Зошто мене, Боже мој? (втор дел)

– Сакам да живеам – ми рече. – Но, не дојдов за да ми го потврдите тоа. Дојдов за да ми помогнете да заминам од овој свет подготвена.

– Јас сум свештеник на животот, а не на смртта. – Ѝ одговорив. – Затоа и сакам да живееш. Но, дозволи ми да те прашам нешто: Во текот на твоето испитување, си прашала ли некогаш: „Зошто мене, Боже мој?“.

– Не ве разбирам, отче – ми рече. Јас прашувам: „Зошто не мене, Боже мој?“ И не ја чекам смртта, туку го чекам моето просветлување!

„Благословот“ на болката

Благословени „зошто“! Ги освети самиот Христос на крстот: „Боже мој, Боже мој, зошто си ме оставил?“ Боже мој, зошто ми го направи ова? Што ти направив? Зарем не сум Твој Син? Прашањето е исто со моето; и тоа остана неодговорено. Остана неодговорено феноменолошки. Но, настаните го објавија одговорот.

Такви многубројни „зошто“ излегоа и од устата на многустрадалниот Јов, или од перото на повредениот Давид, двајца луѓе на кои трагичната смрт на нивните деца им го запечати поминувањето низ историјата, и кои често ни се презентираат како единствени примери на вера, истрајност, трпение.

Ова прашање го упатуваме кон Бога, го кажуваме во себе, им го повторуваме на луѓето кои чувствуваме дека посебно нѐ љубат. Го кажуваме главно за да ја изразиме нашата внатрешност, но го кажуваме и очекувајќи го и благиот допир на еден одговор. Но, кој може да даде одговор? Дури и да го знае, кој може да ни го каже?

Свети Василиј Велики обраќајќи се кон нажалениот татко вели дека болката го прави човекот толку чувствителен, што личи на окото на кое му пречат дури и трепките. И најљубезното движење ја зголемува болката на болниот. Тој не ја поднесува ни најдискретната дразба. Зборот кој се кажува како логички аргумент неподносливо му пречи. Само солзата, контактот со недоумицата, молчењето, внатрешната молитва, би можеле да ја олеснат болката, да го осветлат мракот и да родат мала надеж.

Болката раѓа вистина, сочувство, заедничарење

Болката не нѐ буди само нас, туку ја раѓа љубовта и кај оние околу нас. Тие се обидуваат да влезат во наша кожа. Се борат во погодно време да ги поделат со нас нашите чувства, најнепожелни за нив. И го прават тоа. Болката го раѓа нашето трпение, но истовремено го раѓа љубовното поврзување со нашите браќа. Болката ја раѓа вистината. Сочувството на другите го сади и во нашето срце. Таму внимателно се крие и одговорот.

Така во срцето се раѓа утехата, чија сладост и олеснување се многу поизразени како искуства отколку тежината на болката.

Одговорот се раѓа во нас

Научниците велат дека двајца родители можат да направат бесконечно различни деца. Колку што се разликуваат нашите физиономии, уште толку повеќе се разликуваат изразувањата на нивниот внатрешен свет. Исто е и со одговорите на овие големи прашања. Доколку некој трет ни даде еден божем „точен“ негов одговор, ќе ги уништи различноста и личносниот карактер на нашите одговори – на свештените одговори кои за секого од нас Бог ги сочувал. Божемната мудрост на кој било мудрец ќе ја прекрши вистината и слободата на Бога во нас.

Голема грешка е да го чекаме одговорот надвор од нас, од другите. Кој мудрец? Кој просветлен? Кој философ? Кој свештеник, сигурен во исправноста на неговите аргументи, го знае одговорот на толку личното „Зошто“? Одговорот може да се открие само внатре во нас. Не во божем сличните случаи, ниту во помпезните книги, ниту пак, во рецептите за утеха и мудрост. Одговорот не постои некаде, не го знае некој. Одговорот се раѓа во нас. Нашиот одговор е дарот од Бога.

