3518

Тажната историја за еден светогорски монах

Kога човек ќе Го остави Бога, тој станува демон. Ако, пак, е свештеник, монах или црковен човек, тој станува седум пати подемонизиран. Тој војува со Бога со јарост, мислиш ѓаволот му плаќа за да ги соблазнува луѓето, да прави нешта кои ни ѓаволот не може да ги направи.

Кога бев на Света Гора, се запознав со еден монах, кој беше многу добар монах. После стана јеромонах. Јас го познавав и го знаев неговиот живот во подробности, зашто се исповедаше кај мене. После тоа и јас самиот многупати се прашував и велев, каков ли ќе стане овој човек кога ќе порасне? Ако сега, на оваа возраст – тогаш беше 27-28 годишен – е ваков, каков ли ќе стане подоцна? Го имав тоа недоумение зашто тој беше навистина човек кој леташе како ракета.

Познавам малку такви монаси. Кога правевме бденија по дванаесет или четиринаесет часа, тој беше како свеќа, ниту еднаш не се проѕеваше во храмот. Не само што не му се приспиваше, туку не се ни проѕеваше. На триесетгодишна возраст беше ракоположен за јеромонах. Кога стана јеромонах, служеше како ангел, солзите течеа од неговите очи како реки, а многупати и на трпеза му капеа во чинијата. Во таква духовна состојба се наоѓаше.

Во еден момент беше испратен по манастирски работи во метох надвор од Света Гора, каде што требаше да остане неколку дена и да служи. Тој отиде во метохот, но беше неопитен, без да ја познава духовната борба и духовните опасности и најверојатно длабоко во себе си имал некакво високо мислење за себе си.

Таму се обрнале кон него различни луѓе, како што и е природно, вклучително и една жена, петнаесет години повозрасна од него, со душевни проблеми, која го побарала и почнала да му ги раскажува своите проблеми. Во почетокот тој пројавил духовно сочувство кон неа и ја ислушал. Отприлика месец и половина подоцна, тој стигна дотаму да ја напушти Света Гора, да го фрли расото и заживеа со неа.

Тогаш од манастирот ме испратија да појдам и да се сретнам со него, да го видам што прави и што се случува. Отидов да го видам, но тој не сакаше да се сретне со нас. Јас му напишав писмо и му го дадов на татко му за да му го предаде. Во писмото му напишав да си спомне каде беше, што правеше, да си спомне за онаа состојба во која што се наоѓаше, за молитвите и Литургијата, за тоа каде беше и каде стигна… Една вечер ми се јави. Бев на Света Гора во својата ќелија, кога доцна вечерта ме повикаа на телефон. Прашав кој е, ми рекоа тој и тој. И ми го кажа следново:

– „Знаеш ли каде сум сега?“

– „Каде си?“

– „Во еден ноќен локал заедно со мојата пријателка и живеам во блудство. Не можам да се сфатам себе си, како стигнав дотука, дури и не можам да помислам повторно да појдам во црква, ниту сакам да појдам…“

И друго ми кажа: „Едно нешто ќе ти кажам: она што отците го пишуваат за благодатта – сè е вистина, како и она кое што го пишуваат за прелеста и за демонското влијание врз човекот е вистина. Јас ти кажувам, зашто ги доживеав и двете нешта. Ја живеев благодатта, го живеев и она што значи да влезе сатаната во тебе.“

 

Гревот е како отровно апче, кое може да е мало и незначително, но ако го испиеш – со тебе е свршено!

 

Оттогаш не го видов повеќе, само од време на време слушам различни работи, дека продолжува да лута во беспаќе.

Ова ви го раскажав зашто во Старечникот и во другите светоотечки текстови има полно вакви случаи. Но, зошто да ги гледаме светоотечките текстови, ајде да го земеме Светото Писмо. Самиот апостол Петар, врховниот апостол, кој бил возрасен, а не, да речеме, петнаесетгодишно момче, кога се нашол во тешка ситуација. Кога се наоѓал оддалечен од Христа на растојание колку што може да се дофрли камен, тој се одрекол од Него. Христос бил таму и Го суделе, а овој рекол: „Не Го познавам! Овој Човек не Го познавам! Се колнам дека не Го познавам!“

Тоа е човекот. Половина час порано извадил нож за да му го отсече увото на слугата што сакал да Го фати Христа. Тој присуствувал кога Христос пролевал крвава пот во агонијата на Гетсиманската градина, бил на Тавор заедно со Него, бил во морето каде што одел врз водата заедно со Него, присуствувал на воскресението Лазарево, присуствувал на сите Христови чуда, зашто Христос секогаш го земал со себе, заедно со Јакова и Јована. Бил врховен апостол и во моментот на страданието избегал. И не само тоа, туку и рекол: „Не Го познавам! Никогаш не сум Го видел Овој Човек!“ Разбирате што е ова? Тоа е човекот.

