О, љубов…

О, љубов сeпожелувана,
блажен е оној кој те прегрнал, бидејќи повеќе нема да посака страсно да прегрне ништо од земнородната убавина. Блажен е оној кој те опкружил со копнеж кон Бога, бидејќи ќе се одрече од сиот свет и никако нема да се извалка, без оглед на тоа на кој човек ќе му се приближи. Блажен е оној кој ја засакал твојата убавина и кој се насладил од неа со бескрајно чезнеење, бидејќи душевно ќе се осветува со водата и крвта која од тебе непорочно струи. Блажен е оној кој цврсто те опфатил, бидејќи духовно ќе се измени со добра измена и душата ќе ја зарадува, затоа што ти си радост неискажлива. Блажен е оној кој те стекнал, бидејќи световните богатства ќе ги смета за прашина, зашто ти си вистински неисцрпно богатство. Блажен и трикратно е блажен оној што ти си го примила, бидејќи во привидната неславност ќе биде пославен од сите славни и уважен од сите почитувани. Пофалуван е секој кој кон тебе се стреми, уште повеќе фален е оној кој те нашол, а најблажен е оној што ти си го засакала, кого ти си го примила, кого ти си го поучила, кој се населил во тебе и кого си го нахранила, како со храна, со Христос Бесмртниот, со Христос, нашиот Бог.

О, љубов божествена, каде Христа Го држиш? Зошто си ни го зела Спасителот на светот и со Го оддалечила од нас? Ајде отвори ја и за нас вратата своја, за и ние да Го видиме Христа, Кој пострадал заради нас и кога ќе Го видиме да поверуваме дека, според Неговата милост, повеќе нема да умираме. Отвори ни, Ти која си станала врата за Неговото јавување во плот, која си ја смилостила штедрата утроба на нашиот Владика, која не се двоуми да ги понесе гревовите и слабостите на сите и немој да нѐ отфрлиш говорејќи: „Не ве познавам.“ Биди со нас, за да нѐ познаеш, бидејќи сме ти непознати. Всели се во нас, за преку тебе и смирениот Владика да дојде и да нѐ посети, а ти да му излезеш во пресрет (бидејќи ние сме сосема недостојни), та Он беседејќи малку со тебе, да ни допушти и нам грешните да паднеме пред Неговите непорочни нозе; и позборувај со Него за нашите добродетели и замоли да ни се прости долгот на нашите гревови, па, преку тебе, да се удостоиме да Му служиме на Самиот Владика и Он да се погрижи за нас и да нѐ нахрани. Бидејќи не постои долг без причина, а страдањето од глад и сиромаштија, безмалку дава еднаква плата и казна.

Дај ни прошка о, љубов света, и дај преку тебе да ги вкусиме богатствата на нашиот Владика – богатствата, чија што сладост никој не може да ја вкуси, освен преку тебе. Бидејќи оној кој не те засакал така како што ти доликува и кого ти не си го засакала како што е потребно, можеби трча, но не ја достигнува целта. Судбината на секој што трча, пред да го заврши патот, е непредвидлива. А на оној, кој до тебе се прилепил, или кого ти си го опфатила, секако е без несигурност, бидејќи ти си завршеток на законот, ти која ме опкружуваш, која ме обземаш и која од срдечна болка ме вознесуваш кон бескраен копнеж за Бога и за моите браќа и отци. Зошто ти си учителка на пророците, сопатничка на апостолите, сила на мачениците, вдахновение на отците и учителите, на сите светии усовршување и моја подготовка за ова служење“.