Болката нѐ вади од човечките норми

На крај овие „зошто“ ги немаат одговорите што нашата сиромаштија и слабост ги очекува. Обично остануваат неодговорени во оваа логика. Затоа и Христос за смртта не кажа многу нешта. Едноставно Самиот ја избра и страдаше како никој друг. И кога воскресна, од Неговата уста излезе повеќе здив, а помалку зборови. Не рече ништо за животот и смртта – само го прорече мачеништвото на Петар. Болката нема одговор во аргументите. Ниту, пак, неправдата и смртта се соочуваат со логиката. Овие проблеми се решаваат со вдахновението и здивот кои само Бог ги дава. Се решаваат со Светиот Дух. Се надминуваат со смирено примање на волјата Божја, која е толку вистинита, но обично и толку неразбирлива.

На неговиот пат, испитувањето е пропратено со ударите на неодговорените прашања. А ние, потпрени на „можеби“, „зошто“, „доколку“, ги негуваме надежите и го одржуваме преживувањето во овој свет, чекајќи нешто сигурно и стабилно. Но, тоа обично не се препознава во решението кое ние го предлагаме, туку се наоѓа во неочекуваната, надумна божествена утеха. Секој обид таа да се замени со човечки опции нѐ обесправува нас самите. Секое ограничување во примката на рационалните одговори нѐ паѓа во подлабока стапица на нашата драма. Во дијалогот со болката, неправдата и смртта, мора да излеземе од човечките норми. Ова не е само излезот, туку и придобивката од страдањето.

Ексклузивната можност

На крај, можеме да го поставиме прашањето, а одговорот, пак, треба да го чекаме. Или Бог не постои, или допушта страдање за да ни даде една ексклузивна можност. Доколку не беше распнувањето, немаше да има воскресение. Христос ќе беше еден добар учител – не Бог. Бог ја дава можноста. Нам ни останува да ја видиме и да ја вреднуваме. Радоста, пак, и содржината на оваа можност е многу поголема од јачината на болката во испитувањето.

Смртта, болката и неправдата се тајни кои ги нарушува било каков одговор. Во овие случаи вистината не се изразува како мислење или аргумент, туку се произнесува со смирение и заедничка болка. Текот на нештата во ограниченоста на животот и смртта, на соблазната и на славословието, на чудото и на неправдата, се среќава и со кривини и скришни агли, каде што се чува вистината на животот. Доколку го избегнеме искушението да паднеме, тогаш ја откриваме вистината, во таков облик, во кој ниту сме ја замислувале. Доколку некој успее да ја прегрне болката, таа раѓа невидени чувства и открива реалност која на друг начин не може да биде видена. Предизвикот не е да се случат настани и откровенија: тие постојат. Предизвикот е да ги отвориме очите за да можеме да ги видиме.

За жал неоспорна вистина е дека: обично само губејќи го најпосакуваното, ги препознаваме и добиваме големите нешта.

Сигурно е дека болката и неправдата не можат да ја укинат љубовта Божја. Бог постои. Тој е љубов и живот. Совршената љубов и полнотата на животот. Најголемото чудо на Неговото постоење е Неговото сопостоење со болката, неправдата и смртта.

Веројатно и најголемиот предизвик за секого од нас е сопостоењето со нашата лична болка, прегратка со сите овие најдлабоки „зошто“, исполнета со надеж, смирено внатрешно сопостоење со чекањето на Бога во „неправдите“ кои мислиме дека Он ни ги прави.

Пред неколку дена ми пристапи една млада девојка, чие животно кандило изгледа дека се гасне. Во нејзината неподнослива болка ја препознав надежта. Во нејзините насолзени очи ги препознав радоста, силата и мудроста.

– Сакам да живеам – ми рече. – Но, не дојдов за да ми го потврдите тоа. Дојдов за да ми помогнете да заминам од овој свет подготвена.

– Јас сум свештеник на животот, а не на смртта. – Ѝ одговорив. – Затоа и сакам да живееш. Но, дозволи ми да те прашам нешто: Во текот на твоето испитување, си прашала ли некогаш: „Зошто мене, Боже мој?“.

– Не ве разбирам, отче – ми рече. Јас прашувам: „Зошто не мене, Боже мој?“ И не ја чекам смртта, туку го чекам моето просветлување!

Превод од грчки: Виктор Недески


Од книгата „Пограничен човек“, од неодговорените дилеми кон преминот на „другата логика“, Охрид 2015, стр 12-24