5271

За љубовта и кроткоста

За љубовта

Блажен е човекот во кого има љубов Божја, зашто тој во себе Го носи Бога. Бог е љубов и кој пребива во љубовта во Бога пребива (1. Јован 4, 16). Кој има љубов, тој заедно со Бога е повиско од секое нешто. Кој има љубов, тoј не се бои; зашто совршената љубов го испадува стравот (Јован 4,18). Кој има љубов, тој никогаш и од никого не се гнаси – од мали и големи, славни и беславни, бедни и богати; напротив, тој самиот себеси се поставува подолу од сите; сè извинува, сè претрпува (1. Кор. 13,7). Кој има љубов не се превознесува, не се возвеличува, никого не клевети и го одвраќа својот слух од клеветниците. Тој не оди лажно, не се сопнува самиот, ниту, пак, поставува сопка за нозете на брата си. Тој не соперничи, не завидува, не гледа со око полно со омраза, не се радува на падот на другите, не го оцрнува паднатиот, туку сострадува со него и зема удел во неговата тага, не го презира својот брат во неговите потреби, туку се застапува и е готов да умре за него. Кој има љубов, ја исполнува волјата Божја, ученик е Божји. Зашто Самиот наш благ Владика рекол: По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе (Јован 13,35). Кој има љубов, тој никогаш ништо не присвојува за себе, за ништо не вели: „ова е мое“; но сè што има при него, им го дава на сите за општа употреба. Кој има љубов, никого не го смета за туѓ, туку сите му се свои. Кој има љубов, не се раздразнува, не се гордее, не се распламтува од гнев, не се радува на неправдата, не се бави со лага, никого не смета за свој непријател, освен ѓаволот. Кој има љубов, сè извинува… сè претрпува (1. Кор. 4, 7). Затоа блажен е оној кој придобил љубов и се преселил со неа при Бога; зашто Бог ги познава Своите и ќе го прими во лоното Свое. Дејственикот на љубовта ќе биде сожител на ангелите и ќе се зацари со Христа. Поради љубовта и Бог Словото слегол на земјата. Преку љубовта пред нас е отворен рајот, и на сите им е покажан влезот кон небото. Преку љубовта сме помирени со Бога ние, коишто Му бевме непријатели. Затоа со право велиме дека Бог е љубов и кој пребива во љубовта во Бога пребива.

 

За оние кои немаат љубов во себе

Злосреќен и сирот е оној кој е далеку од љубовта. Тој ги поминува деновите во приспивно бладање. И кој нема да заплаче за тој човек, којшто е далеку од Бога, лишен од светлината и кој живее во темнина? Зашто ви велам, браќа: во кого нема љубов Христова, тој е непријател на Христа. Не е лажливец оној кој вели: тој кој го мрази братот свој е човекоубиец (1. Јован 3,15), и во темнина оди (1. Јован 2,11), и лесно паѓа во секаков грев. Оној во кого нема љубов, брзо се раздразнува, бргу паѓа во гнев, веднаш се распалува од омраза. Оној во кого нема љубов, се радува на неправдата на другите, не сострадува со паднатиот, не ја подава раката своја кон оној што има потреба, не дава совет на застранетиот, не го придржува колебливиот. Кој нема љубов, ослепен е со умот, пријател е на ѓаволот, измислувач на секакво лукавство, причинител е на кавги, пријател е на злоречивите, тој е собеседник на клеветниците, советник на злобните, наставник на омразителите, сотрудник на гордоста, сосад на високомерието. Со еден збор: кој не придобил љубов е орудие на противникот, заблудено лута по секаква патека и не знае дека оди во темнина.

 

За кроткоста

Навистина блажен и трикратно блажен е човекот во кого има кроткост. Самиот Спасител и Господ го потврдува тоа, велејќи: Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата (Матеј 5,5). И што е поблажено од ова блаженство, што е повисоко од тоа ветување, што е посветло од таа радост – да се наследи земјата на рајот? Затоа, браќа, откако слушнавте за безмерното богатство на ветувањето, ревнувајте да го придобиете. Побрзајте да влезете во светлината на таа добродетел; направете си ги срцата ризници на милосрдие, откако го слушнавте тоа, и колку што имате сили, погрижете се никој од вас да не биде отстранет од наследството на таа земја и после да не плаче горко во неразумно раскајание. Побрзајте кон кроткоста, откако чувте како се ублажуваа таа, откако чувте што вели за неа, преку Светиот Дух, вистинољубивиот Исаија. При кого ќе го успокојам својот поглед, вели Господ? При кроткиот и молчаливиот и при оној што трепери пред Моето слово (Иса. 66,2). Може ли човек да не се восхити од тоа ветување? Зашто што е пославно од таквата чест? И така, браќа, гледајте никој да не го загуби тоа блаженство, таа безмерна радост и веселие. Затоа, брзајте, брзајте, ве замолувам; здобијте се со кроткост; зашто кроткиот е украсен со секое добро дело. Кроткиот, ако е навредуван, се радува; ако е нажалуван, благодари; гневните ги скротува со љубов; примајќи удари врз себеси, останува цврст; за време на кавга е спокоен, во потчинувањето се весели, не се завлекува од гордоста, во понижувањето се радува, не се превознесува со своите заслуги, не се фали, со сите живее во мир; на секое началство е покорен, за секое дело е подготвен, во секое нешто заслужува одобрување, него сите го фалат. Далеку е од лукавството, далеку е од лицемерието. Не ѝ служи на лукавоста, не се покорува на зависта, се одвраќа од злоречието, не го трпи клеветењето, не ги сака хулителите, се одвраќа од клеветниците. Блажено богатство е кроткоста! Таа е прославувана од сите.