Правила на христијанскиот живот

1. Будејќи се од постелата, пред сé, спомни Го Бога, и на себе положи го знакот на крстот.
2. Не започнувај го денот без молитвеното правило.
3. Во текот на денот, секаде, при секоја работа, моли се со кратки молитви.
4. Молитвата – крилјата на душата, ја прави душата престол Божји. Цела сила на духовниот човек е во неговата молитва.
5. За Бог да ја услиши молитвата, не е потребно молитвата да се извршува со врвот на јазикот, туку со срцето.
6. Никој од твојата околина да не остане без твојот искрен поздрав.
7. Не ги отфрлај молитвите кога непријателот те напаѓа со безчувствителност. Кој се принудува себеси, ја принудува својата сува душа на молитва, тој е поголем од оној кој се моли со солзи.
8. Потребно е да го познаваш Новиот Завет со разумот и срцето, секогаш поучувај се, но неразбирливото не го толкувај сам, туку прашај ги Светите Отци.
9. Светата вода со жед земај ја за осветување на душата и телото. Не заборавај да пиеш.
10. Благодарствениот поздрав кон Царицата Небесна, Богородице Дево, Радувај се….изговарај го почесто, барем на секој час по еднаш. Во слободното време читај ги списите на Светите Отци и учители на духовниот живот.
11. Во искушение и напаст, утврдувај се со Псалтирот и читај го молебниот канон на Пресветата Богородица….Таа е нашата Застапничка во секоја напаст и неволја.
12. Кога демоните ќе ги насочат своите стрели кон тебе, тогаш гревот ти се приближува, а ти пеј ги песнопенијата од Страсната седмица и светата Пасха, читај го канонот кон Исус Преслаткиот.
13. Доколку не можеш да пееш или читаш, тогаш во моментите на борба спомни си за Името Исусово: Господи, Исусе, Христе, Сине Божји, помилуј ме, грешниот. Стој пред крстот и радувај се на твојот плач.

14. За време на постот, пости, но знај дека на Бога не му е угоден постот само со телото, т.е. воздржувањето од гревот, туку и воздржувањето со ушите, очите, јазикот, а исто така и воздржувањето на срцето од служењето на страстите.
15. Човекот, кој пристапил кон духовниот живот, мора да е свесен дека е болен, дека умот му се наоѓа во заблуда, волјата повеќе му е склона кон злото отколку кон доброто, и срцето е заразено од нечистотијата на страстите, кои клокотат во него. Затоа почетокот на духовниот живот е во стекнувањето на духовното здравје.
16. Духовниот живот е постојана борба со непријателот за спасението на душата: никогаш немој да спиеш душевно, твојот дух секогаш мора да биде бодар. Секогаш на помош повикувај Го својот Спасител.
17. Плаши се од согласувањето со грешните помисли кои ти пристапуваат. Прифаќајќи ги таквите помисли, веќе си го направил гревот, за кого си помислил.
18. Помни, да не загинеш, потребно е да имаш нај искрено покајание пред Бога: „ Господи, прости и помогни, Духот Твој Свет не ми го одземај. “
19. Секогаш моли се: „ Стравот Твој Господи, всели го во срцето мое “ Колку е блажен оној, кој секогаш пред Бога трепери!
20. Сето свое срце, без остаток, дај Му Го на Бога, и ќе почувствуваш Рај на земјата.
21. Не останувај никогаш без работа, во празнотија. Црковните и празничните денови, почитувај ги според заповедта Божја.

22. Верата твоја, треба да се утврдува со чести прибегнувања кон покајание и молитва, а исто така и со општење со луѓе со длабока вера.
23. Обезбеди си поменик, и запиши ги таму сите живи и мртви, сите кои не те сакаат и кои те навредуваат и секојдневно споменувај ги.
24. Постојано барај дела на милосрдие и сострадална љубов, без дела невозможно е да Му се угоди на Бога. Биди сонце на сите. Милоста е поголема од сите жртви.
25. Без неодложна неопходност, никаде не оди, што е можно помалку зборувај, немој да се смееш, не љубопитствувај со празна љубопитност.
26. Љуби ја светата осаменост.
27. Сите навреди поднесувај ги, во почетокот со молчење, потоа со прекорување на себеси, потоа со молитва за оние кои те навредуваат.
28. Најважно за нас е да се научиме на трпение и смирение: со смирението ќе ги победиме сите непријатели, зли духови, а со трпението, страстите кои стануваат против душата и телото.
29. Не ги покажувај во молитвата никому, освен на Бога, своите солзи на умиление и ревноста во спасението.
30. Православниот свештеник почитувај го како Ангел благовесник, испратен да те израдува и да ти донесе избавување.
31. Третирај ги луѓето така внимателно, како да се пратеници на големо царство и внимателно, како да ракуваш со скапоцен и кршлив предмет.
32. На сите простувај им сé и со сите сочувствувај во нивните страдања.
33. Не си посветувај преголемо внимание на себеси, како што кокошката му посветува на јајцето, заборавајќи ги ближните.
34. Кој овде бара спокојство, во него не може да пребива Духот Свет.
35. Унинието и збунетоста напаѓаат поради недостаток на молитва.
36. Секогаш и секаде призивај го на помош твојот Ангел чувар.
37. Секогаш чувај го срдечниот плач за своите гревови, и кога ќе ги исповедаш и се причестиш со Светите Христови Тајни, тивко радувај се на своето ослободување.
38. Знај ги само своите лоши навики и недостатоци, а за туѓите гревови, внимателно чувај се да не мислиш и расудуваш, не погубувај се себеси со осудување на другите.
39. Не верувај им на ничии, дури ниту на своите сопствени добри желби, пред тие да бидат одобрени од страна на твојот духовник.
40. Секоја вечер, исповедај ги пред Бога сите свои грешни дела и помисли што си ги имал во текот на денот.
41. Пред спиење, помири се со сите.
42. Тагата, тешкотиите, болестите и трудот не приближуваат до Бога. Не роптај на нив и не плаши се.
43. Никој не оди на Небо, живеејќи среќно.
44. Колку што можеш почесто, со умиление во срцето, причестувај се со Светите Христови Тајни, ти само со нив живееш.
45. Никогаш не заборавај, дека Он, Господ наш Исус Христос, е блиску пред вратите, не заборавај дека наскоро е судот и платата, а во кој ден и час, тоа никому не му е познато.
46. Запомни го и ова и тоа што Господ му го приготви на оние кои Го љубат и ги извршуваат Неговите заповеди.
47. Читај ја оваа азбука, христијанину, не поретко од еднаш неделно. Тоа ќе те поткрепи на духовниот пат.

Амин
И Слава на Бога во сите векови.

Молитвено со вас пребивајќи
Духовниот отец схиигумен Сава
+1954