Како христијанинот да не се изгуби среде новогодишната суета

Се приближува великиот и светол празник Рождество Христово, во пресрет на кој ние постиме, се молиме и на секаков начин се подготвуваме достојно да го пречекаме. Но во денешно време на христијанинот му е сѐ потешко да се подготви себеси за пососредоточено доживување на овој празник. Виновник за тоа е предновогодишната суета, неконтролираното пазарување и грижа во врска со тоа каде и како да се дочека граѓанската Нова Година. Како среде сите тие светликави украси да не ја загубиме ревноста за постот и во сета полнота да ја почувствуваме радоста на Рождеството Христово?

Крајот на годината за луѓето е исполнет со безброј преживеалици: треба навреме да се завршат сите обврски, да се купат на сите подароци, да се обезбеди храна и пијалок, да се украси елката, да се појде на забава, да се реши каде да се појде на гости, каде да се дочека Новата Година итн, итн, итн…..
И кој, при сето тоа, воопшто да помисли на Рождеството Христово!

Но ако сепак се решиме да ја отфрлиме од себе оваа новогодишна треска и да помислиме само каков тоа празник ние славиме, уште од почеток ни станува јасно, колку неспоредливо побезначаен е овој празник од самите подготовки за него. Ние го празнуваме годишниот круг на Земјата околу Сонцето, заборавајќи на тоа дека Бог, Кој го создаде нашиот свет, дојде кај нас луѓето, за да стане еден од нас, не престанувајќи да биде Бог. Дојде за да ја прими на Себе човечката природа и да ги избави сите луѓе од ропството на гревот.

Не му приличи на патникот кој тргнал на далечно патување, да го гледа само ритчето пред себе и притоа да не обраќа внимание на големата планина зад него. Веројатно ако се настрои да се искачи на ритчето, тој ќе биде во состојба да ја совлада и високата планина. И морепловецот, кој се подготвува за долга пловидба, треба неизоставно да биде така спремен, што да може да го помине не само пристаништето, туку и океанот, што се простира зад пристаништето. Така и ние, припремајќи се за дочекот на Нова Година, треба пред сѐ духовно да се подготвуваме за празнувањето на Рождеството Христово. А Новата година нема да ни побегне.

Сепак, треба да се каже дека и Црквата ја празнува Новата Година, но ја поминува сосема поинаку: во пост и благодарност кон Господа. И тоа е радост, ама онаа другата- духовната. За христијанинот Новата Година е семеен празник. Тогаш не приличи да се оди на забави. Уште повеќе што на 1-ви јануари Црквата го слави споменот на светиот маченик Бонифациј, на кого му се упатуваат молитви за избавување од гревот на пијанство. И зошто токму на тој ден нашите млади луѓе ни најмалку не го почитуваат споменот на светиот, кој помага за надминување на страшните пороци на пијанство и разврат?

Божикниот пост нѐ приведува кон подлабоко и поблагодатно доживување на Рождеството Христово. Постот – тоа е период кога ние повеќе време одвојуваме за духовната страна на својот живот: читаме повеќе книги со духовна содржина, учествуваме на богослужбите, се исповедаме и причестуваме. Што би можеле тогаш да Му принесеме на Бога на дар? Само нашето скрушено срце, воздржание, мир во душата и со ближните. Не е постот само воздржание од храна, туку и од неприлични забави. Сепак во овој период на Божиќниот пост некогаш е многу тешко за верник со роднини и блиски кои се далеку од Црквата. Тие се предаваат на суета, се подготвуваат за новогодишната трпеза, шетаат по продавниците во потрага по подароци и забораваат на она најглавното – душата. Како среде сета таа еуфорија да не се изгуби христијанинот? Како да не ги навредиме роднините и да не го нарушиме постот? На тоа прашање е тешко да се одговори, но сметаме дека за сѐ може да се најде „златна средина“. Не е страшно и да се одбележи Новата Година, знаејќи дека таа никогаш не може да ја замени радоста на Рождеството.

Ако на вашите роднини и пријатели им е драг новогодишниот дочек, најпосле, не приличи да ги вознемирувате. Наместо тоа, би можеле скромно да поседите со нив на трпезата, да си спомнете за сите убави моменти од годината што си заминува и да Му заблагодарите на Господа за онаа што доаѓа. Кога ја славиме Новата Година со своите неоцрковени роднини и блиски, тоа го правиме не од задоволство, туку од љубов кон нив, снисходејќи на нивната слабост. Зашто Господ вели: „Милост сакам, а не жртва.“ Понекогаш ние ги одвраќаме луѓето од Црквата со своето нетактично однесување.

Проблемот не е во тоа дали да се одбележи или не Новата Година, туку во тоа како да се одбележи таа. Тоа не значи дека ќе се наруши постот. Можете убаво да поминете и со посен оброк. Најпосле, добрата, пријателска атмосфера не ја создаваат јадењето и пиењето, туку нашето настроение. Целта е не да се поткрепиме со храна, туку да ја поткрепиме душата на нашите ближни, радувајќи се и дарувајќи им радост.

Она што луѓето ги привлекува кон Црквата не се долгите проповеди и убедувања дека постои Бог и дека неизоставно е задолжително да се оди на богослужби, туку топлиот човечки однос кон нив. Значи, кога луѓето ќе ја почувствуваат христијанската љубов, кога ќе видат дека таа љубов го прави христијанинот поинаков и подобар од останатите. Во семејниот живот, на пример, треба секогаш да има компромис. Ако на својот сопруг, или на својата сопруга ѝ направиш отстапка па поседиш со него/неа на новогодишната трпеза, тогаш и твојот сопружник можеби ќе се реши да дојде со тебе во црква на Рождество.

За православните, побожни луѓе и нивните оцрковени роднини, секако, не е задолжително да ја одбележуваат Новата Година – тоа не е црковен празник. Но не е грев и доколку скромно ја дочекаат со посна трпеза и во кругот на семејството. За современиот човек, кој сѐ помалку и помалку време поминува со своите домашни, тоа би било добар повод да се биде со семејството.

Особено е убаво во деновите после Нова Година. На улиците необчна тишина и спокој, слободно време на претек. За луѓето навикнати на големи бучави, бескрајни редици и гужви во средствата за јавен транспорт, тоа е навистина благодатна можност во тишина и спокојство да се подготват за претстојното големо торжество – празникот на Раѓањето на нашиот Господ Исус Христос.