2402

Заповедите

Во една прилика, Митрополитот Месогејски Николај рекол:

„Вистина е дека нашето време го потценува големиот благослов кој го дал Бог: благословот на заповедите. Смета дека исполнувањето на заповедите претставува механичка, јавна етика и дека причината за исполнување на заповедите е обична етикологија која го раѓа пиетизмот. Но, работите не стојат така. Ако обрнеме внимание ќе забележиме дека и Евангелието, и отечките писма, и искуството на Црквата се полни со укажувања за исполнување на заповедите, и ја дефинираат светоста, меѓу другото, и како израз на исполнување на заповедите: „Ако Ме љубите пазете ги Моите заповеди“ (Јован, 14,15), вели Самиот Господ. Обидот за исполнување на заповедите нѐ воведува во реалноста на нашите слабости.

Ние често читаме книга, водиме убав разговор, зборуваме за ширењето на срцето, за воздигнувањето на умот, за духовните искачувања, и по кратко време нѐ прекинува нашиот сопруг или сопруга, реагираме бурно и нервозно. Тогаш каква смисла имаат овие разговори? Ја држиме бројаницата во рака, веројатно се придржуваме и на постите, зашто така нѐ научиле, но, не можеме да ги исполниме заповедите на љубовта, на трпението, на меѓусебната толеранција, на простувањето. Така, се забележува следниот феномен: додека се покажуваме со една традиционалност од монашки карактер, ние всушност сме луѓе со многу тврдо срце. Тоа што ја омекнува душата, удирајќи ја како со чекан, се заповедите и борбата за нивно исполнување. Значи, заповедите постојат од две причини: прво, за да нѐ смируваат, и второ, за да ни ја покажат насоката“.