доколку таа светлина влезе во твојот ум и те просвети, Он ќе ти даде на друг начин да гледаш на животот и проблемите во него. Затоа да се молиме на Христа за Он да нѐ измени и обнови. Бидејќи ние што сме во Црквата непрестајно велиме: „Господи, Исусе Христе, помилуј ме!“ А зарем не е доволно само еднаш? Доволно е и еднаш, и дури и само половично, значи ни еднаш, ако срцето твое го искаже тоа силно, тогаш не е потребно устата да го изговори.

Сепак, прашање е дали твојот ум ги сфатил тие зборови. Умот којшто верува во многу работи и паѓа во паника, се вознемирува, заталкува, се збунува, треба да се внесе во таквите мисли: „Господи, Исусе, Христе, помилуј ме!“ Ти наеднаш го слушаш зборот „Помилуј“, а тоа значи „јави ми ја својата љубов, милосрдие, подај ми ја Твојата благост и благодат!“ Ти Го слушаш и одново Му велиш: „Господи, Исусе, Христе, помилуј ме!“ Односно: „Некој ме љуби, јас сум возљубен од Бога“. Бог те љуби, а не како што ти велеше мама, кога беше мал:

„Аха, лош си на училиште, мама веќе нема да го љуби своето синче! Не си ја изел целата чинија со храна? Бог нема да те сака!“

Не, Бог те љуби што и да правиш, каков и да си. Ти се бориш, паѓаш, стануваш и Бог те гледа и вели: „Те љубам! Без разлика што и да правиш“.

Ти се молиш со Исусова молитва, сепак, повторно ја забораваш нејзината смисла. Умот твој има потреба од промена, тој треба да биде разрушен и подигнат одново, за да се обнови. Умот има потреба од покајание, во друга димензија на покајанието, каде што јас не само што плачам за своите гревови и грешки, туку и го менувам мојот начин на размислување, гледам поинаку на животот и на предметите.

Кога се молиш со Исусова молитва (монасите ја повторуваат по илјада пати на ден, по три илјади, постојано) таа најпосле ќе те напои, и ти ќе сфатиш дека си возљубен од Бога и дека Он те заштитува, те закрилува со Своите крилја, сфаќаш дека има Некој што се грижи за тебе. Најпосле ти ја полагаш раката на срцето и велиш: „Срцето ми чука нормално. Тоа се успокоило, паниката поминала“. Исчезна тахикардијата од којашто ми се зголеми крвниот притисок, се зголеми шеќерот, и која ме извади од умот, па појдов на лекар, а тој ме прашува: „Но што ви се случи, за што толку мислите? Зошто сте толку напрегнати и го труете вашето тело и душа?“

Умот го труе телото, тогаш кога постојано внесува помисли на очај и разочараност, депресија, „нема да успеам во животот“. Тоа го труе телото. „Мојот дух тагува, храброста ме напушта, јас не можам да се поднесам, само седам на креветот и тонам во сопствените мисли“. Ти си потонал во својот кревет и се мислиш, мислиш, мислиш со таков помрачен ум. А зошто да не ја тргнеш завесата за да влезе малку светлина во твојот дом и во твојата душа. Бог ќе ја внесе неа преку молитвата.