60

За незлобливоста

 

Незлобливоста е чистота на срцето и правилно устројство на разумот. Незлобливоста ја изразува добрината на душата која примила секаква добродетел. Незлобливоста е спротивна на лукавството. Свети Василиј Велики незлобливоста ја нарекува извлекување од гревот која се постигнува со разумот и вели дека називот незлоблив го добиваме по долготрајна молитва и со испитување на доброто и кога потполно ќе искорнеме било каков корен на злото. Незлобливоста е добрина на душата која никогаш не се менува со лукавство, туку секогаш останува непроменлива и дејствува за доброто. Златоуст вели: „Незлобливоста е добра, Господов пример и божествено уподобување, бидејќи Господ е незлоблив и свет.“ Незлобливоста е чувар на душата, прочистување на разумот, смирување на карактерот, мир на помислите, благост на лицето, кроткост на очите, учител на пријателството, мајка на љубовта, сожител на верата, усовршување на праведноста и вистински корен на секоја добродетел и темел на секое добро. Таа не знае за омраза, непозната и е суровоста на гневот, не знае за дејството на злобата, туку е носена како царица на сите добродетели.

Ликот на незлобливиот

Незлобливиот е нелукав, не знае за зло, тој е непосреден, чесен и праведен. Свети Дионисиј Ареопагит ги нарекува незлобливи оние кои не се сомнителни во злото, ниту се преправаат, туку не само што не прават добро за зло на другите, туку, напротив, боговидно и злите ги прават добри и ја простираат на нив својата благост и благо ги повикуваат и тие да го прават истото.
Незлобливиот не е злосторник. Застанал пред лицето Божјо не само во надворешна чесност и престроен во добрина, туку со сето срце. Незлобливиот го благословува Господ, а неговото место е во хорот на праведните. Љубен од Господа, ќе остане верен и Бог ќе се прослави во него во сите дни.