Среда од Четвртата седмица на Великиот Пост

Св. Игнатиј Брјанчанинов: Надвор од крстот нема живо познание на крстот
Св. Димитриј Ростовски: Треба да знаеме дека Господ не нѐ принудува да го носиме Неговиот Крст, односно да го претрпи истото страдание, какво што Он го прими заради нас. Тој не вели: „Ако сакаш да одиш по Мене, земи го Крстот Мој“, туку вели: „Секој да си го земе својот крст“ (види Матеј 16, 24). Бидејќи Господ наш знае дека ние не можеме да го носиме Неговиот Крст. Но својот, пак, со наша сила и со Негова помош можеме.

Платон, Митрополит Московски: И тој Крст не беше толку тежок за Него, колку што беше олеснителен и спасителен за нас. Неговото бреме – наше успокојување; Неговите подвизи – наша награда; Неговата пот – наше олеснување; Неговите солзи – наше очистување; Неговите рани – наше исцеление; Неговото страдање – наша утеха; Неговата крв – наше искупување; Неговиот Крст – наш влез во рајот; Неговата смрт – наш живот.

Преп. Јован Касијан Римски: Крстот наш е всушност стравот Господов; и како што распнатиот не може да се движи онаму каде што би сакал, така и ние своите волја и желби треба да ги управуваме, не според тоа што ние пријатно и што им годи на нашите похоти, туку според законот на Господа, со Кого ние сме сораспнати. И како што прикованиот на крст не мисли за сегашноста и предметите на своите страсти, не се грижи за утрешниот ден, не сака водство, не се гордее, не спори, не ропта, не тагува по сегашноста, не ги помни поранешните навреди, туку се смета себеси мртов за сѐ вештествено, и мисли само за тоа каде ќе треба да појде по неколку минути, така и ние, приковани со стравот Господов, треба да умреме за сѐ, не само за световните пороци, туку и за сѐ што е световно и целото наше внимание да го насочиме таму каде што би можеле во секоја минута да се преселиме. На таков начин можеме да ги умртвиме сите наши похоти и плотски страсти.

Св. Теофан Затворник: Што е крстот? Секаков вид на неудопство, тежина и мака, како внатрешни, така и надворешни, кои ни стојат на патот на добросовесното исполнување на заповедите Господови, во животот во духот на Неговото учење и барање. Таквиот крст толку се сраснува со христијанинот, што каде е христијанинот таму е и тој крст, а каде го нема тој крст, таму нема ни христијанин. Сеопштата лагодност и животот во задоволства не му приличи на вистинскиот христијанин. Неговата задача е да се очисти себеси и да се поправи. Тој е како некој болен кој има потреба од каутеризација и ампутација, а како може тоа да помине без болка? Тој сака да се извлече од ропството на силниот непријател, а како тоа би можело да се случи без борби и рани? Радувај се кога го чувствуваш на себе крстот, бидејќи тоа е знак дека одиш по Господа по патот на спасението. Потрпи малку. Уште малку крај и венец!