Како умираат свештениците

Раскажување на лекар од Брза помош

Никогаш нема да заборавам како еднаш нашиот тим беше повикан во домот на еден стар свештеник, којшто имаше срцев удар. Лежеше на креветот, облечен во темносино расо, држејќи крст во рацете. Состојбата во која го најдовме беше кардиоген шок. Крвниот притисок му беше екстремно низок. Пациентот беше блед, покриен со ладна леплива пот и се измачуваше во силни болки. Но, во исто време, тој беше не само мирен, туку потполно спокоен и невозмутен.

И во тоа спокојство немаше ништо преправено, никаков фалш. Нешто повеќе. Бев поразен уште од неговите први зборови. Тој ме праша: „Многу ли повици имате? Сигурно уште немате ручано?“ Се сврти кон жена си и продолжи: „Маша, постави им нешто да јадат“. И додека му правевме кардиограм, му стававме инјекции, ставаме системи, викавме специјализиран реанимационен тим, тој се интересираше за тоа каде живееме, стигнуваме ли навреме на работа. И со тивок глас нѐ запраша колку деца имаме и на колкава возраст се.

Тој беше загрижен за нас, се интересираше, без ни малку вознемиреност и страв, додека ние ја вршевме нашата работа, обидувајќи се да му ги олесниме страдањата. Ги гледаше нашите загрижени лица, солзите на неговата расплакана жена, го слушаше зборот „инфаркт“. Знаеше што се случува со него. Бев потресен од неговата самоконтрола.

Пет минути подоцна тој издивна.

Чудно чувство предизвика во мене таа смрт, чувство коешто не ме напушта и до ден денес. Зашто, повеќето луѓе коишто умираат се однесуваат сосема поинаку. Стравот ја парализира волјата на болните. Тие размислуваат само за себе, за својата состојба, се вслушуваат и во најнезначајните промени во организмот, до последниот миг очајно се држат до надежта за живот. Да стане што и да е, само и само уште да живеат.

Во домовите каде што нема место за икони и крст, но затоа, пак, има плазма телевизор врз целиот ѕид; каде што во ходникот ве тераат да обувате специјали калчуни, и покрај тешката состојба на болниот, вообичаено се одигрува „хистеријата на последната минута“. Со стенкања, превртување во кревет, стискање за раката, загледување во очите, непрестајно прашување за сопствената положба, обидувајќи се да улови во погледот на докторот, во гласот негов, макар и некаква призрачна надеж.

Таквите болни пред да паднат во бессознателна, претсмртна состојба, просто ги „истоштуваат“ роднините и околните со својот страв. По ваквите смртни случаи, медицинските лица се чувствуваат обессилени. Но не затоа што не успеале да ја дадат потребната помош колку што можеле и да го спасат пациентот. Опустошеност и изгубеност чувствуваш поради тоа што смртта тука го победила човекот.

Патем, истите „поразени“ од стравот болни се среќаваат и таму, каде што сите ѕидови се покриени со икони, масите се затрупани со религиозна литература, насекаде блескаат кандила, а болните, наместо лековите што им се препишани од лекарот, пијат само света вода, којашто во мноштво шишиња и секакви садови можеш да ја видиш насекаде во станот.

А, гледај, по смртта на оној свештеник, колку и чудно да е тоа, почувствував некоја тиха радост. Таму смртта не беше победила. И кога ќе се присетам мисловно на 2-3 подобни случаи од мојата пракса, во мојот ум, само од себе возникнува прашањето: Смрт, каде ти е осилото? (1 Кор. 15,55).


Извор: pravlife.org

Превод: Васко Костов, дипломиран теолог