129

Митрополит Наум Струмички: Најприродно е БПЦ да биде наша Мајка-црква

Голема лага е дека Вселенскиот патријарх веднаш ќе го прекрати евхаристиското општење со Бугарската православна църква /БПЦ/, ако таа влезе во евхаристиско општење со Македонската православна црква – Охридска архиепископија /МПЦ – ОА/.

Тоа се вели во специјалната анализа за БГНЕС на струмичкиот митрополит Наум, ден пред Бугарската патриаршија да го разгледа писмото на МПЦ. Во него таа моли да биде призната како независна црква, а исто така бара БПЦ да стане нејзина „Црква-Мајка“. За нејаснотиите односно врската меѓу Бугарската православна црква и Македонската православна црква – Охридска архиепископија:

  • Барањето на МПЦ да ја прифати БПЦ како „мајка Црква“ – како услов за признавање на автокефалноста на МПЦ – ОА, е барање кое со години наназад го слушаме од некои бугарски архиереи. Ова барање МПЦ го смета за нормално, логично и потребно, затоа што некоја Црква и така мора да се јави како „мајка Црква“, која ќе нѐ извлече од изолацијата што ни е наметната од СПЦ и која, потоа, ќе нѐ заштитува, застапува и претставува пред Вселенскиот Патријарх и останатите православни цркви; а најприродно тоа може да биде само БПЦ. „Мајка Црква“ не е толку заедничко минато, колку што е заедничка иднина во Богочовекот Христос. „Мајка Црква“ е љубов.
  • Од моментот кога БПЦ ја признава автокефалноста на МПЦ – ОА, двете Цркви стануваат „сестрински Цркви“, што значи дека ќе бидат рамноправни, но улогата на БПЦ како „мајка Црква“ тука не престанува во однос на другите православни цркви – БПЦ и натаму ја има честа, пред Бог, да нѐ заштитува, застапува и претставува пред Вселенскиот Патријарх и останатите православни цркви сѐ додека МПЦ не го добие „томосот за автокефалност“ од Вселенскиот Патријарх. Односот „мајка Црква“ суштински престанува со чинот на самото признавање, но како почест, благодарност и љубов – вечно трае.
  • Некои луѓе од Бугарија велат: „Што ќе ни се две цркви кога и од двете страни на границата живее ист народ?“ И да е така, само ќе ги потсетиме дека грчкиот народ, иако е еден, има пет цркви: Александриската, Ерусалимската, Кипарската, Грчката и Вселенската патријаршија.
  • МПЦ – ОА е канонски независна, слободна и црква која не е под ничија канонска јурисдикција. Оваа своја самостојност МПЦ – ОА ја добива со Одлуката на СПЦ од 1959 година, во која се вели: „Светиот Архијерејски Сабор констатира: дека епархиите скопска, охридско-битолска и злетовско-струмичка на црковно-народниот собор одржан на 4–6 октомври 1958 год. во Охрид се издвоиле во самостојна Македонска Православна Црква, која се управува по Уставот донесен на тој Собор…“ А во точка 6 се вели: „Со оваа Одлука престануваат да важат прописите на Уставот на Српската православна црква за епархиите и архијереите на територијата на НР Македонија“. Така што, БПЦ со признавањето на МПЦ, или со сослужување со нејзините епископи, не се меша во ничија канонска јурисдикција.
  • Воспоставувањето на евхаристиската заедница помеѓу БПЦ и МПЦ – ОА е природна последица дури и на „Договорот за пријателство и соработка меѓу Р. Бугарија и Р. Македонија“ и е во согласност со евроатлантските интеграциски процеси кон кои се стреми Р. Македонија со помош на Р. Бугарија. Затоа, оние што се противат на ова единство се противат и на гореспомнатите процеси, и соодветните служби треба да проверат дали тие луѓе работат за интереси туѓи на интересите на двете држави, или тоа го прават од незнаење. Од кои, според Светите Отци, незнаењето е најголемото зло.
  • Голема лага е дека Вселенскиот Патријарх веднаш ќе го прекине евхаристиското сослужување со БПЦ доколку БПЦ влезе во евхаристиско сослужување со МПЦ – ОА. Прво, Вселенскиот Патријарх е свет човек и добро се грижи за единството на Црквата и нејзините отворени рани. Второ, по правило, би испратил писмо до БПЦ, барајќи објаснување за нејзиниот потег. Трето, попрво би се ангажирал околу смирување на евентуалните црковни недоразбирања отколку да заземе страна. Четврто, ако случајно не му се допадне потегот на БПЦ – што не веруваме, тој би испратил второ писмо за барање на прекин на евхаристиската заедница помеѓу БПЦ и МПЦ – ОА. Петто, доколку БПЦ и МПЦ – ОА не го послушаат – што нема да се случи, тој треба да свика таканаречен Мизон Синод со претставници – епископи од други помесни православни цркви, на кој би се одлучувало за новонастанатата ситуација итн. Доколку Вселенската Патријаршија сакаше да го прекине сослужувањето со БПЦ, многу поголема причина беше неучеството на БПЦ на соборот во Крит отколку сослужување со МПЦ – ОА.
  • И на крај, во светот на глобализацијата, повеќе е веројатно дека ќе нѐ молат да влеземе во единство со православните цркви, или дури и ќе нѐ натераат сосила, отколку и понатаму да бидеме изолирани. Во случај на брзо решавање на спорот што Грција го има со нашето име сигурно ќе се реши и статусот на МПЦ, а БПЦ дури тогаш ќе сфати што, пред Бог, пропуштила.

Извор: БГНЕС