Љубовта како крајниот испит на верата

Бог го љуби целиот човек, бидејќи во човечкото постоење не постои ниту еден аспект кој нема потреба од учество во Божјата љубов. Исполнувањето на првата и големата заповед станува не преку одделни пројави или жртви на човекот, туку преку неговото совршено и потполно себепринесување. Човекот е повикан да Го возљуби Бога со сето свое срце, со сета своја душа и со целиот разум. Но сепак, како би можело да се случи тоа кога тој нема власт над себеси? Како може да Го возљуби Бога, кога умот му е расеан во сетилните нешта и станал роб на страстите? Затоа и запазувањето на првата и најголема заповед бара од човекот внатрешно собирање и враќање на умот и на сите душевни сили во срцето.

Љубовта кон Бога се открива преку пазењето на Неговите заповеди:

„Кој ги има заповедите Мои и ги пази, тој е оној што Ме љуби“ (Јован, 14,21).

Напредувањето во љубовта кон Бога е растење во слободата, а растењето во слободата е растење во самооткажувањето. Ако човекот остане роб на страстите, тој не може да Го возљуби Бога. Но колку и да Го возљуби Бога, тој ретко стигнува до совршеното исполнување на заповедта за љубовта. Затоа обично Светиите исповедаат дека не ги запазуваат заповедите во полнота.

Вистинската љубов кон Бога го прави човекот слеп за сите Божји созданија. Како оној којшто вистински е вљубен и не гледа ништо друго освен личноста што ја љуби, така и оној којшто Го љуби Бога не гледа ништо друго освен Бога…

Божјата љубов и стравот Божји: Никој не може да Го возљуби Бога, ако пред тоа нема страв Божји, а човек не може да има страв Божји, ако не поверува во Бога. Стравот се раѓа од верата, а не верата од стравот.

Очистувањето од страстите и растењето во љубовта стануваат преку стравот Божји. Совршената љубов, пак, „го изгонува стравот“ (1.Јован 4,18). Стравот е карактеристичен за почетните степени на духовниот живот. И совршениот човек има страв Божји, но тој страв добива друг облик. Тој е пронижан од љубовта којашто постепено го изгонува. Затоа има два вида на страв: почетен, предизвикан од стравот од адот и присутен кај верниците кои не постигнале совршенство, и совршен страв или стравот на совршените, којшто е плод од присуството на благодатта. Тој страв нема ништо заедничко со природниот инстинкт на стравот, туку напротив неговото присуство го ослободува човекот од секаков земен страв. Совршениот страв е поврзан со сфаќањето за величието на Божјиот дар и со стравувањето човекот да не се покаже недостоен за своето призвание и да не падне поради својата нестабилност и немоќ. Како што оној кој се наоѓа на висок врв, не се плаши од врвот, туку од тоа да не падне од него, така и оној којшто постигнал совршенство не се плаши е од Бога, туку од тоа да не отпадне од Него, стравува да не се покаже недостоен.

Љубовта кон ближниот: Втората голема заповед која Господ ја нарекува слична на првата, е заповедта за љубовта кон ближниот. Христијанинот е повикан да го возљуби ближниот „како себеси“. На психолошко ниво, тоа значи тој да го возљуби својот ближен како што се љуби себеси. Полнотата на христијанската љубов, сепак, се открива не на психолошко, туку на онтолошко ниво. На тоа онтолошко ниво верниот не се разликува себеси од ближниот, туку го љуби ближниот како себеси, зашто тој е неговото јас во Христа.


Георгиј Манѕаридис

Георгиј Манѕаридис, роден во Грција, е професор по теологија и еден од најзначајните современи христијански мислители на православниот свет. Неговата академска кариера и дело се истакнуваат со длабоки истражувања во областа на духовноста, етиката и философијата, нудејќи значајни придонеси кон разбирањето на православната вера во контекстот на современите предизвици. Манѕаридис е познат по својата способност да ги толкува традиционалните христијански учења на начин што резонира со современите верници, обезбедувајќи им практични насоки за духовен развој и лично преображение.