Да, Секогашдева Марија е Богородица, а не божица

Додека постои царското и есхатолошко свештенство, односно луѓе кои ќе живеат во покајание, ќе постои и светот. Тоа воопшто не мора да бидат свештеници или епископи, иако подобро е токму тие да се. Колку ли ова повеќе важи за Богородица, првата носителка на тоа царско и есхатолошко свештенство, преку Која секој Божји дар го добиваме. Секоја благодат преку Неа ја добиваме, односно ништо што од Бог добиваме, не може а да не е преку Неа.

Не смее да се наруши рамнотежата на Богочовечката синергија во Црквата, каде што ни само Бог сѐ прави, ни само човекот. Првото е ерес на монофизитизмот, а второто е ерес на несторијанизмот. Така, точно е дека Бог сѐ направи – за нас и наше спасение, но ништо од тоа што направи не ќе беше возможно без Нејзиното „да“.

Богородица не можела да биде која било жена, како што протестантите тврдат, затоа што Бог би испаднал садист, Кој иако можел веднаш да нѐ спаси, чекал со илјадници години да се појави Дева Марија. Значи, не можело која било жена, туку Таа што самата се подготвила за тоа. Ниту таа девојка била нешто посебно и одделно од човечкиот род, како што тврдат римокатолиците. И во двата случаја крајно се нарушува Богочовечката рамнотежа, чиј чувар е православниот благодатен опит и теологија на Црквата.

Нас не нѐ спасува само Христос како Богочовек, Кој после целиот Домострој на нашето спасение се вознесе на небесата и седна оддесно на Отецот, туку се спасуваме во Црквата како Тајна на Телото Христово. Како што би рекол нашиот преподобен ава Јустин, толкувајќи го свети Апостол Павле (парафразирам): во Црквата на Светиот Дух, како Тело на Богочовекот Христос, секој молитвено и благодатно се спасува и се восовршува преку сите и со сите, и сите се спасуваат и се восовршуваат преку секого и со секого. Затоа што секој, по благодатта на Светиот Дух, живее во сите и сите живеат во секого.

Освен ова благодатно проникнување, проземање, друг начин на постоење и спасение за нас христијаните е невозможен, и незамислив. Ние не сме етичко тело, ние сме Тело Христово – еден со друг благодатно-органски поврзани и еден на друг органи. Спасението е тајна на учество во Телото Христово токму на овој начин. Е, сега, условно речено, кој било светител можете мисловно да го изоставите од ова Тело, но обидете се мисловно да Ја изоставите Богородица од овој Богочовечки организам и ќе видите дека ништо нема да остане од него и од нашето спасение.

Целата Богочовечка рамнотежа, чиј чувар е Православната Црква, односно Светото Предание и православниот аскетско-исихастички подвиг, несвесно се напаѓа со едно крајно неблагочестиво споредување во следниот текст, од кој еден мал дел ви пренесувам:

„Меѓутоа, таа не е божица. Таа не е седржителка. Таа не е господ и не е господарка на постоењето, ниту царица на универзумот. Таа не создала ништо од она што постои (Творец на сето тоа е Господ). Таа не го промислила нашето спасение после падот на Адам и Ева. Таа не ги надахновувала светите пророци да го пророкуваат доаѓањето на Синот Божји на овој свет.

Таа не беше биена ниту исмевана заради нашите престапи и беззаконија, не се себепринесе на крст за спасението на светот, таа не пострада распната на крст, за да со својата смрт – смртта ја уништи“ итн… (целиот текст видете го во фејсбук групата „Да живееме заедно како Црква“).

Е, ова е извонреден пример на текст напишан, верувам, со добра намера, но по човечка логика – кога човек пишува од самиот себе, не преку просветлување на умот и дарот на умно-срдечната молитва. Текст кој затоа содржи несторијанско-протестантско, само човечко, логично толкување, а кој истовремено смрди на монофизитизам, каде што Бог е сѐ, а човекот е ништо. Текст на кој, по човечка логика, неопитните нема лесно да му најдат замерка, но кој, по Богочовечка логика, покажува неосвестена, а голема прелест. Текст на кој по Богочовечка логика може да му се негира секоја реченица посебно. Текст, кој по мое мислење, неговите слепи поддржувачи ги остава без Причест.

А убаво ви напишав минатиот пат: „Со влегување во Црквата човекот треба да ’замолкне‘ со устата, а да проговори со делата, сѐ до добивањето на дарот на просветлување на умот, односно дарот на умно-срдечната молитва! Може да говори јавно за духовни работи само во два случаја: ако е свештено лице (или не е, но некој го прашува нешто) и само кога за тоа има благослов од духовниот отец (епископот) – но и тогаш не од себе, туку од светите Отци“. Зошто се превознесувате со својот затемнет ум? И зошто со таков ум се обидувате да пишувате и да го толкувате Евангелието, и тоа не за кој било, туку за самата Мајка Божја, пред Чија тајна и небесните воинства скромно молчат; Која светите Отци Ја нарекле и Црквородица. Зошто?

Или, најкратко речено, зошто Нејзе би Ѝ требало да биде божица, кога Таа е Богородица?

Пресвета Богородице, прости ни и спаси нѐ!