Светиот апостол Петар паднал сам – Бог не го оставил него, туку овој сам ја оставил благодатта. Зошто паднал? Кој знае… Некои велат дека поради тоа што се возгордеал велејќи: „Никогаш нема да се одречам од Тебе!“ И Христос му рекол:

– „Петре, пред петел да пропее, трипати ќе се одречеш од Мене!“

– „Јас да се одречам од Тебе? Ако треба и ќе умрам за Тебе, но никогаш нема да се одречам од Тебе!

Но, ниту еден ден не беше поминал, и тој се одрече од Него.

Кога човек Го има Бога во себе си, тој е друг човек – милостив, кроток, спокоен, умилителен, се кае, плаче за своите гревови, го чувствува и најмалиот грев, сфаќа и се кае за него, но кога ќе Го остави Бога, тој станува демон. Ако, пак, е свештеник, монах или црковен човек, тој станува седум пати подемонизиран. Тој војува со Бога со јарост, мислиш ѓаволот му плаќа за да ги соблазнува луѓето, да прави нешта кои ни ѓаволот не може да ги направи.

Се сеќавам на еден свештеник од Грција, кој за жал беше занаетчија – немаше ништо духовно во себе, освен расото што го носеше. Тој зеде едно распетие, го закачи на влезната врата од храмот и врз распетието, врз раните на Христа закачи две табли на кои пишуваше: „Не ми плаќаат!“, „Барам донатор!“ Се сеќавам дека некој му кажа за тоа на старец Пајсиј, кој кога слушна, се фати за глава и рече: „Бре, дури ни Евреите не направија такво нешто! Тие над Христос поставија табла со натпис: Исус Назареец, Цар јудејски.“ Јас исто така го видов тоа нешто во тој храм, отидов и ги симнав таблите.

Кога човек кој претходно бил во Црквата – дали е свештеник, или монах, или мирјанин – се оддалечи од Божјата благодат, навистина се претвора во нешто најлошо. Знаете ли дека Сталин завршил семинарија и подоцна го презел цело тоа прогонство против Црквата? Гледате колку пати и со каква јарост се обраќаат против Црквата дури и деца на свештеници.

Навистина ви кажувам, во животот видов многу луѓе што се противат, но тешко тебе ако се работи за црковен човек. Во манастирот (Махера во Кипар, каде што митрополитот бил игумен, заб. на прев.) дојдоа млади луѓе за да станат монаси. Тие беа деца на незаинтересирани родители или на безбожници. Добро, тие родители се спротивставуваа и велеа: „Не сакаме да стане монах!“ Не им се допаѓаше тоа и одредено време не ни зборуваа итн. Но, имавме два случаи кога спротивставувањето беше ужасно. Што да ви кажам?! Неописливо. Едниот случај беше со дете на свештеник, а другиот случај со дете на богослов. Страшно спротивставување од страна на родителите. Добро, другите имаат оправдување, но ти? Црковен човек си.

Затоа треба да внимаваме кога гледаме во Црквата скандали, проблеми, непристојно поведение, нешта за кои велиш дека не би требало да ги прават дури и да им плаќаат. Тоа има духовни причини – кога човекот ќе ја остави благодатта и ќе ја прогони од себе, како што кажува Христос, тогаш доаѓа ѓаволот со седум духови позлобни од првиот, живее во него и неговата последна состојба станува полоша од првата. Станува полош отколку пред да влезе во Црквата. Затоа треба многу да внимаваме.

Кој мисли дека стои, да внимава да не падне. Секогаш треба да бидеме спремни за покајание. Гревот е електричен проводник – ако се допреш до него, нема да те поштеди, струјата ќе те фати. Тоа е како отровно апче, кое може да е мало и незначително, но ако го испиеш – со тебе е свршено!