Темната страна на facebook

Автори на истражување од областа на психологијата утврдија врска помеѓу фејсбук (и другите социјални мрежи) и деструктивното однесување. Тие стигнаа до заклучокот дека фејсбукот и другите социјални мрежи создаваат почва за развој на преголемо самољубие и површно пријателство. Научниците утврдиле посредна врска помеѓу количеството на пријатели на фејсбук и степенот на „асоцијален, агресивен“ нарцисизам. Тоа ги потврди тврдењата на многу скептици за штетата од социјалните мрежи. Утврдено било дека луѓето кои покажувале високи резултати во личната анкета за пројавите на нарцисизмот (Narcissistic Personality Inventory), имале многу пријатели на фејсбук и почесто коментирале и постирале свои вести.

Ова истражување се појавува во време кога излегуваат на површина сè повеќе показатели дека кај младите луѓе се зголемува нивото на нарцисизам и самољубие, а пријателските односи стануваат сè поповршни. Неодамнешната публикација Personality and Individual Differences исто така потврдува дека луѓе со нарцисоидно растројство на личноста реагираат агресивно на критичките коментари на своја сметка, напишани на „ѕидот“ во социјалната мрежа, и почесто од другите ги менуваат фотографиите во својот профил.

Врската помеѓу нарцисизмот и фејсбукот беше спомнувана и во поранешни истражувања, но последното докажа непосредна врска помеѓу големиот број на пријатели на фејсбук и најдеструктивните елементи на нарцисоидното растројство на личноста. Научниците на Универзитетот во Западен Илиноис го проучувале однесувањето на фејсбук на 294 испитаници на возраст од 18 до 65 год., и го оценуваа нивото на двата „социјално деструктивни“ елементи на нарцисизмот – егзибиционистичката потреба од внимание и експлоататорскиот стил на меѓу- личносните односи.

Егзибиционистичката потреба од внимание вклучува „егоцентризам, суетност, чувство на сопствено првенство и склоност кон егзибиционизам“ Луѓето со висока застапеност на тој аспект на нацисизмот имаат постојана потреба да бидат центар на внимание. Тие често кажуваат шокантни, или многу разобличувачки нешта, бидејќи за нив е неподносливо да останат незабележани или да испуштат прилика за самореклама.

Експлоататорскиот стил во односите се состои во „неопходноста да ја освојуваш почитта на другите луѓе и стремежот да ги манипулираш и ползуваш за свои цели“.

Авторите на истражувањето утврдиле дека колку повеќе поени има човекот во поглед на егзибиционистичката потреба од внимание, толку повеќе пријатели има тој на фејсбук. Некои учесници имале над 800 пријатели.

Луѓето со висока потреба од внимание и со експлоататорски стил на меѓуличносни односи исто така почесто одговараат потврдно на поканите за пријателство од непознати луѓе, а исто така почесто се обраќаат за поддршка кон социјалната група, додека тие самите ретко поддржуваат кого и да било.

Карол Крејг, социолог и директор на Центарот за самодоверба и благосостојба (Centre for Confidence and Well-being), смета дека младите луѓе во Велика Британија сè повеќе страдаат од нарцисизам, а фејсбук е платформата за развој на тоа растројство на личноста. „Во наше време во училиштата сè повеќе се става акцент врз важноста на самооценувањето – врз тоа како децата изгледаат во очите на околината. Тој метод на воспитување го позајмивме од САД и гласи: ‘Сè зависи од тебе!‘ Фејсбук на човекот му обезбедува и платформа за самореклама: Таму може постојано да ги менуваш и сликите од профилот и на сите да им покажуваш колку пријатели имаш. Знам луѓе кои имаат повеќе од 1000 пријатели“.

Според научниците сè уште е тешко еднозначно да се тврди дека појавата на определени модели на однесувања на фејсбук се индивидуални пројави на нарцисизам или обратно – дека тие модели на однесување на фејсбук водат до развојот на индивидуални пројави на нарцисизам, или, пак да се тврдат и двете работи заедно. Авторот на истражувањето Кристофор Карпентер вели: „Како целина темната страна на фејсбук треба подетално да се проанализира, што би овозможило подобро да се ориентираме во поглед на позитивните и негативните аспекти на оваа појава во општеството, за да можеме да ги развиеме првите, а неутрализираме вторите.